X
 19.05.2016 Образование

Запознајте го Дарко Божиновски, младиот иноватор - добитник на многу награди

Дарко е студент на докторски студии по информатика и добитник на многу награди. Еден од последните негови проекти стана популарен во земјава - „Agriculture drones MK“. Се работи за земјоделски дронови кои имаат цел да им помогнат на земјоделците во работата. Зборуваме со Дарко за овој проект и неговата работа.


Факултети: Дарко, кажи ни нешто повеќе за проектот со дроновите. Каде ја гледаш неговата примена? Откаде идејата?

Дарко: Идејата со која учествував во полуфиналето на GIST Start Up Boot Camp произлегува од работата на мојата докторска дисертација и се нарекува Аgriculture Drones MK. Toa e решение кое се состои од земјоделски дронови кои имаат за цел да им помогнат на земјоделците во нивната работа за подобар менаџмент со наводнувањето и справувањето со болести со насадите. Целта е со користење на концептот наречен “precision agriculture” којшто преставува нов земјоделски пристап да се креираат детални мапи кои ги прикажуваат критичните области во насадите каде е потребно да се обрне дополнително внимание. Тоа ќе овозможи навремен и поефикасен преглед на насадите со што ќе се озовможи зголемување на профитот кај земјоделците. Тимот од Италија со кои работам заедно за време на мојата докторската дисертација имаат добиено грант со којшто работат на софтвер “FLYAQ” (http://www.flyaq.it/) кој ќе овозможи луѓе кои не се експерти во работата со дронови да извршуваат најразлични задачи.

Мојот концепт е базиран на нивната open-source плафторма за планирање на мисии на дронови. Со нивната платформа на графички начин се креира задачата што би сакале дронот да ја изврши од којашто потоа автоматски се генерира детален план за летот на дронот. По стартувањето дронот го следи генерираниот план за лет.


Факултети: Меѓу твоите успеси стојат и повеќе награди, како онаа за најдобра апликација за климатски промени од Светската банка. Кажи ни нешто повеќе за тоа.

Дарко: Toa беше проектот Climate for Children на којшто работев додека бев на додипломски студии на Факултетот за Информатика при Фон Универзитет заедно со асистентот Ѓорѓи Какашевски и професорката Солза Грчева. Проектот претставува прототип на мултимедијални интерактивни презентации и игри кои може да се користат на интерактивните табли во основните и средните училишта. Овие презентации користат различни групи на отворени податоци од Организации како Светска Банка и имаат за цел да го направат процесот на учење поинтересен за учениците, да ја зголемат нивната мотивација, и притоа да ги запознаат учениците со последиците од климатските промени и како може тие да придонесат во овој процес. Со овој проект учествувавме на неколку светски натпревари каде ги има добиено следниве награди:
   
•"Popular choice award” на натпреварот Apps for Climate Change организиран од Светска Банка (http://goo.gl/s8j6f) (САД, 2012)

•Победници на “European Youth Award” (http://goo.gl/VMZoh) во категоријата Go Green (Австрија, 2012)

•Победници на “World Youth Summit Award” (http://goo.gl/RC1Wc) во категоријата Go Green (Канада, 2012)

•Финалисти на Innovact - Forum for Innovative Start Ups (http://goo.gl/me10f) (Франција, 2013)

•Бронзен медал на Incredible Green Contest организиран од Acer (Тајван, 2013)

•Победници на “Global Junior Challenge” во категоријата ICT for environment sustainability (Италија, 2015)

Факултети: Каков беше твојот пат кон успехот? Како стигна дотука?

Дарко: Па не знам дали ова би можело да се дефинира како успех. Не сум размислувал на тој начин. Работам на нешто што ми е интересно во овој момент и среќен сум. И продолжувам со тоа. Моментално оваа работа ми е доста занимлива и интересна и тоа и го правам.

За мојот пат дотука огромна заслуга има моето семејство. Целосно ја имав нивната поддршка во секој чекор кој го правев во минатото. Не можам да претпоставам што би се случило доколку ја немав нивната поддршка. Тоа беше среќна околност за мене. Не беше воопшто лесно, но некако успеав да се држам мотивиран во текот на целото време и сега правам нешто што сакам. Покрај моето семејство голема благодарност имам кон моите професори и асистенти. Тие беа достапни во текот на целиот наставен процес и тоа што бев вклучен во дел од нивните проекти ми помогна доста во понатамошната кариера.



Факултети: На што работиш во моментов и кои се твоите планови и амбиции за иднина?

Дарко: Моментално работам на мојата докторска дисертација. Јас сум студент на докторски студии во Италија на истражувачкиот центар “Gran Sasso Science Institute” каде што работам на теми поврзани со безбедност и адаптација на тимови од мобилни роботи. Притоа голем дел од вниманието ми е насочено на дронови. Во овој момент сум во Шведска на неколку месеци каде што со мојот ментор работиме со дроновите како системи кои се критични по однос на нивната безбедност за користење и во однос на нивните задачи кои ги извршуваат. Во блиска иднина, како Fulbright стипендист ќе oдам како visiting PhD student researcher на Carnegie Mellon University каде што ќе работам со друг професор којшто е голем експерт во областа на адаптабилни системи.

Мојата амбиција во иднина е да работам на истражувања поврзани со (self-adaptive systems) адаптабилни системи кои што извршуваат одредена задача во околина која што не е контролирана и знае да биде многу непредвидлива. Притоа, потребно е тие системи да знаат како да извршатадаптација под различни околности. Како примери за ваквите системи би ги споменал: дроновите, беспилотните автомобили и сите останати видови на беспилотни возила.

Факултети: Кој би бил твојот совет за македонските студенти?

Дарко: Мојата препорака до македонските студенти, а и воедно до останатите млади луѓе во Македонија, е да работат напорно на тоа што им страст и важно во нивниот живот. Многу е важно е да најдат начин да се мотивираат и притоа да останат мотивирани и во случај на неуспех. Со моменталната ситуација во Македонија можам да сфатам дека е многу тешко млад човек да остане мотивиран, но доколку се успее во тој процес, успехот е загарантиран. Друг важен аспект за стигнување до целта е развивањето на дисциплина. Во моментите кога мотивацијата не е на највисоко ниво, важен аспект е развивањето на дисциплина која може да ти помогне многу во ивршувањето на задачите. Тие се два аспекти на којшто секој млад човек мора да работи, доколку сака да оствари одредена цел. Би сакал да завршам со мисла на Сенека којашто за прв пат ја чув од еден од асистентите на мојот факултет кога бев на додипломски студии: “Luck Is What Happens When Preparation Meets Opportunity”. Доколку работите на себе, ќе дојде моментот кога ќе добиете одредена можност. Во тој момент потребно е да бидете подготвени.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование