X
 26.05.2016 Образование

Четворица архитекти од Македонија #заедно создадоа комплексен, масивен тунел, долг 15 метри

Архитектите од „Стоун дизајн-Скопје“ создадоа комплексен, масивен тунел, долг 15 метри. Завиен е како чаура, а кога ќе влезете не го гледате излезот. Обложен е со метален инокс. Почнува со височина од 2,2 метра, на средината достигнува 3,5 метри, па пак се спушта до 2,2 метра. Внатре има три иконични објекти од познати светски автори и неколку современи авторски објекти. Сите се со боја на песок


Четворицата млади архитекти од Скопје, Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски #заедно со својот проект „Ничија земја“ ќе ја претстават Македонија на годинашното 15. Биенале за архитектура во Венеција кое ќе биде отворено во сабота и ќе трае до 27 ноември. Македонскиот павиљон е сместен во Артиљерие, најпрестижниот дел на старата оружарница Арсенале. Нашата изложба ќе биде отворена денеска, во 17.30 часот, а ќе ја промовира министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Денеска и утре светската манифестација е отворена само за професионалци и медиуми. Комисиите интензивно ќе ги разгледуваат и оценуваат проектите и ќе одлучат кому да ги доделат наградите „Златен лав“.

На годинашното Биенале, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја, а за првпат учествуваат Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната атхитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на наградата Прицкер, која често се нарекува и Нобелова награда во архитектурата. Тој ја даде и главната тема на биеналето - „Извештај од фронотот“, на која требаше да одговорат сите учесници.

Фиктивниот град како опција

Аравена избра 88 учесници од 37 земји да се претстават на главната интернационална изложба. Од нив 33 се помлади од 40 години, а дури педесетмина излагаат за првпат на Биеналето. Сите учесници на манифестацијата можеа да опфатат социјални, политички, економски и теми поврзани со околината.

Македонските архитекти од студиото „Стоун дизајн-Скопје“ ја претставуваат Македонија на национално ниво, за што добија целосна поддршка од Министерството за култура.

Архитектите повеќе месеци работеа на темата „Миграција“. Стојан Павлески, кој воедно е куратор на нашето претставување вели дека ја одбрале темата „Миграција“ и тоа не само поради актуелната состојба со Сирија.

- Размислувавме за присилната, економската, миграцијата во секој поглед. Се обидуваме да посочиме дека архитектот може да одговори на некои општествени прашања, да наметне свое мислење и да понуди решение - вели Павлески.



Тие проектот го подготвуваа во скопската фабрика „Раде Кончар“. Создадоа комплексен, масивен тунел, долг 15 метри. Завиен е како чаура, а кога ќе влезете не го гледате излезот. Обложен е со метален инокс. Почнува со височина од 2,2 метра, на средината достигнува 3,5 метри, па пак се спушта до 2,2 метра. Внатре има три иконични објекти од познати светски автори и неколку современи авторски објекти. Сите се со боја на песок.

- Внатре е сместен градот кој ние го нудиме како опција. Тоа е замислен град, фикција. Целта на темата е да се направи паралела меѓу јавното и приватното, како се гледа архитектот денес, во ова пребрзо време на живеење - вели Павлески.

Ако знаеш да го искористиш, ќе добиеш многу

Комесар на нашето претставување е Иванка Апостолова, соработници на проектот се Влатко Чавкоски, Натали Павлеска и Ристо Кокалановски, а советници се Јован Шумковски и Станко Павлески.

Од Министерството за култура велат дека Венециското биенале за архитектура е најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво.

- Павилјоните на националните претставници на земјите учеснички се лоцирани на повеќе локации, меѓу кои и „Џардини“, каде се најстарите национални павилјони, вклучувајќи го и централниот павилјон на меѓународната изложба и „Арсенале“, стар воен локалитет во кој се наоѓа и објектот Артиљерие во кој е лоциран македонскиот павилјон. Македонските архитекти во континуитет се претставуваат веќе седум години. Овој врвен архитектонски настан, кој ја антиципира и моделира современата архитектонска мисла го посетуваат повеќе од милион посетители и повеќе илјади новинари и репортери од целиот свет. Учеството на Македонија на оваа интернационална манифестација претставува одлична можност за афирмација на македонската култура и нејзините вредности во меѓународни рамки - велат од Министерството.


Павлески вели дека е чест е дека си национален претставник бидејќи ја претставуваш државата. За тоа што значи на индивидуален план, тој додава:

- Ако знаеш да го искористиш, сигурно би добил многу.

#Заедно 17 години, реализирани 300 проекти

#Заедно ги врзува взаемната љубов кон модерна, урбана и софистицирана архитектура. Во 1999 година четворицата студенти, Љупчо Тасевски, Стојан Павлески, Иван Симеонов и Ѓорѓи

Радовановиќ го основале „Стоун дизајн“, македонско архитектонско студио за дизајн, специјализирано за архитектура, урбанистички развој и проекти за дизајн на ентериери.

- Предизвикани од идејата за поместување на границите и донесување на свеж воздух во македонскиот архитектонски дизајн, заедно тргнаа на возбудливо архитектонско патување. За кусо време компанијата стана препознатлива по својот единствен стил. Внимателно филтрирајќи ги идеите, тимот на „Стоун дизајн“ имплементира рафинирана естетика во бројните проекти – јавни објекти, инфраструктура, канцеларии, резиденции, урбани мастер планови до проекти од специјална категорија – пишува на веб страницата на „Стоун дизајн“.

Низ изминатите години тимот се проширил, а студиото било вклучено во повеќе од 400 проекти во регионот. Од нив 300 се реализирани проекти. Тимот денес се состои од 12 вработиени, секој од нив специјалист во својата област. Сите #заедно функционираат како студио за дизајн со широки погледи на светот каде сите идеи се креирани еднкави, „но само најсилните преживуваат“.



Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование