X
 26.05.2016 Образование

Интервју со доцент д-р Сања Aтанасова: "Ќе ги подготвиме матурантите за матурата по математика"

Факултетот за електротехника и информациски технологии, на почетокотна јуни, организира подготовителен курс по математика за сите средношколци – матуранти. Во врска со ова разговаравме со доцент д-р Сања Aтанасова од Институтот по математика и физика на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.


Институтот за математика и физика одлучи да организира подготвителен курс по математика за матурантите од средните училишта во Македонија. Која беше причината за ваквата одлука?

- Подготвителната настава по математика и физика за идни студенти е долга традиција на Факултетот за електротехника и информациски технологии секогаш се реализира на почетокот на учебната година. Оваа година одлучивме порано да ја реализираме оваа идеја имајќи го в предвид податокот дека се ближи државната матура. Затоа, Институтот реши подготвителната настава по математика да биде во облик на курс за матурантите. Курсот би бил од особено значење во нивната подготовка за државната матура по математика.

Кој може да учествува на курсот и како да се пријави? Како ќе се организира наставата?

- На курсот може да се пријават сите матуранти кои сакаат да го повторат градивото по математика предвидено во програмата за матура. Наставата ќе започне на 30-ти мај и ќе трае до 7-ми јуни, односно во 7 работни дена. Секој ден се предвидени по 3 часа работа или вкупно ќе се одржат 21 час. Пријавувањето е во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Повеќе информации може да се најдат на веб страната на ФЕИТ преку линкот: http://feit.ukim.edu.mk/fakultet/kursievi/podghotvitielien-kurs-po-matiematika-za-maturanti

Дали на курсот треба да се пријават само средношколци што полагаат државна матура или може и средношколци кои полагаат училишна матура?

- Курсот по математика ќе се реализира според програмата по математика за државна и училишна матура. Тоа значи дека на него може да се пријават и едните и другите.

Каква е статистиката со резултатите по математика во Македонија во однос на регионот? Може ли и како да ги подобриме овие резултати на стратешко, државно, ниво?

-Постојат различни истражувања (ПИСА, ПИРЛС, ТИМСС, ЕСЛЦ и други) за знаењата на нашите ученици и не рангираат различно, според одредени критериуми. Релевантните податоци од овие меѓународни тестирања се дека нашите основци и средношколци, во нивните знаења, се зад своите врсници од регионот и пошироко. Општ впечаток е дека математиката не е доволно негувана наставна дисциплина и потребно е децата од мала возраст да се запознаат со нејзините убавини. Тоа се разбира вклучува поголем фонд и подобра организација на часовите по математика.

Основците почнаа да учат по Кембрич програма. До оваа година се опфатени учениците од прво до шесто одделени. Ваше мислење за новиот метод/начин на едукација?

- Моето мислење е формирано според повратните информации од наставниците кои се директно инволвирани во целиот процес на реализација на програмата по Кембрич. Но, како и секој нов воведен метод, секој наставник има и позитивни и негативни реакции и никој целосно не го отфрла или прифаќа. Сепак, исходот од воведената програма би се видел после завршувањето на барем една генерација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование