X
 26.05.2016 Економија

Референдум во Швајцарија: Секој полнолетен државјанин да добива по 2.250 евра месечно


svajcarija

 

Швајцарија размислува на секој полнолетен државјанин месечно да му исплаќа 2.500 франци.


Таа за 5 јуни планира да одржи референдум во врска со воведувањето на основен приход. Застапниците на овој модел кој станува се' повеќе популарен, од Владата бараат на секоја полнолетна личност да ѝ плаќа „приход“ кој после оданочувањето ќе изнесува минимум 2.500 швајцарски франци.

Сепак, Владата на Швајцарија се противи на оваа иницијатива поради која секоја година ќе мора да обезбеди 25 милијарди франци од државнот буџет. Целосниот износ би се давал на луѓето кои се без работа и немаат никакви примања, додека оние кои работат но заработуваат помалку од 2.500 франци би ја добиле разликата во износот.

Владата вели дека новите даноци ќе ѝ наштетат на економијата. Застапниците на оваа идеја пак, тврдат дека Швајцарија е богата земја и нема сомневање дека ова може да си го дозволи. Тие наведуваат дека стотици илјади работни места се во опасност поради напредокот во технологијата, а основниот приход би дал некаква сигурност.

Анкетите засега предвидуваат дека околу 40% од Швајцарците ќе го поддржат референдумот. Инаку, предложениот износ е за неколку стотини франци поголем од проценетата граница на сиромаштијата која во Швајцарија изнесува 2.219 франци, и значително понизок од просечната плата од 6.427 франци.

Повеќето од анкетираните Швајцарци изјавиле дека ќе продолжат да работат дури и ако се усвои предлогот. Според едно истражување, само 10% од нив изјавиле дека размислуваат за отказ.

Дебатата во врска со основниот приход започна во 2013 година. Сепак, Швајцарија не е прва земја која размислува за воведување на овој модел. Идејата за бројни придобивки во вид на чек да се испраќаат до домаќинствата, без оглед на приходот и без оглед дали работат или не, се' повеќе добива внимание во светот во последните неколку години.

Финска планира воведување на ваков проект оваа година, а во експериментална фаза оваа помош која ќе биде доделувана ќе изнесува 550, а подоцна околу 800 евра месечно.

Холандскиот град Утрехт во јануари започна сличен експеримент и сега ги очекува резултатите за да види каков е ефектот. Луѓето во овој град во експерименталниот период ќе добиваат по 1.100 евра.

Владата на премиерката Кетлин Вун во Онтарио неодамна објави дека ќе работи со учесниците на експериментот за да одреди, осмисли и спроведе пилот проект кој ќе го вклучува основниот минимален приход.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија