X
 31.05.2016 Образование

Студирањето станува се` поглобално - Кои студенти најмногу студираат надвор?

Магистерските и докторските програми стануваат се` поглобализирани. Многу студенти бараат можности за студирање надвор од својата родна земја кога станува збор за магистерските или докторските студии. Меѓународното искуство се смета за вредно и за истражувачите и професионалците.


Од страна на земјата-домаќин, привлекувањето на странски студенти е позитивно за повеќе причини, како школарината и другите трошоци кои ги имаат студентите, но и социјалните и бизнис мрежи кои ги градат со другите земји. Овие студенти може и да придонесат со своите истражувања во земјата во која студираат.


Колку студенти заминуваат во странство за магистерски или докторски студии?

11% од сите студенти кои се на магистерски или докторски програми во земјите кои се дел од Организацијата за економска соработка и развој се странски студенти. Луксембург има најмногу странски студенти на ова ниво (67%), а потоа следува Австралија (38%), Обединетото Кралство (36%) и Швајцарија (27%).

Што студираат странските студенти?

Поголемиот дел од студентите се запишани на студии во социјални науки и општествени науки во своите земји. Но, кога станува збор за студентите кои студираат во други земји, 59% од докторандите студираат наука, инженерство или агрикултура.

Откаде доаѓаат најмногу странски студенти и каде студираат?

Во САД студираат дури 21% од сите студенти кои студираат надвор од своите земји на последипломско ниво. 16% се во Обединетото Кралство, 11% во Франција и Германија, а 8% во Австралија. Кога станува збор за земјите откаде доаѓаат странските студенти, 23% од сите студенти кои студираат во земјите во Организацијата за економска соработка и развој доаѓаат од Кина, повеќе од било која друга земја. Потоа следуваат Индија (8%) и Германија (4%). Повеќето од нив (53%) доаѓаат од Азија.
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование