X
 03.06.2016 Живот

Како да се натерате да работите и тогаш кога не ви се работи?

Одложувањето на обврските влијае врз секого. Се искрадува во моментите кога луѓето се уморни или кога им е досадно, но за некои, одложувањето е зависност.

 

1

 

Тие избегнуваат цел ден да се соочат со работата која е пред нив, само за да си одат дома и да работат доцна до ноќта, обидувајќи се да го завршат она што лесно можеле да го завршат пред тоа.


Ова особено се случува за време на празниците кога се опуштаме и ни е уште потешко да ја завршиме работата, посакувајќи да поминуваме време со нашето семејство и пријателите.

Сепак, циклусот на одложување може да се случи во секое време од годината што е вознемирувачки бидејќи неодамнешните истражувања покажуваат дека одложувањето го зголемува стресот, ја намалува ефикасноста и доведува до лоша здравствена состојба.

Психолозите на Универзитетот Кејс Вестерн Резерв спровеле интересен експеримент во кој на студентите им понудиле временски период, наместо еден датум за доставување на нивните трудови. Истражувачите го следеле датумот на кој студентите ги давале своите трудови и го споредиле тоа со нивното ниво на стрес и целокупното здравје. Студентите кои чекале до последен момент за да ги дадат своите трудови, имале поголем стрес и повеќе здравствени проблеми отколку другите. Тие исто така, добиле полоши оценки за трудот, и имале полоши оценки од студентите кои порано ги дале своите трудови.

Истражувањето објавено претходно оваа година ја истражува врската помеѓу хроничното одложување и здравствените проблеми поврзани со стресот. Истражувачите откриле силна врска помеѓу одложувањето и хипертензијата и срцевите заболувања, со тоа што овие луѓе искусиле поголема количина на стрес и имале поголема веројатност да ги одложат здравите активности како правилната исхрана и вежбањето.

Одложувањето е поткрепено со изговори. Не може да очекуваме да го пребродиме одложувањето и да го подобриме нашето здравје и нашата продуктивност се' додека не сме способни да ги надминеме негативните ментални навики кои не' довеле до одолговлекувањето.

Она што следува се највознемирувачки изговори кои ги користиме и кои ни помагаат да одложиме. За секој изговор постои превентивна мерка и стратегија за да може да се надмине одложувањето и да се стане продуктивен, дури и тогаш кога не ви се работи.

„Не знам од каде да започнам“.


Парадоксално, често пати не сме способни да работиме кога сме соочени со тешка задача. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е да се движиме во било која насока, и тоа брзо. Кога задачата е особено тешка, потребно ви е сето време кое ви е дадено за да ја извршите. Не постои смисла во губење на драгоцено време; не смеете да си дозволите да бидете поразени од комплексноста на задачата.

Клучот тука е да не дозволите стравот да ве запре. Кога нешто изгледа премногу тешко, едноставно поделете го во делови. Што можете да постигнете во 60 минути што би ви помогнало да успеете да реализирате нешто? Што можете да направите во дополнителни 60 минути?

„Постојат многу работи кои ми го одвлекуваат вниманието“.


За повеќето од нас, започнувањето на голем проект е голем предизвик. Ние се сопнуваме од сите видови помали, неважни работи кои ни го одвлекуваат вниманието од вистинската задача. Одговараме на меилови, се јавуваме, ги прегледуваме вестите онлајн... било што за да го избегнеме „слонот во собата“.

Зафатеноста не е исто што и продуктивноста. Кога ќе се пронајдете себеси како ја избегнувате задачата, забавете и визуелизирајте што ќе се случи ако продолжите да ја одложувате задачата.

„Премногу е лесно“


Задачите кои се премногу лесни можат да бидат доста опасни. Кога ги одложувате, лесно е да потцените колку време им е потребно да се изврши. Откако ќе седнете да работите на нив, тогаш ќе откриете дека не сте си дале доволно време за да ја извршите.

„Не ми се допаѓа“


Одложувањето не е секогаш поврзано со тоа колку задачата е лесна или тешка. Понекогаш едноставно не сакате да ја направите. МОже да биде многу тешко да започнете задача за која не сте заинтересирани.

За жал не постои сигурен начин да се научите себеси да пронајдете нешто интересно бидејќи некои работи никогаш нема да ви го привлечат вниманието. Наместо да ги одложувате овие задачи, направете правило дека нема да допрете друг проект или задача се' додека не ја решите претходната.

Кога ќе започнете, секогаш тоа можете да го претворите во игра. Како можете да ја постигнете вашата задача поефикасно? Како можете да ги промените чекорите на процесот и се'уште да го произведувате истиот резултат?

„Мислам дека нема да можам да го направам“.

Доделен ви е нов проект. Всушност, тоа е проектот кој сте сакале да го добиете. Сепак, сега кога е кај вас, едноставно не можете да започнете. Не можете да ги тргните мислите за неуспехот. Што ќе се случи ако не успеете? Како ќе го реализирате? Што ако бидете отпуштени поради ова?

Мора да добиете самодоверба и да започнете да се фокусирате на позитивните работи кои ќе се случат кога ќе успеете. Кога верувате дека нешто можете да направите - и кога ќе ги визуелизирате позитивните работи кои доаѓаат од тоа, тогаш се опремувате себеси за да успеете.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот