X
 03.06.2016 Живот

Запознајте го младиот претприемач Сергеј Зафироски: "Единствената работа што не може да ни се одземе е образованието кое што го носиме во себе"

Запознајте го Сергеј Зафироски, основач и генерален менаџер на агенцијата за истражување на пазарот и стретегиски маркетинг Insider ID. Сергеј несомено е дел од младата елита на претприемачи и менаџери во Македонија кои одлучија да го напуштат корпоративниот свет и со свои лични компании да дадат придонес во развојот на македонскиот бизнис.


Дали би можеле да направите кратко претставување за вас и вашата компанија?

Во кратки црти, од образование, дипломиран сум на Економски Факутет – Скопје, годишно посетувам помеѓу 3-6 обуки за продажба, стратегиски маркетинг или за извршни менаџери. Ги посетувам најголемиот дел од интернационалните настани организирани во Македонија и регионот. Сметам дека образованието важна компонента во успехот на секоја индивидуа, затоа вложувам во моето образование.

Вработен како професионален менаџер и продажба веќе 8 години, во неколку компании пред да ја основам сопствената компанија која ја реструктуиравме во 2014 во агенција за Истражување на Пазари и Стратегиски Маркетинг – Insider ID, каде моментално сум нејзин извршен менаџер.

Со многу напорна работа успеавме да се позиционираме и прикажеме како сериозна агенција која работи на домашниот и регионалниот пазар. Работиме уште на неколку нови услуги кои сакаме да ги пласираме на пазарот во 2017 година, и кои ќе бидат новитет на македонскито пазар воошто.

Insider ID се надевам дека ќе прерасне во една од најголемите регионални истражувачки агенции. Нашиот главен фокус е работењето со малите и средните претпријатија од Македонија и регионот.

Во последните неколку години се направија доста напори и иницијативи за основање на нови претпријатија и засилување на претприемачкото размислување како Вие го гледате тоа?

Апсолутно го поздравувам и поддржувам сето тоа. Секогаш кога сме во можност како компанија помагаме на младите особено од Економски Факултет – Скопје бидејќи со нив и најмногу соработуваме со консултации и совети за бизнис. Убаво е тоа да се види дека има млади луѓе кои сакаат да започнат бизнис.

Мотивот за започнување со Insider ID е за нијанса поразличен од останатите, но сепак крајната цел е иста. Издигнување на агенција основана од домашен капитал на ниво еднакво на светски реномираните. За сите старт-ап компании целта треба да биде иста.

Лично не ја поддржувам фамата за ИТ Секторот, бидејќи на таков начин се прави хипер-продукција на кадар и компании кои што се борат за истиот пазар со истиот тип на услуги.

Би било одлично да се повеќе млади луѓе се насочуваат повеќе кон трудовоинтензивните сектори каде започнува да има сериозен дефицит на добри идеи, добар кадар и реален бизнис. Воопшто нема потреба да невлегуваме или објаснуваме за тоа колку потенцијал има во земјоделството, прехрамбена па и воошто целата преработувачка индустрија. Моментално според мене и многу поголем потенцијал од ИТ Индустријата.

Која е најголемата грешка што ја прават младите претприемачи?

Основањето на компанија со примарна и единствена цел пари е осудена на пропаст уште од самиот старт. Уште полошо е основањето за заработка на “брзи пари”, тоа е со сигурност најголемата грешка што ја прават претприемачите.

Вториот проблем, се појавува поради слабата финансиска поткованост и прелиминарни пресметки кои што најчесто основачите ги прават за финансиските потреби на компанијата во првите 1-2 години. Во најголем дел од случаите средствата кои што се проектираат, не го покриваат периодот кој е потребен за постигнување на прагот на рентабилност. Навидум бизниси кои можат се основаат со мал капитал, при нивна реализација во релност предизвикуваат многу поголеми трошоци од планираното.

Пр. со 5000 евра вие може да отворите фризерница, да купите опрема да платите кирија за 1-2 месеци и сл, но никој не планира плати за први 6 месеци, дополнителни издатоци за компанијата, ДДВ, сметки, односно се она што може да направи трошок или некаков дополнителен издаток на компанијата, чиј износ со сигурност се многу повеќе од основачкиот капитал. Третиот е времето и отстапките кои што претприемачите се подготвени да ги вложат во бизнисот. Општото размислување е дека кога основате бизнис, сте “сам свој газда” и вие само земате пари а други работат за вас. За жал или среќа зависи од која точка гледате, реалноста е дека вие работите за другите да земаат пари и работите 24/7.

Анализирано според претходно наведените проблеми, 90% од бизнисите пропаѓаат поради нив, не само start-up компании туку и многу поголеми етаблирани на пазарот.

Која е перцепцијата на студентите за бизнисот пред да се вработат и откако ќе влезат во реалниот сектор?

Дали можете да се присетите на досетката со принцезата и принцот на бел коњ. Принцезите најчесто го дочекуваат само коњот, во случаеви можеби и доаѓа и магаре. Одлична паралела бидејќи тоа е очекувањето и реалноста. Во случајот со принцезата треба да се израдува што воопшто нешто дошло.

Коментарот да не биде разбран во погрешен контекст ќе го појаснам од гледна точна на компанија. Најголемиот дел од студентите на факултет, додека студираат, очекуваат дека по неговото завршување сите компании треба да имаат ширум отворени врати, со нормално, висока плата, бенефиции, одмори, директорска позиција, сектретар/ка и сл.

Реалноста е дека таа компанија која што ќе го вработи студентот вложува екстремно многу пари, време и енергија за обука на таквиот кандидат и најчесто придобивката е на страната на самиот студент а не на компанијата. Многу често се случува и една компанија да ги вложи сите средства во обука и развој доколку види потенцијал, за потоа “младиот професионалец” да се префрли во друга компанија заради многу мала разлика во платата.

Доколку имаме во предвид дневница на менторот, ресурси на компанијата и времето посветено, туку што почнатиот со работа студент е и многу повеќе платен од тоа што истиот мисли. Платата не е само паричните средства кои што се исплаќаат на трансакциска сметка туку многу повеќе од тоа.

Според мене перцепцијата и реалните вредности на студентите се изместени, а за истата да се врати во нормала треба да се променат доста работи како во менталниот склоп на студентите така и во тој на нашите менаџери.

Што е најголем проблем кај младите луѓе?

Нереално поставени лични и бизнис цели. Едно е да имаме високи цели и амбиција, но секогаш треба да имаме во предвид каде сме родени и кои ни се можностите.

И јас лично би сакал да бидам милионер пред 30 години, да го читам и применам Роберт Киосаки и до 50 години парите да работат за мене а јас да уживам на некоја јахта. Но, за мене и за многу други, реалноста е доста поразлична од тоа. Работата го краси човекот, па заради тоа ќе не краси до крајот на животот за некои повеќе за некои помалку успешно, се зависи од времето кое што сме желни да го вложиме во неа.

Тука единствената работа што постојано, прво самиот на себе па потоа и на сите други ја кажувам е дека мораме да имаме реално поставени и мерливи цели во животот за да не се разочаруваме доколку истите не се исполнат.

И за крај, размислувањето дека образованието не е важно во бизнисот и работата. Едно нешто треба да запомниме, работиме бизнис се може да ни земат, пари, куќи, станови, коли, бродови и што се не! Единствената работа што не може да ни се одземе е образованието кое што го носиме во себе.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот