X
 11.06.2016 Култура

Исланд преку очите на македонски турист

Исланд е уникатна по многу работи. Меѓу другото, не е чудно да најдете Исланѓани кои веруваат дека џуџињата постојат, а може и да се капете во топли извори по полноќ и во тоа нема ништо необично бидејќи тогаш може да биде и сончево. На крајот на мај заедно со тројца Македонци имавме можност да го посетиме овој остров. Освен цените и општата култура (кои се огромни), најмногу бев изненадена од следниве работи.


Веруваат во џуџиња

Верувале или не, 37% од жителите на Исланд веруваат дека џуџињата веројатно постојат, 17% сметаат дека многу веројатно постојат, а 8% сметаат дека дефинитивно постојат. Можеби затоа не е чудно што во главниот град, Рејкјавик, на крајот на мај беа отворени дури две божиќни продавници. Во едната од нив може дури да се испраќаат писма до Дедо Мраз.


Улиците се речиси празни

Иако кај нас луѓето се навикнати да гледаат луѓе надвор на улиците, на клупите или во кафулињата, на Исланд, многу од улиците подалеку од центарот на Рејкјавик се празни. Кафулиња речиси и нема, доколку не ги сметаме рестораните. Истото е и во помалите места. Исто така, работното време на речиси сите локали завршува во 18 или 19 часот.

Исланѓаните се креативни

Иако навидум сите згради изгледаат исто, може да се забележат куќи во сите бои и големини. Локалите се украсени креативно и на излозите има многу интересни и хумористични слогани и пораки кои ве привлекуваат да влезете.








Воздухот е еден од најчистите во светот

На Исланд дува многу ветар и студено е. Кон крајот на мај, највисоката температура се вртеше околу 10-от степен. Освен тоа, целата енергија која се користи на Исланд е од обновливи извори. Поради тоа, воздухот е многу чист. Водата, исто така, е една од најчистите бидејќи се добива од планинските извори.



Природа во изобилство

Доколку сакате изолираност, Исланд е местото за вас. Таму може да возите со часови пред да наидете на продавница, гратче или бензиска станица. Исланд е најретко населената земја во светот. На целиот остров живеат само 300.000 жители, од кои повеќе од една третина се во главниот град, Рејкјавик.




Скапаната ајкула е специјалитет

Младите Исланѓани не го сакаат овој специјалитет, но постарите се' уште го јадат. Се работи за ферментирана ајкула која не се готви, туку се остава да се суши 4-5 месеци, по ште се консумира. Причината поради која многумина го одбегнуваат овој специјалитет кога се во Исланд е миризбата, која потсетува на онаа од амонијакот. Потоа, многу се јаде месото, особено јагнешкото.

Вулкани, топли извори и гејзери

Исланѓаните велат дека поголемиот дел од исландското копно е полно со лава. Впрочем, поголемиот дел од планините таму некогаш биле вулкани. На Исланд има и многу топли езерца и реки во кои може да се капете во секое време. Интересен природен феномен се и гејзерите.





Има и глечери

Звучи необично да се има глечери и вулкани на исто место, но тоа го има на Исланд. Во еден регион на Исланд има и санти мраз, а во близина живеат и пафините.



Исландскиот јазик е тежок, но сите знаат англиски 

Доколку сакате да го научите исландскиот јазик, подгответе се за маки и тешкотии, како и многу вежбање. Во јазикот има многу гласови кои не ни се познати нам. Но, не мора да го знаете јазикот за да се разберете. Речиси сите Исланѓани зборуваат англиски, и тоа го знаат јазикот на одлично ниво.

Нема ден и ноќ како овде


Ноќта и денот имаат различно значење таму. Поради местоположбата, на Исланд може да нема зајдисонце со месеци или да не се раздени долг период. На крајот на мај, сонцето заоѓаше пред полноќ а изгреваше околу 3 часот наутро, но периодот измеѓу се' уште беше ден.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура