X
 12.06.2016 Култура

Тања Кокев, моден дизајнер и претприемач: Работата треба да му служи на животот, а не обратно

Тања Кокев работела како новинарка, дизајнерка, менаџерка на книжари, но сега е најпозната по своите модни креации и се нарекува првата дама на модата во Македонија. Таа беше гостин на последното Бизнис кафе во Скопје.


Тања е основач на брендот „Кокев“, познат по своите венчаници, дизајни и парфеми. Таа започнала со дизајнирање кога направила дизајни за роденденот на својата ќерка, а подоцна започнала да ги продава. Наскоро го отворила првиот дуќан за декорации на простори за свечени настани.

Нејзиното мото гласи: Работата треба да биде во служба на животот, а не обратно. Таа смета дека не треба да се изгуби смислата за животот за да се потчини на работата.

- Ова мото ми дозволи работата да ми биде дел од секојдневието кое што ќе го сакам, а не дел од секојдневието што ќе го мразам и едвај да чекам да стигнам дома – вели таа.


Потоа, за успехот таа вели дека е битно и да не се фокусира на збогатување и да се има добар тим. Таа смета дека треба да се биде добар со вработените, кои потоа ќе бидат добри со клиентите. Почитувањето на вработените и клиентите е нејзината мотивација. За успех е важна и желбата за реализација, според Тања.

 - Сите ние имаме премногу идеи, имаме премногу инспирации, меѓутоа ако не седнеш и сето тоа да го разработиш во глава и после тоа и да го сработиш, а тоа значи буквално од сабајле до вечер сработување со мислата во глава, мислам дека дефинитивно нема успех.


„Кокев“ се шири и надвор од Македонија. Брендот има бутик во Белград. Освен тоа, брендот соработува и со „Валентино“ и ја има лиценцата на „Валентино“ и „Армани“ за земјава и други земји во регионов.

Кога станува збор за балансот кој Тања го прави меѓу работата и приватниот живот, таа смета дека родителите и пријателките не треба да трпат поради нечија работа. За неа, животот е на прво место пред работата и секогаш ги организира активностите според оние на својата ќерка.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура