X
 13.06.2016 Култура

Светски уметници ќе држат семинари за младите музичари на "Охридско лето"

Фестивалот во Античкиот театар ќе го отвори светски познатиот мецосопран, примадоната Елина Гаранча од Летонија. Таа ќе настапи со оркестарот на Македонската опера и балет со кој ќе диригира Ион Марин од Австрија



Повеќе од 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филма од богатата ризница на „Вардар филм“ ќе бидат изведени на 56. издание на фестивалот „Охридско лето“ кој традиционално ќе почне на 12 јули во Охрид. Македонија и Охрид ќе бидат домаќини на вкупно 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот. Фестивалот во Античкиот театар ќе го отвори светски познатиот мецосопран, примадоната Елина Гаранча од Летонија. Таа ќе настапи со оркестарот на Македонската опера и балет со кој ќе диригира Ион Марин од Австрија.
Раководството ја фестивалот ја претстави годинашната програма. Ќе настапат познати светски имиња од областа на класичната музика, а уште поважно е што голем дел од нив ќе одржат семинари кои ќе можат да ги проследат нашите малди музичари. Драмскиот дел од фестивалот е посветен на јубилејот што го слави цел свет - 400 години од смртта на Вилијам Шекспир.
Директорот на „Охридско лето“, Оливер Арсовски вели дека нашпарвиле обид да внесат нови содржини во фестивалот, наменети за пошироката публика во дополнителна програма.
- Ќе има одредени уметнички активности кои би се реализирале на охридските сцени во текот на целата година - настапи на црковни хорови за време на позначајните верски празници, новогодишни свечени концерти, манифестации кои би се реализирале во време кога во Охрид има повеќе туристи - рече Арсовски.

Охрид како универзитетски град

Фестивалот ќе трае 40 дена. Ќе настапат многу значајни уметници на денешницата. Селекторката на музичкиот дел од фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска вели дека годинава овие настапи ги нарекле „Со музичките легенди“.
- Покрај Елина Гаранча ќе настапат Максим Венгеров, Вадим Рјепин, Артуро Сандовал, Фазил Сеј, Ана Веницкаја, Роман Симовиќ. „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметничка музика, но и на македонските композитори и изведувачи. Секоја година во програмата се вклучени и врвни домашни изведувачи, кои стојат рамо до рамо со оние светските - рече Јосифова-Неделковска.



Елина Гаранча


Годинава ќе настапат „Дуото Кировски“, виолинистот Џафер Џафери, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, македонските уметници со светско реноме Ана и Игор Дурловски (заедно со Македонската филхармонија и маестро Борјан Цанев). За концертот на 4 август по повод роденденот на фестивалот ќе настапи нашиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиновски, кој што се повеќе ја освојува меѓународната сцена, заедно со своето трио.
- Годинава „Охридско лето“ ќе биде препознатливо и по „Летната академија“ која ќе се реализира во рамките на фестивалот. Голем број млади музичари од Македонија и пошироко ќе имаат можност да бидат дел од семинарите предводени од големите музички легенди. Вистинска привилегија за нив ќе биде да се соработува со виолинистите Максим Венгеров, Роман Симовиќ, Вадим Рјепин, виолончелистот Марк Копе, трубачот Артуро Сандовал и хармоникашот Јури Шишкин. Длабоко верувам дека со реализирањето на годинашната „Летна Академија“, фестивалот „Охридско лето“ ќе даде придонес кон остварувањето на идејата, градот Охрид да биде препознатлив не само како град на туризам и уметност, туку и како универзитетски град - рече Јосифова-Неделковска.

Се во знакот на Шекспир

„Славејќи го Шекспир ја славиме слободата“ е мотото на драмскиот дел на „Охридско лето“. Селекторот на драмската програма, актерот Ѓорѓи Јолевски рече дека половина од програмата е посветена на великанот на драмската уметност Вилијам Шекспир. Ќе бидат изведени неговите дела „Магбет“, „Сонети“, „Комедија на грешки“ и „Ноќ спроти водици“ на сцените на Долни Сарај и предворјето на црквата „Св. Софија“, како совршени театарски простори во Охрид
- Вљубениците во театарот ќе можат да го видат и најновото остварување на режисерот Александар Баргман од Русија кој го поставува Ремарк со делото „Бар Ремарк“, потоа Јернеј Лоренциј со „Спобудалената локомотива“ на Виткиевич, Хоријаш Суру со „Арт оркестар“, Маргарита Младенова и Иван Добчев со проектот „Гогољ“ - рече Јолевски.
„Охридско лето“ ќе заврши со концерт на театарска музика, своевиден алхемиски проект „На светов убавина“ на Горан Трајковски, кој преку симбиоза на театарот и музиката ќе ги презентира своите музички театарски креации од последните десет години.
На прес-конференцијата беше соопштено дека шпанската амбасада во земјава го номинирала „Охридско лето“за престижната награда Princess of Asturias Awards на чија листа на лауреати се големи и значајни имиња како Френсис Форд Копола, Рикардо Мути, Леонард Коен и други личности од различни општествени сфери. Номинацијата доаѓа по исклучителното гостување на оперскиот спектакл, кантатата „Кармина Бурана“ на продукциската куќа „Ла Фура Делс Баус“ од Шпанија минатата година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура