Новата студиска програма за Маркетинг и менаџмент на Бизнис Академијата
Смилевски (БАС) е развиена во соработка со и според потребите на
партнерските органзизации од бизнисот - овојпат, со агенциите за маркетинг.
Генералниот менаџер на БАС, Горазд Смилевски во интервју за Факултети
објаснува дека новата програма ќе изроди квалитетен маркетинг кадар кој ќе
ги разбира процесите на брифирање, креативно генерирање идеи,
осмислување на идејни решенија, формулирање јасни комуникациски
стратегии и преговарање и договарање на клиенти.
- Очигледно недостасува млад кадар кој е конкретно остручен за работа на
маркетинг проекти и кампањи без претходна подготовка во агенцијата или
одделот каде се вработуваат - вели Смилевски.
Факултети мк: Имате акредитирано нова студиска програма за Маргетинг и
менаџмент. Што ќе им понуди новата програма на идните студенти?
Горазд Смилевски: Иако на нашите универзитети се нудат голем број научни студиски програми по
Маркетинг, сепак никој сè уште не се посветил на создавање остручени
професионалци кои ќе можат да одговорат на конкретните барања на маркетинг
агенциите и бизнисите од првиот ден на своето вработување. Затоа и понудивме
стручна студиска програма по Маркетинг менаџмент која преку комбинација на
теоретски и практични знаења целосно и стручно ќе ги подготви идните
дипломанти за професионална работа во било кој производен, продажен или
услужен сектор преку директна вклученост во маркетинг проекти и постојана
пракса во бизнисите и агенциите за маркетинг кај нас. Компетенциите кои ќе ги
стекнат преку оваа студиска програма ќе им овозможат да се занимаваат со
планирање, организирање, и водење на маркетинг активности и креирање на
стратегии за позиционирање на производи и услуги на пазарот. Сите агенции за
маркетинг со кои сме во контакт, но и останатите партнерски организации во
бизнисот кажуваат дека недостасуваат стручни кадри по маркетинг. Младите
дипломанти по маркетинг можеби ја владеат теоријата, но ретко се подготвени за
професионална работа по дипломирањето. Очигледно недостасува млад кадар
кој е конкретно остручен за работа на маркетинг проекти и кампањи без претходна
подготовка во агенцијата или одделот каде се вработуваат. Податоците од терен
кажуваат дека ова се должи на фактот што искусните и остручени лица
заминуваат од агенциите за самите да започнат работа преку интернет или
едноставно ја напуштаат земјата кога ќе им се отвори можност за подобра
заработка и подобри услови за живот надвор оттука, а во оваа индустрија тоа не е
воопшто ретко. Дипломата со која ќе се стекнат студентите е наменета за
раководни позиции од прво и второ ниво во одделите за маркетинг во секој бизнис
или институција, но оваа студиска програмата дозволува и специјализација во три
маркетинг полиња кои кај нас се особено дефицитарни со професионален кадар.
Првиот фокус е за младите најпопуларниот и најпривлечен – Маркетинг на
социјални медиуми, односно користењето на социјалните мрежи за промоција,
позиционирање, продажба и јакнење на продажни брендови на локално и
глобално ниво. Вториот фокус е ставен на Маркетинг на модниот дизајн,
индустрија која е одамна традиционално присутна во Македонија, но во последно
време бележи особено забрзан подем со етаблирањето на повеќе регионално
веќе признаени Модни студија. Конечно, третиот фокус на оваа студиска програма
е Маркетинг и одржливост на граѓанските организации. Овој програмски модул
се фокусира на маркетингот и односите со јавноста како главна алатка за
обезбедување финансиска одржливост на проектно поставените граѓански
иницијативи и организации кои во последниве две децении во огромен број
згаснаа во Македонија поради директната зависност од странски донации и
немањето јасна стратегија за пазарна одржливост.
Факултети мк: Има ли веќе заинтересирани матуранти за оваа нова
програма?
Горазд Смилевски: Секако дека има интерес. Сон на многу од младите е да работат ваква
креативна, предизвикувачка, динамична и пред сè добро платена професија која
несомнено ќе биде побарувана и ценета во иднина. Она што е особено привлечно
за нив е тоа што во текот на целите тригодишни студии покрај постојаната работа
на маркетинг проекти во Академијата, еден ден неделно поминуваат во Агенции
за макетинг, директно вклучени во тимови кои осмислуваат и спроведуваат
маркетинг кампањи. На овој начин ќе можат најдиректно да купуваат вештини и да
добиваат корисни совети од искусни професионалци. Воедно, ќе имаат доволно
можности за себе промоција и поголеми шанси за вработување уште во текот на
студиите.
Факултети.мк: Соработката со бизнис секторот е многу важна за секоја
образовна институција. Колку се консултирате со стопанствениците околу
наставните програми и што всушност треба да нуди една обрзовна
институција?
Горазд Смилевски: Исто како и останатите студиски програми и оваа ја развивме во соработка со и
според потребите на нашите партнерски органзизации од бизнисот. Овојпат,
пресудни беа разговорите со агенциите за маркетинг кои, за разлика од
останатите индустрии во Македонија кои главно се жалат на продажба и наплата,
овие имаат поголеми потешкотии во наоѓање на квалитетен кадар за работа во
маркетинг. Најтешко е, велат, да се најде маркетинг кадар кој веќе ги разбира
процесите на брифирање, креативно генерирање идеи, осмислување на идејни
решенија, формулирање јасни комуникациски стратегии и, конечно, преговарање
и договарање на клиенти. Затоа, во целиот тек на студиите, континуирано, нашите
студенти се постојано присутни во агенциите за кои се подготвуваат. Конечно, и
изборот на првите стипендисти за оваа студиска програма кој ќе се одржи во
август, ќе биде направен од страна на заедничка Комисија од предавачи на БАС и
претставници од агенциите за маркетинг со кои веќе имаме партнерста соработка.
На тој начин тие ќе можат директно да учествуваат во образувањето и
остручувањето на кадарот кој по 2 до 3 години ќе биде вработен токму од нив.
Факултети мк: Постојано се потенцира дека покрај квалитетна теоретска
настава, важно е студентите да се “наоружаат“ и со практично знаење. Каква
практична настава нуди БАС?
Горазд Смилевски: За сите редовни студенти на БАС, праксата е задолжителна и е основата на
учењето и стекнувањето вештини. И оперативните менаџери и маркетинг
менаџерите, еден ден во неделата, секоја недела во текот на семестрите
минуваат еден работен ден неделно во фирмите со кои соработуваме, под
менторство на професионалци кои го работат токму она за што студентот се
подготвува. Неретко менторите се исто така наши додипломски или
постдипломски студенти или алумни. Теоријата и проектите на кои работат во
текот на неделата тука имаат можност да ги проверат и зацврстат низ менторска
дискусија или низ директен ангажман на реални задачи од професијата, Ова е
најдиректното искуствено-рефлективно учење за возрасните и за нас е најважниот
дел од остручувањето на новите професионални менаџери. Дополнително на
оваа пракса, во текот на летото поминуваат уште еден месец континуирана
феријална пракса во команија, наш партнер. Оваа пракса се покажа како
најефективна во поглед на доаѓање до првото формално вработување за нашите
млади дипломанти.
Факултети.мк: БАС, исто така нуди и стипендии за студентите. Колку
стипендии сте доделиле досега и колку има заинтересирани за ваква
помош?
Горазд Смилевски: Секоја година Академијата стипендира една третина од своите редовни
студенти. Интересот е голем, а начинот на избор го прилагодуваме на студиската
програма за која се доделуваат стипендиите и одзивот од кандидатите. Конкурсот
за стипендии за Оперативен менаџмент оваа година беше направен со отворен
повик до сите заинтересирани кандидати и поради големиот интерес го изведовме
во вид на интервјуа и остварувања. Конкурсот заврши во мај и таму доделивме
вкупно 16 стипендии. Ова е јадрото на студентските групи во Скопје и Битола
околу кое ќе се оформи силна група за учење по пат на решавање проблеми,
презентирање и конструктивна критика на понудените решенија.
Натпреварот за стипендии за новата студиска програма по Маркетинг менаџмент
ќе се случи на крајот на август и ќе биде организиран во вид на еднодневен
настан за решавање на реални маркетинг проблеми за кои кандидатите, работејќи
во случајно формирани тимови ќе треба да покажат капацитети за тимска работа,
креативно генерирање идеи, интерперсонална комуникација, активна соработка и
планирање, како и способност за критичко и самокритично размислување.
Натпреварот е интересен, инетерактивен и пред се интензивен. Според
критериумите, кандидатите ќе бидат рангирани на конечна ранг-листа според која
и ќе идат доделени стипендиите.