X
 17.06.2016 Култура

Зошто ни е важен Шекспир?

Шекспир е како светот или како животот, вели Полјакот Јан Кот, еден од најславните шекспиролози на сите времиња. Не постои писател чии биографски податоци ни се помалку или повеќе познати, за кому ги знаеме дури и цртите на лицето, а кој толку се приближил до легендата. Само хомеровите епови и светите книги на големите религии се пославни од шекспировите дела. Необјаснивоста на шекспировата генијалност ги носела луѓето до најразлични теории и претпоставки. Добро се познати тврдењата за Френсис Бејкон како вистински автор на шекспировите дела, а има полно други слични или помалку слични теории. Како е можна толкавата книжевна генијалност, се прашуваат луѓето веќе со векови.



Во исклучителниот есеј „Хамлет од весаловата анатомија“, Мирослав Крлежа вели: „Пред низата загатки, пред огромниот број нерешени прашања, пред најразновидните проблематики за многубројните вистински дилеми Шекспир се движи со сигурност на компасот, пред кој се отвораат нови светови. (...) Без оглед на географската дистанца и политичките можности, неговот збор одекнува веќе низ векови. Во огромната европска дискусија, која трае околу неговите дела веќе триста години, шекспировиот лик на типичен универзален ренесансен човек владее уште со еден европски период, така богат со генијални сознанија.

Тој, впрочем, е градител и композитор на момунентални визии, мислител необично суптилен, проповедник на нови перспективи и социјален анатом на еден цел феудален круг, во едно лице.“ И денес, се' од цитираниот дел е актуелно, единственото што би можеле да го промениме е таа огромна европска дискусија да не трае веќе 300 години туку дури и 400 години. Имено, Шекспир умрел во 1606 година. Ако може нешто однапред да се каже за книжевната и театарска 2016 година во глобални рамки, тоа е дека во голема мерка ќе биде во знак на Шекспир.

Веќе споменатиот Кот за Хамлет вели: „Библиографијата на расправи и студии за Хамлет е двапати подебела од варшавскиот телефонски именик. За ниту еден Данец од крв и коски не е напишано толку како за Хамлеѕ - тој шекспиров принц неспорно е најславниот Данец. Хамлет пораснал од сјајот и коментарите, тој е еден од малкубројните книжевни јунаци кои живеат и надвор од текстот, кои живеат надвор од театарот. Неговото име значи нешто и за оние кои никогаш не го читале ниту гледале Шекспир. Сличен е во тоа на Мона Лиза на Леонардо“. Последната реплика на Хамлет по која останува еден молк како да најавува и пристап на овој дел и повеќе од 400 години по неговото појавување.

Владимир Набоков еднаш рекол дека Хамлет е најголемото чудо на светската книжевност, а во писмата со Едмунд Вилсон, се обидел да ја објасни тајната на неговата безвременска актуелност со теза дека во Хамлет постојат сите елементи кои ја привлекуваат публиката: од духот како присуство на натприродното, преку кралското семејство, дворските интриги, убиството како зачин за мистерија, како и масакрот како каталог на најразлични начини на убивање. Всушност, има нешто во оваа теза на Набоков. Имено, Шекспир знаел дека најголем грев за еден писател е да се биде досаден. Во неговите дела, животот врие, страстите се силни, заплетите се возбудливи, а расплетите се крвави. Хамлет е идеален пример за богатството на шекспировиот свет.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, поточно во декември 1945, поетот В.Х. Оден напишал есеј насловен „Христијанскиот трагичен херој“. Според него, основната разлика меѓу античкиот и христијанскиот трагичен јунак е тоа што оној вториот е одговорен за своите дела. Оден вели дека гледачот на античка трагедија чувствата кон Едип (чија судбина е предодредена) може да ги изрази со зборовите: штета што морало да биде вака; спротивно на Магбет, кој имал избор, чувството е следно: штета што излезе вака, а не поинаку. На својот есеј за Магбет, Кот му дал наслов „Магбет или заразени со смрт“.

На самиот почеток на есејот Кот кратко и ефективно ни ги прераскажува движењата на Големиот механизам кои ја сочинуваат фабулата на ова дело: „Задушувањето на протестот го довело Магбет поблиску до престолот. Може да стане крал, значи мора да стане крал. Тој го убива законскиот владетел. Тој мора да ги уништи сведоците на злосторството и оние кои се сомневаат во него. Тој мора да ги убие и синовите и пријателите на оние кои претходно ги убил. Потоа мора да ги убии сите, бидејќи сите се против него (...). На крајот самиот ќе биде убиен. Го поминал целиот пат по големи чекори нив историјата.“

Се смета дека Магбет бил нашишан во 1606 година и е прифатен за најмрачно шекспирово дело воопшто Сиоран некаде запишал дека добриот драматург мора да има смисла за убиство. Шекспир тоа го докажува и во Магбет. Она што е речено за Тито Анрдоникот вреди до некаде и за Магбет: дека ако делото е малку подолго, глумците би се симнале од сцена и би ја убивале публиката. Безвременската актуелност на Магбет ја потврдува и склоноста на режисерите за да се адаптира делото за филм. Досега во светот се снимени неколку десетици филмови според Магбет, но посебен куриозитет е дека дури три режисери што ја адаптирале оваа трагедија се сместени во најголемите филмски уметници на сите времиња. Верзијата на Орсон Велс е од 1948, на Куросава е од 1957, а онаа на Роман Полански е од 1971 година. Пишувајќи за Магбет на Полански, во својата критика Роџер Еберт забележал дека е невозможно да се гледа филм за Магбет кој го режирал Полански а да не се помисли на случајот на Чарлс Менсон. Ликовите во овој филм, пишува Еберт, се „антиинтелектуални и недуховити, а со нив управуваат длабоки и срамни извори на страст и насилство.“

Кога пишувал за Кралот Лир, Кот веќе во насловот го смета Шекспир за современик. Есејот се вика „Крал Лир или крајот на играта“ и се повикува на Бекет. Кот, впрочем, тврди дека најголемите модерни драматичари - Бекет, Диренмат, Јонеско, Брехт - се поблиску до Шекспир отколку било кој од нивните претходници од 19 век, а дека таа шекспирова модерност можеби е навидлива токму во Кралот Лир, дело во кое репликите се полни со парадокс, досетки, дијалектика и јазик со црн хумор, дело кое комбинира барокен надреализам, сарказам и класична реторика со дело од легендарна односно филозофска суровост.

Навистина, во оваа драма има нешто бајковито. Тука е стариот крал со три деца - три ќерки. Своето кралство сака да го подели на три дела, па ќе ги повика своите три ќерки да му кажат колку го сакаат, а тој ќе им се оддолжи за нивната љубов. Најстарата ќерка му кажува дека го сака повеќе од видот, слободата и вселената. Средната ќерка му кажува на татко си дека нејзината сестра преубаво го опишала, но дека таа го сака уште повеќе. Најмалата сестра, Корделија, која му е најмила, ќе рече дека го сака колку што бара нејзината должност - ни помалку ни повеќе. Стариот крал ќе им поверува на накитените празни зборови на постарите ќерки, па ќе ги награди нив, додека Корделија ќе ја избрка. Веќе се предвидува немилосдрниот виор на трагедијата, тркалото на несреќата е пуштено и нема да застане до крајот; сплетките, предавствата, прељубата, слепилото, злосторството, смртта, лудилото.

Кралот Лир е едно од оние дела на кои му се восхитуваат големите писатели, кое го анализираат филозофите, кое е постојан предизвик на режисерите. Ликор на Лир станал еден од најсилните симболични фигури во западната цивилизација. Џасперс во него препознал „симбол на длабоката човечка тајна“, а познатата реченица на Гете вели дека „секој човек е Кралот Лир“. Меѓу модерните читања на шекспировиот Крал Лир се издвојува и она на Фројд. Темата за трите ковчези, познатиот есеј на таткото на психоанализата од 1913 година го анализира Кралот Лир со помош на Венецијанскиот трговец, односно во трите ќерки на Лир препознава три женски фигури: мајка, сопруга и смрт. Кога се работи за новите верзии на Кралот Лир, во поскоро време големо внимание привлекла онаа која ја режирал Сем Мендес, познат по оскаровскиот филм Американска убавина и уште цела низа одлични и важни филмови.

Бела Хамваш, генијален езотеричен Унгарец, запишал на едно место: „Дијалозите на Платон се духовити, ведри, драматични, поетични, храбри, остри, страшни, разиграни. Постои само еден европски автор кој толку му се обраќа на целиот човек и толку зборува за целото човечко суптество: Шекспир.“ И четири векови по шекспировата смрт, тоа на секој чекор го потврдува како вистина. Во Велика Британија оваа година ќе биде шекспирова дури и во туристичка смисла. Да речеме, најавено е дека театарот Глобќе ја одбележи годишнината со дури 37 кратки филмови - значи тоа ќе биде по еден филм за секое шекспирово дело. Британскиот совет ја споредува важноста на оваа годишнина со Олимписките игри одржани во Лондон. Конференции, изложби и фестивали посветени на оваа годишнина не можат да се избројат.

Меѓу најинтересните проекти за оваа годишнина е и објавувањето серија романи базирани на шекспировите дела, а кои ќе ги напишат некои од водечките светски писатели и писателки. Маргарет Етвуд ќе ја напише својата Бура, Трејси Шевалие свој Отело, Џилијен Флин свој Хамлет, а Џу Несбе свој Магбет.

Автор: Мухарем Баздуљ

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура