X
 19.06.2016 Образование

Конкурсот за усовршување на наставниците во странство отворен до 1 септември

До 1 септември трае конкурсот за доделување стипендии на наставниците кои ќе одлучат професионално да се усовршат и во академската 2016/2017 година ќе аплицираат и ќе бидат примени на некој од најдобрите 200 универзитети од областа на образованието рангирани на шангајската листа на Џиао Тонг универзитетoт, или според листата на Quacquarelli Symonds (QS) од Велика Британија.


Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски во изјава за медиумите истакна дека наставниците сега, по завршената учебна година, можат да размислат да ја искористат можноста да студираат на магистерски и на докторски студии во странство, за што министерството во целост ќе го покрие трошокот за уписнина во износ од најмногу 40.000 американски долари годишно, ќе исплаќа месечен паричен надомест за трошоците за живот и ќе му обезбеди на кандидатот еден повратен авионски билет.

Додека траат студиите во странство, работниот однос на наставникот ќе биде во мирување, а по враќањето тој е обврзан да остане на работното место најмалку за период колку што му мирувал работниот однос.

“Конкурсот трае до 1 септември и очекувам во текот на летниот период да имаме и конкретни апликации, бидејќи имаше интерес од страна на наставниците. За оваа цел, министерството го измени и соодветниот закон и во него е утврдена гаранција за работното место на наставникот кој ќе оди да го дооформи своето образование, но со обврска потоа да се врати и да работи во Република Македонија“, потенцира Ристовски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование