X
 24.06.2016 Образование

Давор Поповски, кандидат за претседател на СПУКМ: Да бидеме првата врата на која нашите колеги ќе се обратат

Давор Поповски е едниот од двајцата кандидати за нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Тој е студент на ФИНКИ, а претходно бил претседател на Студентскиот парламент на ФИНКИ. Додека бил во СП ФИНКИ, парламентот имаше повеќе активности, како Информатијада, „Nasa Space Apps Challenge“, „Job fair“, Контакт итн.


Факултети.мк: Доколку бидеш одбран како претседател на СПУКМ, што би сторил за да ги доближиш студентите до Студентскиот парламент?

Давор: Јас и мојот тим сме убедени дека доколку нашите колеги-студенти увидат дека навистина се бориме за надминувањето на најголемите студентски проблеми, тоа ќе значи зголемување на нивната доверба кон парламентот. Јасно ни е дека тоа нема да се случи „преку ноќ“, но ние имаме голема мотивација и знаење за да најдеме решение и на проблемите кои долго време се избегнувале. Истовремено, како што можете да забележите од мојата програма, особено внимание посветуваме на подобрување на студентскиот стандард и условите на живеење, но, како што споменав, сметаме дека транспарентноста и отвореноста на организацијата е приоритет. Мора да ги доближиме студентите и да бидеме првата врата на која нашите колеги ќе се обратат секогаш кога ќе се соочат со проблеми од типот на дискриминација, мито, корупција, навреди или било какво директни повреди на нивните студентски и пред се демократски човечки права.

Факултети.мк: Што му недостасува на СПУКМ во моментов?

Давор: Се она што ние сметаме дека недостасува или може да се подобри во работата на СПУКМ го внесовме во нашата програма. Ние знаеме дека начинот на кои ќе се подобрат работите, и ќе се исполнат сите овие планови и идеи, односно ветувања, е единствено со многу работа. Нема да бидам критичен во однос на работата на досегашниот борд на СПУКМ, особено не за сите активности во кои немав прилика да учествувам. Но, затоа можам долго да расправам за се што требало и како би требало да се подобри во оние проекти и одлуки во кои сум имал прилика да учествувам како преставник од студентска организација од мојот факултет. На крајот на денот сите ние сме студенти, млади и позитивни луѓе кои и досега на секој можен начин се обидуваа да ги олеснат студентските денови на своите колеги, и токму тоа ќе продолжиме да го правиме и по изборите.

Факултети.мк: Знаеме дека планот за воведување екстерно тестирање предизвика протести и побуна од страна на студентите. Што мислиш на оваа тема, со оглед на тоа што законот беше ставен на мирување и се’ уште е можно екстерното да биде воведено во иднина?

Давор: Генерално се согласувам со екстерно тестирање на студентите, но дефинитивно тоа не смее да биде изведено на начинот на кои е предвидено во Законот за високото образование. Било какво екстерно тестирање би било прифатливо да се направи само на предметите кои имаат многу слаба проодност (да речеме под 30 % од студентите кои се запишани на предметот) со цел да бидат студентите заштитени на таквите предмети. Екстерното тестирање во никој случај не смее д преставува дополнително оптеретување за студентите туку би било дополнителна шанса да биде положен некој испит во дополнителна сесија која не би ја спроведувале директно професорите кои имаат проодност помала од 30 % и со тоа би се отстранил субјективизмот на професорите. Работата на професорите е да го пренесат своето знаење на студентите, па така секој неуспех на студентите да положат некој испит преставува истовремено неуспех и за професорот бидејќи не успеал да го најде најдобриот начин да ги спреми студентите, особено за оние предмети каде е мала проодноста. Она за што сите сме сложни околу оваа тема е дека ваквото тестирање во никој случај не смее да навлегува во автономијата на Универзитетот.


Факултети.мк: Кои се твоите планови за работа доколку бидеш одбран?

Давор: Прва работа која би ја направил е комплетна реорганизација на Студентскиот парламент. Сметам дека УКИМ е далеку подобар од останатите Универзитети во република Македонија кои се од регионален карактер и како таков треба да го има најдобриот студентски парламент кој ќе биде двигател на високото образование во Република Македонија. Моите планови се базираат на Европски студентски стандард со осврт на следниве неколку точки:

- Стратешка реорганизација и тотална транспарентност на СПУКМ
- ЕВРОПСКИ студентски домови
- Решавање на проблемот со недостаток на оброци и квалитетот на оброците во студентските домови
- Поевтин меѓуградски превоз
- Измена во законот за вработување за студенти
- Имплементирање на принципот „Student-Centred Learning“
- Студентски кредити.
- Студентска картичка.
- R&D (Research and Development) центар
- Бенефиции за студенти со ниски примања во фамилијата
- Отворање на две нови читални и опремување со компјутерска опрема во истите.
- ОнлинеПлатформа за анонимни забелешки, поплаки и коментари
- Организирање меѓународни конференции, тренинзи и обуки
И многу други кои се посочени во мојата програма.

Факултети.мк: Кои беа твоите мотиви за кандитатура?

Давор:
Мотивите за мојата кандидатура се мојата желба да допринесам за подобрување на студентскиот стандард на Македонскиот студент и реафирмирање на СП УКМ како институционална сила која може да ги заштити правата на студентите.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование