X
 25.06.2016 Образование

Стефан Василевски, кандидат за претседател на СПУКМ: За нова димензија на студентското организирање

Стефан Василевски е еден од двајцата кандидати за претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Стефан студира на Медицинскиот факултет, а претходно бил претседател на Сојузот на студенти по медицина на Македонија и моментално е потпретседател за финансии во Интернационалната федерација на Медицински студентски асоцијации. Неговото мото за кандитатурата за претседател на СПУКМ гласи: „За нова димензија на студентското организирање“.


Факултети.мк: Доколку бидеш одбран како претседател на СПУКМ, што би сторил за да ги доближиш студентите до Студентскиот парламент?

Стефан: Како и што најавувам во мојата програма, активна и нова веб-страна е неопходна за една ваква организација како СПУКМ. Каде на друго место ќе може студентите да се информираат за секојдневната работа на Парламентот ако не на социјалните мрежи и на една нова платформа односно веб-страна.

Целта на една ваква веб-страна и активно споделување на информации на социјалните мрежи ќе ги доближи студентите преку разни активности, дискусии, дебати како и место кое ќе биде цело време отворено до секој студент и сите студенти ќе може преку онлајн контакт и од своите живеалишта да не контактираат и да добиваат одговори и помош во најбрз можен рок. Исто така, на ова место ќе може студентите да се информираат за секојдневните студентски активности за кој многумина и незнаат, па на еден таков начин да поттикнеме поголем квантите на сите студентски настани а со тоа и доближување меѓу студентите. Исто така, вратите на СПУКМ ќе бидат отворени за секого.

Факултети.мк: Што му недостасува на СПУКМ во моментов?

Стефан: Во моментов на СПУКМ му недостасува едно комплетно рестартирање на сите функционални единици пред се поголема активност и учество во дневно-студентските прашања, проблеми, активности итн. СПУКМ е организација со огромни капацитети и моменталните кандидати за претседател на СПУКМ треба да се свесни дека влегуваат во една организација која бара сериозно и темелно да и се пристапи бидејќи нејзиниот капацитет во моментов не е доволно искористен.


Факултети.мк: Знаеме дека планот за воведување екстерно тестирање предизвика протести и побуна од страна на студентите. Што мислиш на оваа тема, со оглед на тоа што законот беше ставен на мирување и се’ уште е можно екстерното да биде воведено во иднина?

Стефан: Да се излезе на протест е оправдано право на секој студент како и граѓанин на секоја земја, но сепак протестот треба да е краен механизам. Мислам дека треба преку механизмите кои ни се на располагање, преку институциите и органите на Универзитетот да ги предочиме недоследностите и да дадеме предлози за изнаоѓање на подобар и пофункционален механизам кој би служел како одреден вид на филтер, а кој веќе е променет во некоја од европските земји и има добри резултати.

Зошто го велам ова? Земете го како пример Медицинскиот Факултет и нашиот државен испит кој постои, е функционален, и е тука уште од формирањето на Медицинскиот Факултет. Исто така, ако не се лажам и на Правниот Факултет имаат нешто слично со правосудниот испит. Сепак, како финално би кажал уште еднаш дека доколку се најде правилен механизам за реализација на ваков проект, сигурен сум дека ќе влијае врз подобро и поквалитетно образование, но исто така не смее да ги запоставиме и Универзитетите и Факултетите кои треба да добијат поголема логистичка и финансиска поддршка за да ни овозможат квалитетно образование, а исто така и условите во читалните, домовите, итн. Целта е до 2018та година да се најде крајно решение за ова прашање.


Факултети.мк: Кои се твоите планови за работа доколку бидеш одбран?

Стефан: Моите планови пред се се формирање на Претседателство на СПУКМ од најразличен состав кое ќе ги опфати по можност сите до еден факултети од УКИМ. Потоа, во најбрз можен рок ќе биде разгледана мојата прелиминарна програма која ја објавив низ социјалните мрежи и која е достапна за сите и заеднички ќе се надоградат идеите што веќе ги изнесов или пак ќе се додадат нови идеи. Повеќе глави се секогаш попаметни од една и затоа со активно учество на целиот нов тим, заеднички не само што ќе ги одбереме најприоритетните работи кои треба да се реализираат туку и ќе најдеме начин и сили за нивно најбрзо реализирање.

Факултети.мк: Кои беа твоите мотиви за кандитатура?

Стефан: Моите најголеми мотиви беа пред се моето меѓународно но и домашно искуство коешто би сакал да го искористам за поголеми цели во Република Македонија. Накратко, во програмата се испраќа порака за една нова димензија во студентското организирање (мотото на кампањата) која вклучува активна борба за подобро и поквалитетно високо образование, мотивирање и стимулација на научно-истражувачка работа кај студентите, поголема екстерна репрезентација низ светски организации, поголема информираност на студентите за можностите кои ги нудат програми како ЕРАЗМУС + и разни други организации наведени во мојата кандидатура за кои студентите не се доволно информирани, борба за изградба на нови спортски објекти но исто така и едукативни центри вклучувајќи и нови студентски домови и максимална посветеност за реновирање и подобрување на условите и така натаму.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование