X
 28.06.2016 Економија

Интервју со Давид Цуклевски, Македонец образован на Сорбона

Давид Цуклевски е Македонец кој е роден во Франција. Тој студирал на еден од најпознатите факултети во Франција, Сорбона. Тој сега е назад во Македонија, каде што работи на интересни проекти во кои го применува знаењето добиено во Франција. Со само 25 години, тој веќе воведува новости во економијата.


Факултети.мк: Си студирал и живеел во Франција, но се одлучи да се вратиш во Македонија. Зошто?

Давид: Како човек што ја имал шансата да стигне до високо образование на познат факултет одлучив да се вратам моментално во Македонија, земја по потекло, да го донесам моето искуство и да развијам нови сектори во економијата што ги нема и ни се потребни според мене.

Факултети.мк: Кажи ни нешто за проектите на кои си работел досега.

Давид: Во последно време поради голем интерес од пријателите почнав да работа на еден проект за отворање на инвестициски фонд во акции на берзата.

Факултети.мк: На што работиш во моментов?

Давид: Во моментот работам на една веб-платформа www.avtostop.mk, што има цел да се овозможи економичен начин на патување во земјата со споделување на превоз. Кратката дефиниција би била: има луѓе што одат некаде и имаат место во автомобилот и луѓе што сакаат да одат на тоа место. Со веб-платформата сакаме да ја зголемиме довербата меѓу тие луѓе со цел да патуваат заедно и да ги делат трошоците.

Факултети.мк: Што би сакал да видиш во Македонија, а го има во Франција?

Давид: Многу работи, но да започнеме со модернизација на администрацијата и административните процеси преку интернет.

Факултети.мк: Што ти се допадна најмногу на Сорбона?

Давид: Професорите секогаш имаат големо очекување од студентите. Испитите беа премногу тешки и интензивни и на крајот остануваа само мотивирани студенти. Голем дел од студентите доаѓаа од целиот свет и многу од тие имаат различен начин на размислување од ние што бевме родени во Франција. Тоа ни донесуваше нови погледи на многу теми.

Факултети.мк: Што би им порачал на студентите во Македонија?

Давид: Прво, се прашувам дали нашата економија моментално има потреба од овој број на студенти на факултет. Но, тоа прашање ќе го оставам на луѓе што се повеќе запознаени со домашната економска ситуација. Ќе им препорачам да се запишат на студии што вистински ги интересираат, да учат и да покажат голема љубопитност кон пофеќе сфери, не само во студиите, да не се откажуваат или размислуваат ако имаат идеја или амбиции слушајќи совети на луѓето околу нив.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија