X
 13.07.2016 Образование

Интервју со Викторија Митрева, добитник на Инженерски прстен: Стипендирањето и вработувањето ќе создадат уште поквалитетни инженери

Факултети.мк во серија на интервјуа ќе ви ги претстави сите добитници на Инженерскиот прстен за 2016-та година.



1.Како студент на Електротехничкиот факултет, Вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижната инженерска награда во Македонија? Што претставуваа оваа награда за Вас?

- Да се биде дел од најдобрите и најуспешните студенти претставува голема чест и задоволство. Наградата ,,Инженерски прстен’’ е едно големо признание за сиот мој вложен труд и постигнат успех во текот на студирањето, а воедно претставува и поттик да продолжам да се надградувам на професионален план, да вложувам во себе и да се стремам кон поголеми успеси.

2. Како ќе ја искористите наградата во вашиот професионален живот?

- Кога гледаш дека трудот и работата се препознаени и наградени, желбата за понатамошно професионално усовршување е уште поголема. Самата награда ми е голема мотивација да продолжам да го надградувам моето знаење, со цел практично да го применам во развојот и примената на технологиите.

3. На кој начин ќе придонесете во развојот на македонското инженерство? Имате ли визија и зацртани цели што сакате да постигнете?

- Инженерските науки и технологијата бележат забрзан раст. Само со постојано надградување на знаењето и следење на светските трендови може да придонесеме и ние да бидеме дел од тој интензивен техничко-технолошки развој. Континуираното учење, следење на новостите од областа на технологијата, како и креативното работење се дел од целите кои сакам да ги постигнам за да се изградам во квалитетен инженер кој ќе биде дел од техничко-технолошкиот развој на општеството.

4. Дали како добитници на Инженерскиот прстен веќе соработувате со другите колеги? Или размислувате ли за соработка во рамки на Клубот на добитници ?

- Самата поврзаноста меѓу инженерските дисциплини бара соработка со другите колеги. Размената на знаења, идеи и искуства позитивно ќе влијае на нашиот професионален развој, затоа се надевам дека во иднина ќе оствариме добра соработка.

5. Колку предлозите на Инженерската институција на Македонија за ваше стипендирање и идно вработување ќе Ви го олеснат патот во научните води?

- Секоја поддршка за понатамошно усовршување е добредојдена. Предлозите за стипендирање и идно вработување секако дека ќе го олеснат патот кон станувањето квалитетни инженери кои ќе знаат да го применат стекнатото знаење и ќе изградат успешни кариери.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование