X
 18.07.2016 Култура

Образованието и воспитанието според Платон

platon 

 

Воспитанието и образованието, треба да бидат вродени способности на секој граѓанин. Секој од нас треба да ги развие и формира во потребни социјални својства - да го развие чувството за правда во заедницата. Затоа, една од главните цели на државата треба да биде обезбедување на слобода со која секој граѓанин ќе може да ја врши работата за која е најдобро подготвен и најспособен.


Според Платон сите луѓе не се еднакво способни за истите задачи. Затоа е неопходно во државата да постојат повеќе сталежи. Во неговата идеална држава, Платон луѓето ги дели во три сталежи: владетели (филозофи), чувари (војници) и третиот стаж кој го сочинуваат селаните, работниците, занаетчиите, трговците. Третиот сталеж на задржува својата приватна сопственост и произведува за целото општество, а еден дел од своите производи бесплатно го дава на службениците, чуварите и владетелите. Овој сталеж треба да биде исклучен од политичкиот живот и владеењето бидејќи за тоа не е способен.

Секојдневниот живот е полн со разни непријатности бидејќи луѓето не го зазеле своето вистинско место во општеството. Во идеалната држава на Платон, на секој треба да му се даде вистинското место според неговите природни способности. Секој ќе работи само една одредена работа која ќе одговара на неговите способност и така ќе си биде и себеси од корист, а и на другите. За да се постигне оваа состојба во државата, треба да се насочи цело внимание кон воспитувањето и образованието, врз чија основа ќе се изврши избор за одредени функции во општеството. Бидејќи, според Платон, воспитанието и образованието се примарни, најважната функција на државата е таа да се грижи за потомството со што одредува „колку деца треба да се родат, кој и со кого треба да се родат за да се добие здраво поколение“.

Според Платон, воспитанието и образованието се под надзор на државата бидејќи поединците можат лошо да ја разберат смислата за целина, па лесно може да се уништи. Во воспитанието и образованието од првата до третата година кај детето се обрнува големо внимание за лична хигиена, од третата до шестата проповедање на митови, од седмата до десеттата гимнастика, а од десеттата до тринаесеттата читање и пишување. Од четиринаесеттата до шеснаесеттата учење поезија и музика за кои Платон придава особено значење. Од шеснаесеттата до осумнаесеттата потребна е математиката, астрономијата, а од осумнаесеттата до дваесеттата трае воената обука. Кога овој дел од воспитанието и образованието ќе заврши, следува вистинскиот избор. Државата го проверува секој поединец, а испитот се врши непристрасно и без оглед на сталежот на кој припаѓа ученикот. Така на пример, оние кои не покажуваат склоност кон умствената работа, но се храбри, остануваат во воениот сталеж и не напредуваат понатаму. Оние кои се покажале како најспособни и го продолжуваат научното образование до триесеттата, кога доаѓа вториот избор. Помалку способните одат на чиновнички места, а мал дел од најспособните учат дијалектика уште пет години, а тогаш стануваат команданти до педесеттата година. Дури во педесеттата година можат да станат владетели, односно филозофи. Според тоа, филозофите не се само теоретичари туку имаат и големо практично животно искуство кое им овозможува да гледаат и да одлучуваат.

Воспитанието и образованието според Платон не се однесува само на мажите туку и на жените на кои им се отвораат истите духовни можности бидејќи и тие можат да учествуваат во војни и владеење.

Помеѓу сталежите на Платон не постојат граници кои поединецот со своите лични способности не би можел да ги совлада. Секој според способноста покажана на испит може од еден сталеж да премине во друг. Така на пример, ако синот на земјоделецот се истакне со своите филозофски и чуварски способности, државните органи му одредуваат филозофско или чуварско воспитување, а ако синот на филозофот или чуватор покаже земјоделска способност, тогаш тие го упатуваат кон таа насока.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура