X
 20.07.2016 Интервјуа

Интервју со Тања Турунџиева, нуртиционист: Децата не треба да јадат секој ден месо, а уште помалку месни производи


 
Нашата позната нутриционистка Тања Турунџиева во интервју за Факултети.мк објаснува како треба да се хранат децата, која храна е безбедна и како всушност треба да изгледа неделното детско мени. Таа вели дека децата задолжително треба да имаат 3 до 5 оброка дневно со присуство на вода и природно цедени сокови. Турунџиева предупредува дека многу често во исхраната на децата е застапена индустриската исхрана која претежно во својот состав содржи конзерванси, емулгатори, вештачки бои, нитрити.

- Лошата исхрана влијае и врз растот и развојот на едно дете - вели таа.

Факултети.мк: Родителите се исправени пред многу дилеми кога е во прашање исхраната на децата. Што е првиот совет што им го давате кога ќе дојдат кај вас?
- Факт е дека родителите имаат проблем и дилема кога е во прашање исхраната на децата. Прво и основно детето треба да има секојдневен индивидуален режим на исхрана, во којшто ќе бидат присутни сите основни нутритивни вредности. Најнапред кога ќе се обрати за помош некој кај мене правам осознавање на детето, односно ги запознавам неговите секојдневни навики. При подготовката на режим на исхрана, неговите оброци ги адаптирам према неговите обрвски и активности. Сето тоа го правам со селекција на исхрана, која ќе влијае на неговиот метаболизам и имунолошки систем. Целата исхрана е адаптирана на нашата македонска кујна и исхрана која е својствена за ова поднебје. Внесот на хранливите продукти е индивидуален, базиран на неговата здравствена состојба, активности и потреби. Внимавам многу на приготвувањето на режимот на исхрана да во него има квалитетен внес на здрави и квалитетни калории. Задолжително да имаат 3 до 5 оброка дневно со присуство на вода и природно цедени сокови. Секој режим е индивидуален.

Факултети мк: Како треба да изгледа дневното мени на децата од 5-6 годишна возраст, а како на поголемите деца, пред пубертет?
- Децата пред школска возраст па и малку поголемите потребно е да имаат 5 оброка дневно, 3 главни оброка и 2 ужини. Во нивната исхрана секојдневна треба да биде присутно свежото овошје и свежиот зеленчук. Во текот на денот треба да бидат внесени сразмерен внес на јагленохидрати и житарки. Сите оброци треба да бидат пропратени со разноврсни, колоритни, свежи зеленчуци. Сметам дека, треба на децата да им се направи неделно мени, во кое ќе изобилува разноврсна македонска кујна. На тој начин во текот на една недела ќе бидат внесени сите потребни нутритиви, кои позитивно ќе влијаат на правилниот и здрав развој на детето. А кога станува збор за исхрана кај деца во пубертет гласно и јасно велам: „Родители внимавајте што јадат вашите деца надвор од дома“. Родителите можеби и имаат увид и контрола на исхраната на децата во домовите, но најчесто децата на таа возраст консумираат брза храна и многу индустриска храна. Затоа во последниот период видливо се зголемените килограмите, кај децата во пубертет. Преку еукативни програми, преку секојдневни разговори, како и преку уписи на разни спортски активности, може да се победи оваа несакана појава кај децата на таа возраст.

Факултети мк: Од детската клиника често знаат да излезат со информации дека таму лежат деца со предвремен пубертет, а како една од причините наведуваат дека е храна преполна со хормони и антибиотици, главно месото. Како всушност ваквата храна влијае на организмот?
- Убаво се вели дека како ќе се храниме така ќе не служи нашиот метаболизам и организам. Многу често во исхраната на децата е застапена индустриската исхрана која претежно во својот состав содржи конзерванси, емулгатори, вештачки бои, нитрити,.......Кај секој детски организам различно се манифестираат проблемите на метаболизмот и имунолошкиот систем. Кај одредени делуваат на хормоналниот статус, кај одредени на имунитетот, кај одредени кај ендокриниот систем. Лошата исхрана влијае и врз растот и развојот на едно дете и секогаш во негатиивна појава. Тоа зависи од самиот организам на детето и неговите слаби точки. Видливи се промените кај децата со предвремен пубертет, затоа што тие се перципираат. Но, да се запрашаме колку можат да бидат страшни промените на децата при нарушен метаболизам и физиологија. Пред да му дадеме било каков нутритив на детето треба добро да проучиме за каков индустриски производ станува збор и што се содржи тој како додатоци. На тој начин ке го сочуваме детето од внес на лоша храна.

Факултети.мк: Како да се заштитиме од пестицидите и отровите со кои се прскаат овошјето и зеленчуците?
- Секогаш треба овошјето и зеленчукот да се лупат. Тоа е нашата најдобра заштита. Треба де ги потопиме овошјето и зеленчукот во вода, во која ке биде растворена 1 кафена лажичка сода бикарбона. На тој начин ќе добиеме алкална средина која ќе ни овозможи подобар кавлитет на овошјето и зеленчукот. Моја препорака секогаш да се купува од познати и стални продавачи, кои знаеме дека не користат пестициди или вештачки ѓубрива.

Факултети мк: Често во последно време се зборува за глутенот, дали тој е штетен за оние кои не се интолерантни или алергични на глутенот?
- Глутенот е мешавина на протеин кој се наоѓа во пченицата, р`жот, овесот, зобот, кус- кусот. Глутенскиот протеин има ниска биолошка и нутритивна вредност, за разлика од зрната со безглутен. Со новите истражувања докажано е дека глутенот се повеќе прави агресија врз нашиот дигестивен систем. Можеме да не бидеме нетолерантни или алергични на глутен, а сепак да прави хаварија на нашиот дигестивен систем. Се повеќе е докажано дека безглутенските житарки се поздрави одколку глутенските. Секогаш во пракса ги практикувам и ги препорачувам безглутенските житарки кои имаат многу поблагородно дејство и поквалитетна хранливост. Тие во својот состав содржат аминокиселини, магнезиум, Б витамини, корисни влакна. Поздрави се и не оптеретуваат нашиот дигестивен систем.

Факултети мк: Алергијата на храна е видлива на кожата кај децата и возрасните, но што е со нетолеранцијата со храна, како таа влијае на организмот и како да ја препознаеме?
- Точно е дека алергијата на храна е видлива на кожата , но интолерантноста на храна треба да ја почувствуваме и да го послушаме нашиот организам и метаболизам кој ни ги дава знаците. Секогаш кога имаме гасови во дигестивниот систем, честите натекувања на цревата, честите столици и иритираноста на цревата, наведува на мисла дека стануваме нетолерантни на некој тип на храна. Тоа најдобро ке го потврдиме со софистицираните лабораториски крвни тестови, кои ќе ни покажат колкава е нашата нетолерантност на одредени хранливи продукти. Во колку имаме нарушен дигествен систем, препорачувам да се направи тест за интолерантност на храна. Можеме да форсираме некој продукт секојдневно, а да не сме ни свесни дека сме интолерантни на него. Кога некој ќе има вакви симптоми од исхраната му ја исклучувам лактозата, каизинот, глутенот и сите алерго овошја и зеленчуци. Го препраќам на тестирање, го јакнам имунолошкиот систем и ја зголемувам базноста на организмот. Сето тоа е со индивидуален пристап.

 Факултети мк: Дали ги препорачувате безглутенските и глутенските житарки за децата?
- Бебињата не треба да внесуваат глутен до навршување на првата година, а децата кои што се атопичари и развиваат чести алергии дури и до третата година. Секогаш преферирам безглутенски житарки.

Факултети.мк: Дали децата треба да јадат секој ден месо?
- Заблуда! Децата не треба да јадат секој ден месо, а уште помалку месни производи. Во нивната исхрана треба да има сразмерен внес на протеин, јагленохидрат и житарки. И рибата и печурките се идеална замена за месото. Не велам дека, децата треба да бидат лишени од месото, но сепак тоа треба да биде добро проверено и квалитетно месо (предимство на телешко и мисиркино месо). Како податок на научно ниво докажано е дека вегетаријанците се поздрави од оние кои конзумираат месо.

Факултети.мк: Што е со возрасните и месото?
- Ништо не е поразлично од препораката како и за децата. Но, има индивидуи кои воопшто не треба да јадат месо. Тоа се индивидуите со канцерогени заболувања, автоимуните заболувања, комбинирани заболувања, како и луѓе алергични на протеин. Колку помалку ќе јадете месо, толку ќе бидте поздрави.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа