X
 21.07.2016 Образование

Андреј Наумовски, студент на ФЕИТ со просек 10.00: Образованието е систем за стекнување животни знаења

Андреј Наумовски е еден од најдобрите студенти на ФЕИТ. Тој е добитник на пофалница за просек од 10.00. За успешни студии тој смета дека е потребен труд, но и талент. Повеќе за него во продолжение.


Факултети: Како студент на ФЕИТ, успешно, се лансиравте во категоријата „најдобри студенти“. Што значи ова за Вас?

Андреј: Да, студирам на Факултетот за електротехника и информациски технологии на насока Компјутерски технологии и инженерство и завршив втора студиска година. Годинава ми беше врачена пофалница за постигнат успех од 10.00, највисок на ниво на генерација во претходната студиска година, односно за мене прва.

Факултети: На кој начин го постигнавте овој успех?

Андреј: Обично кога се споменува успех во образованието, особено на факултет, се јавува оној стандарден одговор, „редовно учење, редовност на предавања и вежби“... Мое мислење е, иако тој пристап помага, дека не е доволен за постигнување голем успех, особено не на техничките факултети. Пред да продолжам, мора да напоменам дека во моите две години на факултет, не сум повторил лекција кога ќе си дојдам од предавање или да почнам со подготвување испити месец дена пред колоквиумска/испитна сесија.Едноставно не функционирам така. Сметам дека, нормално не сакам никого да навредам, инженерските факултети не се за секој. Потребна е точната комбинација на вложен труд, талент и волја за да се успее во овие полиња, а под ‘успее’ мислам на постигнување исклучително добри резултати за време на студирањето, а и подоцна во работата. Некој може ќе вложи преголем труд, но ако ја нема волјата и желбата за студирање на ова поле, нема да постигне толку колку некој што ги има двете и обратно. Уште од мал имав способност за решавање математички и логички проблеми со минимален труд и способност алгоритамски да решавам проблеми. Кога на ова ќе го додадете фактот дека сум во допир со компјутер уште од кога знам за себе и дека сум израснал да ја сакам таа наука и тоа поле, натаму сè е јасно .

Не знам дали е некако поврзано, но никогаш не сум сакал да одам на натпревари во основно и средно училиште. Некако бесцелно ми било да вложувам дополнителен труд и време само за некоја диплома или доказ дека сум научил повеќе од некој друг. Мој став е дека образованието не е поле кај што учениците треба да се натпреваруваат, туку е систем во кој што секој ученик треба да се стекне со знаења кои нему би му помогнале понатаму во животот. Ако јас знам колку знам и колку сум способен, зошто тоа би го докажувал на некој друг, што не ми е професор или потенцијален работодавач? Можеби поради ваквите погледи секогаш сум се трудел да посветам време на она што е важно и заради тоа сум постигнувал поголеми успеси. Ниту ден денес не сум член во организации, не сум видел потреба а и не сакам работи кои потенцијално би ми одвлекувале внимание од она што мене ми е битно.

И за крај, од клучна важност е правилно искористување на слободното време. На Електротехничкиот факултет можеби го немаме премногу, ама тоа што го имаме се трудам да го пополнам со други активности кои, во исто време, се забавни и ме тераат да се развивам самиот себеси. Кога не сум со друштво свирам гитара и готвам, хобија во кои постојано морам да учам доколку сакам крајниот резултат да ми биде сè подобар и подобар, сето тоа проследено со исклучително добра музика. Сметам дека тоа што постојано наоѓам начини да бидам активен и да размислувам надвор од факултетот ми овозможува полесно да постигнувам успеси во него.


Факултети: Што значи да си студент на ФЕИТ?

Андреј: Да си студент на ФЕИТ значи да си ненаспан зависник од кафе :). Шега на страна, да си студент на ФЕИТ значи да студираш на најдобриот технички факултет во државава како дел од една активна заедница на професори и студенти со кои лесно се комуницира и каде што имаш простор да се унапредуваш себеси и, во глобала, многу фини професори и асистенти. И секако, бруцошката забава.

Факултети: Дали имате практична работа и што значи тоа во процесот на образование?

Андреј: Практичната работа на ФЕИТ се извршува во два дела. Првиот е преку задолжителните лабораториски вежби во просториите на самиот факултет како составен дел од предметите кои ги слушаме, додека вториот дел е преку многуте компании кои имаат договор со ФЕИТ за студентски пракси. Моментално сум практикант во скопските канцеларии на британската компанија Endava, компанија со преку 2700 вработени низ целиот свет, пракса за која аплицирав преку ФЕИТ.


Факултети: Каде ја гледаш твојата професионална кариера?

Андреј: Својата професионална кариера ја гледам како инженер во некоја од водечките ИТ компании во светот и секојдневно работам кон остварување на целта.

Факултети: Твој совет до средношколците кои треба да станат идни студенти?

Андреј: Она што би им го препорачал на сите е да учат математика. Не толку поради самиот предмет, повеќе затоа што не постои ништо друго што ги развива когнитивните способности до тој степен. Уште една препорака е да се заинтересираат, ако се во можност, за видео игри, особено за стратегиски игри. Голем дел сега викаат “Голем си за игри, како не ти е срам“, ама еве сум, самиот знам колку ми помогнале во развивање на способности за носење одлуки и планирање.

На тие што сега треба да запишуваат факултет најискрено им препорачувам да не брзаат во одбирање на струка, да не бираат факултет само затоа што таму има пари или нешто слично, туку да најдат некоја рамнотежа меѓу тоа што го сакаат и тоа што ќе им користи на подолг план. Ако тие две работи им се преклопуваат, тогаш нема од што да се плашат. А да, и да научат да готват, може да им го спаси животот во следниве неколку години.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование