X
 25.07.2016 Наука

Научниците чекор поблиску до лек против срцевите напади

Пациентите кои доживеале срцев напад за кои не се очекувало да имаат здрав живот, научниците успеале да ги регенерираат нивните срца со матични клетки во истражување кое може да им помогне на милиони луѓе со срцеви заболувања.

 

наука


Ова е прво истражување кое покажува дека може да се променат лузните на срцевиот мускул поврзани со срцевиот удар. Ова е подвиг за кој докторите сметале дека е невозможен, и кој може да стави крај на потребата за трансплантација.

Лузните на срцето предизвикуваат органот да престане ефикасно да пумпа крв со што може да доведе до понатамошни напади и ненадејна смрт.

Но, 11 тешко болни пациенти кои биле подложени на инјекции со матични клетки, додека им била направена бајпас операција, доживеале неверојатно закрепнување.

Операциите биле спроведени помеѓу ноември 2012 и септември 2013 година и за ниту еден од пациентите не се очекувало да живеат подолго од 24 месеци. Но, поради терапијата со матични клетки, тие сите се'уште се живи и поактивни отколку претходно.

Вградените матични клетки се создадени од британската компанија за регенеративна медицина „Celixir“, ко-основана од нобеловецот и професор Сер Мартин Еванс. Сер Мартин е првиот научник во светот кој успеал да одгледа ембрионски матични клетки од глувци во лабораторија. Поголеми испитувања се планираат во Кралската болница Бромптон во Лондон кои треба да се спроведат кон крајот на оваа година.

Хирургот и професор Стив Вестбеј, од Џон  Редклиф болницата во Оксфорд, изврши операции со грчките специјалисти Кријакос Анастасиадис и Полихронис Антоницис од Генералната универзитетска болница во Солун.

„Ова беа пациенти со трета фаза на срцево откажување за кои се очекуваше да починат во рок од две години. Пациентите секогаш имаа недостаток на воздух и често пати не можеле да ги врзат чевлите бидејќи нозете и стапалата им биле потечени. Ги зедовме клетките, ги ставивме кај пациентите и имавме зачудувачки резултати. Обично срцевиот мускул не се опоравува, меѓутоа кога видовме дека всушност тоа се случува беше и повеќе од извонредно“, вели професорот Вестбеј.

Тешкото оштетување на срцето во моментот е неизлечиво, а пациентите имаат полош животен век од голем број пациенти со рак. Најчесто причина за тоа е срцевиот удар кога мускулите од срцето страдаат од непоправлива штета и повеќе не можат ефикасно да пумпаат крв. Пациентите често пати не можат да извршуваат редовни активности како што е на пример искачување по скали.

Професорот Вестбеј претходно оперирал деца со абнормалности на коронарните артерии кои доживеале повеќе срцеви удари. Тој открил дека лузните во срцето исчезнувале со текот на времето, веројатно поради посебниот вид на матични клетки кои луѓето ги имаат додека се деца. Но, кај возрасните никогаш не е пронајден лек.

Научниците веруваат дека инјекциите со матични клетки ставени директно во срцето можат да доведат до исти резултати кај возрасните, но досега секој обид се покажа како неуспешен. Новите клетки, се земени од донатор и се ставени околу оштетеното место. Тие го потиснуваат воспалението и промовираат регенерација, слично на екипа за стабилизирање на пациентот пред да се поправи штетата.

„Клетките одат низ лузните и ефикасно помагаат во регенерирањето на областите околу лузните“, вели Аџан Реџиналд, кој заедно со Сер Мартин ја основале „Celixir“.

„Тие исто така помагаат во напредувањето  на срцевото откажување. Клетките имаат способност да го модулираат имунолошкиот систем. Мислиме дека повеќе ги регенерира клетките, отколку што произведува нови. Она што го видовме беше значително намалување на лузните. Како научници ние секогаш сме прилично цинични и воопшто не го очекувавме овој резултат. Иако постојат забелешки дека станува збор за само 11 пациенти, сепак ќе потенцирам дека не очекувавме тие да бидат живи три години подоцна. Повеќето лекови успеваат да ги подобрат лузните за 5 до 10%, но со клетките процентот скокна на 40“, додава тој.

Британската фондација за срце вели дека потребни се понатамошни испитувања за да се провери дека подобрувањата не се резултат од успешна бајпас операција.

Џереми Пирсон, вонреден медицински директор вели: „Ова е мало истражување кое сугерира дека инјекцијата во срцето со внимателно подготвени клетки од здрав донатор за време на бајпас операција и тоа како е безбедно. Тешко е да се разграничи дали клетките имале корисен ефект, бидејќи сите пациенти биле подложени на бајпас операција. Мислам дека контролирано истражување со значително повеќе пациенти ќе утврди дали инјектирањето на ваквите клетки е поефикасно од претходните обиди за подобро функционирање на срцето на овој начин, кои досега во голема мера не беа успешни“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука