X
 27.07.2016 Култура

"Обојени програм" вечерва првпат на концерт во Струга

„Крени уши“ е мотото на 4. издание на мултимедијалниот фестивал „ДримΟΝ“ кој се одржува до крајот на месецот во Струга, а меѓу поексклузивните гости е групата „Обојени програм“ од Нови Сад. Тие вечерва во 22 часот ќе одржат концерт на Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. „Обојени програм“ прв пат настапуваат во Струга, а влезот е бесплатен. Музичарите велат дека секогаш кога настапуваат во Македонија ја чувствуваат позитивната атмосфера.



- Прв пат настапуваме во Струга. Концертот за нас е многу важен и се надевам дека сите заедно ќе имаме убаво дружење. Запознаени сме со програмата на „ДримON“ и имаме впечаток дека фестивалот е поалтернативен, значи поинтересен. Музика, театар, филм, изложби, дебати... Ќе видиме како сето тоа функционира, се надеваме на најдоброто  – вели Бранислав Бабиќ-Кебра, пејач на „Обојени програм“.
Групата неодамна настапи на дојранскиот „Д Фестивал“, а сега се враќаат во земјава со концертот на „ДримON“.

„Работиме на нов албум“


„Обојени програм“ важат за пионери на српскиот алтернативен звук и се познати по своите интересни надреалистички текстови, заразни мелодии и истрајност на сцената. На своите настапи во живо, тие од неодамна свират и две нови песни.
- Веќе почнавме со работа на нов албум, а тоа за нас е секогаш посебно расположение. Сега се одмораме од работата во студио, па свириме на концерти и проверуваме како поминуваат новите песни. Бендот постојано има некакви активности, во студио или на концерти. Сето тоа нам ни е еднакво интересно - вели Кебра.
Денешниот, втор фестивалски ден почнува во „чил аут“ зоната, во Паркот на поезијата, точно на пладне со работилница за рачни изработки и за читање. Во 14 часот е почнува уште една работилница - на гостинката од САД Трејси Спарк, која ќе ја претстави „Мојата приказна преку колажи“. Од 17 часот следи стенсил работилница со Марјан Стојаноски, а потоа и диџеј сетот на диџеј Шурбе. Чил аут зоната во 20.30 ќе го претстави и поетскиот перформанс на Андре Лоијенга од Холандија и Дениса Дуран од Романија. Оваа сцена се затвора со изложбата за реупотреблив дизајн на „Медиа арт клубот“ на МОФ.




Борба против шундот и кичот


Овој фестивалски ден е насловен „Све(с)т во транзит“ и на Летната сцена од 19.30 часот ја ќе се одржи дебата на тема културни миграции. Модераторка е професторката Елизабета Шелева, а како панелисти ќе учествуваат Искра Гешовска и Игор Тошевски. Од 21 часот, следи проекција на филмот „Кружниот пат на Марето“ на Жарко Иванов. Изложбата „Вечно враќање“ на Оливер Маринковски е половина час подоцна.
Вечерниот термин, освен за концерт на „Обојени програм“, е резервиран и за „Елвис Присли проџект“, како и за диџеј-сет на Гер Качераја од Албанија.
Фестивалот го организира Здружението на млади уметници „Иницијатива за независен културен активизам – ИНКА“. На петте фестивалски дена ќе се одрѓуваат дебати, изложби, музички настани, перформанси, филмови, работилници со звучни имиња од културата и уметноста за сите генерации. Секој ден ќе има своја тема.
- Фестивалот ќе понуди сцена за изразување различни прогресивни погледи, поинакви настапи на активизам и ќе инспирира критична демократска мисла на граѓаните. Годинашното мото е „Крени уши“, што подразбира дека ни треба закрепнување и подигнување на нивото од шундот, кичот и падот на вредности што се случува општеството - вели Кристина Тодороска-Петреска од здружението ИНКА.

Четвртото издание на „ДримON“ се одржува со помош на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) од САД.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура