X
 03.08.2016 Образование

"Професорке, денес нема кому да се восхитуваме - погледнете околу нас"

nastavnicka

 

Кога некој ќе каже средношколец, јас помислувам на млада личност која штотуку влегла во светот на возрасните, која најмногу размислува за светот околу себе, која и тоа како разбира, меѓутоа грешно толкува. Помислувам на личност полна со љубопитност, големи соништа, желба светот да биде негов. Помислувам на тие деликатни години кога се формираат вредносните судови, се поставуваат координати за добро и лошо и со малку бунт многу работи се доведуваат во прашање.


Помислувам и на тоа дека, што се однесува до природата, можат да бидат и родители, а што се однесува до историјата можат и да загинат во бесмислени војни. Знам дека детето во нив бара побрзо да пораснат, а дека светот на возрасните им е досадно место во кое некој ги ограничува.

Во суштина, мислам дека тоа се одлични години и се надевам дека и понатаму се наивни и невини во душата. Ако им завидувам поради нешто, тоа се нивните големи соништа и отворените патишта, и тоа што се'уште имаат големи надежи и оправдано големи очекувања од животот. Кога ако не тогаш?

И тврдоглаво се држам до оваа романтична слика за последните тинејџерски години, иако некои работи неколку пати ме демантираа. Една од овие низи ладни тушеви ми се случи пред неколку дена.

Пред лекцијата за храброто момче кое на 13 години ја изгуби раката и ногата, а потоа стана најмладата личност со инвалидитет која успеа истата година на скии да стигне до Северниот и Јужниот пол, ги прашав моите ученици дали во нивниот живот постои некој на кој им се восхитуваат, кој ги мотивира, на кого помислуваат кога им е тешко во животот.

Тишина.

Од англиски преминувам на мајчин јазик, мислејќи дека не сите го разбраа прашањето. Го преформулирам прашањето и им објаснувам дека не мора да се работи за идоли, познати личности, и дека тоа може да биде некоја личност што ја познаваат и ѝ се восхитуваат поради нешто.

Повторно тишина.

Помислувам, подобро тишина отколку имиња како Цеца, меѓутоа повторно ми е криво што тие воопшто не размислувале на оваа тема. И понатаму инсистирам да добијам одговор од нив, им објаснувам дека не мора слепо да ја обожаваат личноста, туку да ми кажат некој кому му се восхитуваат поради храброста, оптимизмот, дисциплината и слично. Чекам уште малку, па ги потсетувам на младата кошаркарка која во сообраќајна несреќа ја изгуби ногата, а сега повторно трча и не се откажува. За жал, не сите знаеја за неа, но некои ја познаваа. Ова охрабри едно момче да каже дека му се восхитува на неговиот врсник кој вози авто-трки и стигнал до некој важен тим. Помислувам, ајде, подобро е отколку ништо. Сепак, објаснувам дека мојата намера беше да го минимизирам значењето на прескапите автомобили, и да се насочиме на личните жртви и напори.

И понатаму сакав да слушнам кое е мислењето на останатите и сега тврдоглаво чекам одговор, иако веќе помина времето на загревање за оваа тема.

Едно девојче стана и кажа дека ѝ се восхитува на својата мајка поради нејзините квалитети и дека би сакала да биде како неа кога ќе порасне. И' заблагодарувам за одговорот, па продолжувам да ги чекам и останатите со уште малку охрабрување и прашања.

И тогаш се јави едно момче кое е сериозно, одговорно и паметно.

„Професорке, нас денес ни е тешко да се восхитуваме некому. Немаме кому. Немаме кому да се восхитуваме. Па погледнете околу нас“.

Овој пат тишина од моја страна. Се надевам дека на лицето не се гледаше сето она што во тој момент го мислев и чувствував. Се надевам дека не се гледаше колку сум тажна. И бесна. Многу бесна - на овој живот, на ова општество, на нас возрасните кои сме го дозволиле сето тоа.

Што да му кажам на ученик кој покажа зрелост, одговорност, памет, разбирање на светот и притоа покажа дека се помири со тоа и дека мисли како сето тоа е едноставно? Да се преправаш дека си блесав и дека не е се' така црно? Да ја обвинуваш државата, општеството, глобализацијата и современите светски трендови, политичката безначајност? Или да започнеш да ги лажеш децата и да им кажуваш дека ќе биде подобро, дека на нив останува само да учат бидејќи само образованието не може никој да им го одземе? Лицемерно да си го извлечеш задникот и да им кажеш дека на нив останува да го променат светот и да направат подобро општество, а знаеш дека ни ти самиот не си создал добро општество? Или едноставно да му кажеш дека е во право?

Баш тоа му реков. Му реков дека е во право. Тогаш кажав нешто во стилот дека постои лична победа поголема од секое општество и опкружување и ги воведов во лекцијата:

„Денес ќе зборуваме за момче од Полска, Јан Мели, кој се победи себеси“.

Што би се случило ако Јан Мели не се родел во Полска? 

 



Автор: Љубинка Бобанедиќ

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование