X
 04.08.2016 Образование

Марија Попоска, една од најдобрите студентки на ФЕИТ: "Успехот не доаѓа сам по себе"



Како студент на ФЕИТ покажувате извонредни резултати во областа што сте ја одбрале за студирање. Тоа го препознаа вашите професори и Ве наградија. Што значи да сте награден студент на ФЕИТ?

Некој ќе Ви каже дека работел цела година за да добие лист хартија на кој со големи букви пишува ПОФАЛНИЦА. Но, јас ќе Ви кажам дека нема поголема награда од тоа некој да го забележи вашиот квалитет и уште повеќе, на еден свечен настан, јасно и гласно да го прочита Вашето име. Во тој момент се чувствувате како да добитник на Нобелова награда, а не на пофалница за постигнат одличен успех. Се разбира, просекот не е мерило за знаењето кое го поседуваш (со што потполно се согласувам), но кога станува збор за ФЕИТ, тоа и не е баш така.

Просек на ФЕИТ и просек на кој било друг факултет се две дијаметрално различни работи.. Ова ќе звучи клише, но наградата ми помогна уште повеќе да ги зголемам своите амбиции и ме мотивира да се заблагодарам на факултетот со тоа што ќе постигнам уште поголем успех наредната година. Наградата не е лично моја заслуга, се разбира ја делам со беспрекорните професори и со најлојалното семејство како моја најголема подршка!

Тешко ли е да се студира Електро факултет?

Не знам дали сте запознаени со митот кој кружи меѓу луѓето дека Електро е најтешкиот факултет и со вицот дека некоја мајка имала две ќерки - едната убава, а другата на електро. Сакам да кажам дека митот не е мит, тоа е жива вистина, а вицот.. па и во него има вистина. Тешко е, но не е Mission: Impossible. Единственото нешто што е тешко е да се помириш со фактот дека треба да жртвуваш сè и да се откажеш од многу работи доколку сакаш да преживееш во океанот полн со ајкули.

Ваш модел за успешно студирање?

Успехот не доаѓа сам по себе. Не значи ако сте интелигентни дека ќе бидете успешни студенти. Најбитно е да бидете упорни, истрајни и трудољубиви. Ќе станете најдобар пријател со кафето, а најголем непријател со сонот. Бројот на кафиња секој ден експоненцијално ќе расте, а бројот на преспиени часови експоненцијално ќе опаѓа. Успехот ќе дојде кога ќе почнете да решавате задачи од збирки со НЕРЕШЕНИ задачи, кога ќе се интересирате за тоа што го учите, па дури и во слободното време гледате документарни емисии за тоа, кога ќе пререшите толку многу листови што твоите дома ќе мислат дека ги лажете за парите кои им ги барате за тетратки, кога денот и ноќта ќе станат едно, кога ќе почнете да сонувате н-димензионални матрици и на сите околу вас со радост ќе им зборувате за работите кои секој ден ги дознавате, иако знаете дека тоа не ги интересира.

Препорака до вашите идни колеги – зошто да се запишат на ФЕИТ?

Најзабавните луѓе се на ФЕИТ (иако сите мислат дека сме чудаци), ова е место каде што учењето на памет е надвор од мода, колегите ги чувствувате како своја фамилија бидејќи со нив ги делите најтешките моменти, последните пари и тие се луѓето кои потполно Ве разбираат. Иако е тешко, учењето со нив знае да биде и забавно исто така, ќе се најдете во такви ситуации што ќе Ви доаѓа да вриснете од мака, но ќе ги истренирате вашите нерви и полесно ќе се справувате со суровоста на живеењето, постојано ќе бидете опкружени со паметни луѓе, но најмногу од се ќе имате чест да слушате предавања од професори со реноме кои поседуваат енормно знаење и на кои ќе се восхитувате.

Каде ја гледаш својата кариера?

Не знам каде ќе ме одведат амбициите, но не сум од оние кои сонуваат да живеат надвор од својата држава и да заработуваат еден куп пари. Сметам дека и тука има плодна почва за оние кои сакаат да променат нешто и да остават нешто добро за тие кои ќе следуваат после нив. Сакам динамичност и иновативност во мојата кариера и се надевам дека еден ден ќе бидам дел од некој научен институт каде ќе работам на технологјата која ќе ни ја понуди иднината.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование