X
 08.08.2016 Образование

Голем успех на македонските средношколци на 47-та Меѓународна олимпијада по физика





На 47 Меѓународна олимпијада по физика организирана од Швајцарија и Лихтејнштајн, а која се одржа во Цирих од 10 до 17 јули 2016 година учествуваа 5 натпреварувачи од Р. Македонија и тоа:


1. Дејан Максимовски, ученик во четврта година во ПСУ Јахја Кемал, Бутел
2. Софија Димоска, ученичка во четврта година во ПСУ Јахја Кемал, Струга
3. Дејан Пејчиноски, ученик во четврта година во СОУ Д-р Ибрахим Темо, Струга
4. Ангела Митровска, ученичка во четврта година во ПСУ Јахја Кемал, Гази Баба
5. Александар Иванов, ученик во втора година во ПСУ Јахја Кемал, Бутел

Водачи на учениците натпреварувачи беа:
1. Д-р Боце Митревски, Претседател на Друштвото на физичарите на Р. Македонија (ДФРМ) и доцент на Институтот за физика при ПМФ, Скопје
2. Д-р Ламбе Барандовски, Претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ и доцент на Институтот за физика при ПМФ, Скопје

На олимпијадата учествуваа натпреварувачи од околу 90 земји со вкупно 400 натпреварувачи. Натпреварувачите од Р. Македонија постигнаа одличен успех. Ученикот Дејан Максимовски освои бронзен медал, а ученикот Александар Иванов освои пофалница.

Покажавме дека медалите на светски олимпијади не се недостижни за нашите натпреварувачи. Во следните години ќе се подготвуваме и ќе се натпреваруваме за освојување на сребрен или златен медал. Друштвото на физичарите на Република Македонија и оваа година, исто како и претходните се соочуваше со финансиски тешкотии во обезбедување средства за авионски билети и котизација за тимот. Единствено Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија во државна соопственост Скопје излезе во пресрет да додели донација на ДФРМ.

Успехот е дотолку поголем што всушност скоро никој во Р. Македонија немаше слух за нашите барања, проблеми и најважно нашите очекувања. Агенцијата за млади и спорт само ни достави негативен одговор на нашето барање, а Министерството за образование и наука не достави ниту одговор на нашето барање за подршка.

Во секој случај, ДФРМ и понатаму ќе продолжи да организира национални натпревари по физика, ќе продолжи со издавачка дејност, да организира школи, семинари, конференции и работилници, да ги подржува учениците и наставниците што предаваат физика и природни науки, ќе даде максимален придонес успешно да ја претстави Р. Македонија на меѓународни натпревари.
Веруваме дека во Р. Македонја има поединци, групи, институции и организации кои ќе ја препознаат нашата работа, поблиску ќе се запознаат со нашите активности и ќе помогнат во афирмација на активностите на ДФРМ, а со тоа во популаризација на науката, на физиката и претставување на Р. Македонија на меѓународни натпреварувања.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование