X
 09.08.2016 Образование

Како Балканот ги учеше децата за смртта?

Односот на луѓето кон смртта во државите од поранешна Југославија сигурно е дефиниран во војните во деведесеттите години. Единствени сме на континентот на Европа каде младите луѓе ја знаат разликата помеѓу обичен доказ за воено злосторство и геноцидот.

 

strip


Земјите од екс-ју просторот се единствени каде децата ги знаат имињата на судиите и обвинителите на меѓународниот суд како и кои се лошите ликови во цртаните филмови. Мртвите ги лицитираме лесно, како да играме карти. Дури и полесно.

Но, луѓето кои пораснале на почетокот на војната се сретнале со смртта на еден поинаков начин. Многу поинтимен и посоодветен за нивната возраст.

Растење во рајот


За да ви откријам како мојата генерација за прв пат учеше за смртта, мораме да отпатуваме до Јадранот. Годишно време - лето. Песна - Ламбада во придружба на штурците. Сликата која ја гледаме е иста веќе илјадници години. Нијансите на синото море споено со облаците и небото, како бојата од каталогот на Икеа. Острови во далечина, по некоја барака, звукот на штурците, брановите и ветер.

Децата не трчаат по топката ниту пак по чоколадите, туку се натпреваруваат кој прв ќе дојде до продавницата. Тука се крие нивното најголемо богатство без кое нивната летна бајка не е комплетна. Неговото Височество - стрипот.

Децата не трчаат само поради младоста и лудоста туку трката е реална. Кој ќе дојде прв до продавницата, има право прв да го купи стрипот. Бројот на стрипови е ограничен, особено оние популарните. А вкусовите се субјективни. Но, без стрипови не се може. Сепак, ситуацијата не е толку фатална. Ако некој задоцни или нема пари, може да почека својот другар да заврши со читање, и да му го даде стрипот.

Изборот никогаш не беше мал. За љубителите на Дивиот запад тука беа Текс и Загор; љубителите на политиката го читаа Алан Форд, револуционерно насочените деца уживаа во Блек и Командантот Марк итн. Но, меѓу сите нив на прво место беше нашата прва средба со смртта - Дилан Дог.

Првата средба со смртта

Стрипот за истражувачот на кошмарите, заедно со неговиот помошник на прв поглед изгледаше како секој друг стрип. Малку чудовишта, малку акции, голотија и лоши шеги. Сепак, тој материјал за читање беше сосема различно - на некој начин чудовиштата, акцијата и голотијата беа неважни. Дилан Дог беше приказна за смртта.

Како деца, првото сознание за смртта го имавме од тв екраните, средбите со мртвите животни на патот или погребите. Подалеку од тоа не се разговараше со децата. Смртта беше табу такашто ниту возрасните не зборуваа за неа. Во тие млади години единствено што можев да заклучам е дека треба да се плашам од смртта, бидејќи таа е исчезнување, а не формирање. За смртта не требаше ниту да се зборува ниту размислува бидејќи така се однесуваа цивилизираните луѓе.

Но, кога започнавме да го читаме Дилан, се' се промени. Привлечени од баналните приказни за вампири и убијци, бевме вовлечени во еден свет кој никогаш претходно не го знаевме.

Дилан ниту еднаш не беше смртник - не затоа што беше бесмртен или затоа што имаше суперсили туку затоа што реалноста околу него била дефинирана со смртта. Како можете да умрете од она што веќе е мртво? Смртта од друга страна имала симпатии кон Дилан, дури и физички ја чувствувала неговата близина.

И така децата ги купуваа стриповите, ги делеа меѓу себе за да можат да се заменат со приказните, и се впуштаа во животна едукација која никогаш нема да ја заборават. Додека нивните родители подготвуваа вечера или ги гледаа како нивните деца мирно читаат стрипови на плажа, не беа свесни кои древни знаења им биле пренесувани на младата генерација.

Образованието започнува


Додека останатите деца во Европа читаа за Гарфилд, ние учевме за нови концепти.

Концептот на живи мртовци, но не зомби, туку живи луѓе кои всушност се мртви. До ден денес можам да ги препознаам овие луѓе на улица.

Додека децата од останатиот дел од светот беа опседнати со нинџа желки, нас не' интересираа трагичните приказни за неисполнетите животи, осамените манијаци за кои убивањето е единствен начин да се почувствуваат живо. Мене тие ме научија да го жалам злото. Несфатените чудовишта помалку ме плашеа од алчноста и дрскоста на богатите членови на англиските повисоки класи кои се вистинските негативци на овој свет.

Опседнатоста со изгледот, парите и славата секогаш завршуваше трагично. Материјалното е смртно.

Тогаш за прв пат се сретнав со идејата за вечно ништо. Не само непостоењето туку постоењето во ништо. Оваа судбина е полоша од смртта.

Ни самите не бевме свесни колку смртта ќе стане тема на овие простори, колку живи мртовци ќе одат околу нас. Бидејќи, додека останатите деца во светот  се забавуваа со Бетмен, Спајдермен, Супермен, Астерикс и Обеликс, на златните плажи на планинскиот Балкан ние го читавме Дилан Дог - најсубверзивниот стрип на оваа генерација.

Така ја запознавме и засакавме смртта.

Кој не го читаше, не умираше.

 

Автор: Борна Сор
Извор: Алџезира

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование