X
 13.08.2016 Здравје

Дали е потребно да земате витамини?

Луѓето ги знаат имињата на најпопуларните витамини и храната која ги содржи. Но, разбирањето што се витамините и каква улога играат во нашето тело е многу посложено.

 

витамин


Иако научниците велат дека постојат 13 витамини кои се неопходни за добро здравје, не постои вистински консензус за тоа што тие всушност му прават на телото и колку од нив ни се навистина потребни.

Кетрин Пирс, новинар за наука ги истражува овие прашања во книгата која неодамна ја објави „“Vitamania: How Vitamins Revolutionized the Way We Think About Food“. Таа ја следи историјата на витамините од нивното откритие како животоспасувачки органски соединенија кои спречуваат болести, па до нивната сеприсутност во храната, пијалаците и додатоците во исхраната. Таа фрла светлина врз митологијата поврзана со витамините и објаснува зошто дури и оние основните промовирани од експертите можат да бидат погрешни.

Зошто ја напишавте оваа книга?

- Имам тип 1 дијабетес што ме натера да размислувам за тоа колку храната се поврзува со нашите тела секој пат кога ќе јадеме. Еден ден, мојот сопруг ме запраша: „Што е витамин?“ - тогаш сфатив дека не го знам одговорот. Витамините се совршен предмет за истражување, а јас обожавам да истражувам работи кои ни изгледаат толку познато што никогаш не би поставиле прашање за нив. Тие беа мистерија маскирани во секојдневие, па станав заинтересирана.

Како витамините го променија начинот на кој размислуваме за храната?

- Витамините се првата „суперхрана“ - тие ја воведоа идејата дека постојат одредени видови храна, состојки и хемикалии кои имаат здравствени придобивки кои одат подалеку од исхраната. Постои директна поврзаност помеѓу откривањето и почетокот на маркетингот на витамините и нашите моментални верувања. Учењето за историјата на витамините ми помогна во препознавањето на исхраната со што ми помогна да донесам подобри и посмирени одлуки поврзано со она што го јадам.

Кои се некои од најчестите заблуди во врска со витамините?

- Веднаш кога ќе го слушнеме зборот витамин ние автоматски мислиме на таблети наместо храна - и потоа го користиме кога мислиме за сите додатоци во исхраната. Ова не е точно. Постојат само 13 витамини кои се од суштинско значење за здравјето во споредба со 85.000 додатоци во исхраната. Исто така, претпоставуваме дека научниците знаат точно како витамините влијаат врз нашето тело и колку ни се потребни, но не е така.

Дали просечниот човек треба да зема мултивитамини?

- Запрашајте се што јадете. Дали јадете збогатена храна со витамини како житарици? Тогаш веројатно не треба да земате мултивитамини бидејќи ги има во храната што ја јадете. Луѓето кои имаат најголема корист од мултивитамините се оние со строга диета или здравствени проблеми кои предизвикуваат потешко апсорбирање на хранливите материи од храната.

Во книгата велите дека лоша идеја е човек да се тестира за витамин Д и други хранливи материи во крвта. Зошто?

- Не би рекла дека е лоша работа туку дека не помага многу. Знаеме дека витаминот Д е неопходен за здрави коски, но се'уште не се знае што друго може да прави. Со ова е невозможно да се заклучи кои се нашите барања, со што е невозможно да се открие оптималното ниво за овој витамин.

Зошто земањето големи дози на витамин е лоша идеја?

- Лоша идеја е да се претпостави дека само затоа што нешто е од суштинско значење во мали дози, во големи дози е уште подобро. Некои витамини се токсични во високи дози. Витаминот А е еден од најозогласените. Во некои случаи, високите дози на витамини за кои мислевме дека се корисни, се покажаа дека предизвикуваат повеќе штета отколку добро. Во 90-тите високите дози на бета-каротен, предвесник на витаминот А, бил тестиран како можна превенција од рак, но на крајот беа поврзани со зголемен ризик од рак на белите дробови, особено кај пушачите. Запомнете: дури и водата може да ве убие ако претерате со нејзино пиење.

Во книгата тврдите дека бројките за дневна вредност се бесмислени. Зошто?


- Прво, сите имаме различни барања за витамини, што значи дека 100% за мене не се 100% за вас. Второ, препорачаните додатоци не се наменети како персонализирана порака. И трето, повеќето од процентите во колоната за дневна вредност се пресметани од 1968 година. Да, 1968 година.

Кои се некои од најчудните работи кои ги научивте за витамините додека ја пишувавте книгата?

- Синтетичкиот витамин Д е создаден од озрачените маснотии од волната на овцата. Американските политичари биле уверени дека тиамин недостатоците ќе предизвикаат да ја изгубиме Втората светска војна. Човекот кој го открил витаминот Б12 го направил тоа јадејќи сурово месо, а потоа вакво месо им давал на пациентите кои го јаделе не знаејќи. Се чини дека приказната за витамините е многу поголема, почудна, поинтересна и покорисна отколку што би очекувале.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје