X
 13.08.2016 Живот

Писмо од детето до своите родители: "Потребни ми се и двата родители"

дете

 

Разводот е болна работа за родителите, но тие во болката често забораваат дека треба да ги заштитат сопствените деца. Последиците по развојот и растењето на децата чии родители го продолжиле животот одвоено може да бидат опасни. Еве што едно дете им порачува на своите родители:

 

„Драги мама и тато,

Сфаќам дека нешто се случува, но не знам што. Животот се промени, а јас се плашам од смртта и сум несигурен кога станува збор за иднината. Родители, ова ми е потребно:

- Сакам и двајцата да бидете дел од мојот живот. Кога не сум со вас ве молам пишувајте ми, јавувајте ми се и поставувајте ми прашања. Во спротивно чувствувам како да не ви сум важен и како да не ме сакате. Морам да ве видам. Издвојте време за мене без оглед на тоа колку сме оддалечени и колку сте зафатени или сиромашни. Ми недостигате кога не сме заедно.

- Потребно ми е да престанете да се карате и да се потрудите да се согласувате еден со друг. Пронајдете начин да се договорите кога нешто се однесува за мене. Кога се карате поради мене, мислам дека јас нешто сум погрешил и се чувствувам виновен. Сакам да знам дека е во ред да ми биде убаво во друштво и на едниот и на другиот. Ве молам, поддржете ме. Ако се однесувате љубоморно или тажно се чувствувам како да морам да сум на нечија страна и едниот родител да го сакам повеќе. Потребно ми е да пронајдете начин позитивно и директно да комуницирате еден со друг за мене. Ве молам не ме ставајте на средина и не ме користете како гласник. Сакам да зборувате убави работи еден за друг бидејќи јас сум по половина од секој од вас и ве сакам еднакво. Кога зборувате лоши и непријатни работи еден за друг чувствувам дека не си се допаѓате еден со друг со што и јас не ви се допаѓам. Чувствувам и дека ме ставате на средина и ме терате да изберам еден од вас.

Потребни ми се и двата родители. Ве молам, сетете се дека сакам и двајцата да бидете дел од мојот живот. Сметам дека и мама и тато треба да ме воспитуваат, да ме научат што е важно и да ми помогнат кога имам проблеми. Ви благодарам“.

Автор: Б.Р.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот