X
 15.08.2016 Економија

Кои се најисплатливи професии во Македонија?



Програмерите и банкарите најбрзо ги враќаат парите дадени за студирање

Во најдобар случај, програмерите вложените пари за факултет ги враќаат за неполн месец со првата плата, додека на банкарите за тоа им треба малку повеќе, односно 1,2 месец. Најлошо поминуваат лекарите кои вложените пари за студирање во најскапата варијанта ќе ги вратат за 36 месеци.

Компјутерски програмер и банкар се професиите кои финансиски се најисплатливи во Македонија ако се земат предвид трошоците за студирање. Во најдобар случај, програмерите вложените пари за факултет ги враќаат за неполн месец со првата плата, додека на банкарите за тоа им треба малку повеќе, односно 1,2 месец. Најлошо поминуваат лекарите кои вложените пари за студирање во најскапата варијанта ќе ги вратат за 36 месеци.

Ова го покажуваат грубите пресметки што ги направи Факултети.мк во обид да дознаеме кои професии во земјава се најисплатливи. Пресметката е направена со споредба само на трошоците за школарина на државните и приватните универзитети и просечната плата за одредената професија според официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Кај одредени професии се пресметани и трошоците за задолжителните стручни испити без кои не може да се почне со работа. При пресметката не се земени предвид дополнителните трошоци за време на студирањето, како ни парите потребни за живот, храна и слично. Притоа, парите дадени за образование најбрзо ги враќаат тие што студирале на државните универзитети, а многу поспоро тие што учеле на приватен факултет каде што трошоците се многу повисоки.

Студент на Медицинскиот факултет кој плаќа државна квота од 200 евра месечно, студирањето ќе го заврши со сума од 1.200 евра. Потоа треба да полага стручен испит кој чини 450 евра, како и да плати за субспецијализација. Најевтината субспецијализација која трае две години чини 2.600 евра за нехируршките гранки и 3.400 евра за хируршките. Кога целиот овој процес ќе заврши, лекарот потрошил 4.250 евра и се соочува со просечна плата од 436 евра, пари што ќе ги врати за 9,7 месеци кога ќе почне да работи. Во поскапата варијанта, ако студент по медицина плаќа годишна школарина од 400 евра и потоа е на најскапата и најдолготрајната субспецијализација од шест години која чини 13.600 евра, вложените пари ќе ги врати за 36 месеци.

Кај студентите по правни науки исплатливоста на професијата зависи од тоа дали ќе завршат само со полагање правосуден испит или после тоа ќе полагаат и стручен испит за адвокат. Правниците најевтино ќе поминат ако студираат на државен универзитет во државна квота од 200 евра. Полагањето правосуден испит ги чини 150 евра, а просечната плата во правниот сектор е 608 евра. Притоа, правниците вложените пари ќе ги врати за 1,5 месец. Доколку сака да стане адвокат,правникот треба да плати 725 евра за полагање стручен испит, по што вложените средства за целото школување и оспособување за адвокат ќе ги врати за 3 месеци. Во најскапата варијанта, односно ако идниот правник студира на приватен факултет каде што имаа различни специјализирани правни насоки, вкупната сума за образование и правосуден испит ќе му биде 8.150 евра, а парите ќе ги врати за 13 месеци. Во истиот случај, иден адвокат ќе има вкупни трошоци од 8.900 евра, а вложените средства ќе ги врати за 15 месеци.

Во поглед на исплатливоста, најдобра е ситуацијата во ИТ-секторот, особено кај компјутерските програмери. Тие што студирале на државен универзитет со просечната плата од 823 евра за програмер, ќе ја вратат инвестицијата за неполн месец. Тие пак што своето стручно образование го стекнале на приватен факултет ќе треба да почекаат 10 месеци додека го вратат вложеното. Студентите на отсекот телекомуникации малку подоцна ќе ги вратат парите од нивните колеги програмери, односно за тоа ќе им требаат 1,3 месеци ако студирале на државен или 13 месеци ако биле на приватен факултет. Просечната плата во секторот телекомуникации е 627 евра.

Од студентите на различни економски насоки, најисплатлива професија имаат банкарите, кои во случај да студираат на државен универзитет со најниска квота вложените пари ги враќаат за 1,1 месец. Нивната просечна плата е 678 евра, а трошоците за студирање им се 800 евра. Доколку студираат на приватен унивезритет, трошокот за образование ќе го исплатат за 12 месеци.

Споредено со другите економски дејности, повисоки месечни примања имаат и сметководителите, кои имаат просечна плата од 608 евра. Нивните трошоци за студирање се исти како и кај другите, со тоа што после мораат да полагаат стручен испит за овластени сметководители. Без тој испит, вложените пари во образованието ги враќаат за 1,4 месеци доколку се на државен универзитет или за 14 месеци, ако студираат на приватен.

Вработените во маркетинг секторот, каде што просечната плата е 463 евра, парите потрошени за студирање ќе ги „оправдаат“ за 1,5 месеци ако образованието го стекнале на државен универзитет или за 17 месеци ако посетувале приватен факултет. Нешто подобра е ситуацијата кај тие од осигурителниот бизнис каде платата изнесува 580 евра. Луѓето од осигурувањето ќе ги вратат вложените пари за 1,4 месеци во најдобар случај или за 14 месеци во најскапата варијанта.

Кај студентите по архитектура, враќањето на вложените средства е два месеца ако се на државен универзитет или 19,5 месеци на приватен. Сепак, кај оваа специфична професија постојат различни овластувања и лиценци кои се добиваат со одреден стаж и искуство. Здобивањето со секоја од овие лиценци и овластувања чини околу 300 евра.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија