X
 16.08.2016 Образование

За намалениот број на првачиња не е виновен само наталитетот, туку и миграцијата

Иако бројот на запишани првачиња во нашите основни училишта за разлика од пред седум години е помал, сепак во одредени години се забележува благ пораст. Одговорните во образование често даваат изјави дека намалениот број на првачиња и општо на ученици се должи на намалениот наталитет во земјава, но дали навистина е така? Ако се споредат годините кога се запишани првачињата со бројот на живородени деца во соодветната година, излегува дека наталитетот не е намален, а сепак има помалку запишани првачиња. 



Според податоци од Државниот завод за статистика, во учебната 2009/10 година во прво одделение се запишале 23.002 ученици, најмногу во последните седум години. Во 2015/2016 пак, сме имале вкупно 21. 747 првачиња, односно 1.255 помалку споредено со 2009 година. За следнава учебна година нема податоци бидејќи уписите траат до септември.

Колку пак живородени деца сме имале во 2009 и во 2003 година, кога се родени најмногу од првачињата запишани во 2015 односно 2009 година. Според податоци од статистика бројот на живородени деца во 2009 година е 23.684, а во 2003 е 23.596 деца. Овие податоци покажуваат дека практично се родиле 88 деца повеќе, но првооделенци во 2015/16 година има помалку. Што е тогаш причината за намалениот број на ученици во 2015 за разлика од 2009.?

Да ги земеме за пример и податоците кои се достапни за последните две години години. Во учебната 2014/2015 година запишани се 21.872 ученици во прво одделение. Најмногу од нив се родиле во 2008 година, а податоците од статистика велат дека тогаш сме имале 22. 945 новороденчиња. Во 2015/2016 сме имале вкупно 21. 747 првачиња (125 помалку), а во 2009 година се родиле 23.684 деца, односно повеќе отколку во 2008 година. И тука имаме ситуација со зголемен наталитет, а намален број на првачиња.

- Точно е дека многу често во јавноста се манипулира со наталитетот и бројот на првачиња. Наталитетот е намален, тоа е факт, но не може единствен проблем да е тоа. Многу луѓе, пред сè млади брачни парови се иселени низ белиот свет во последната деценија. Миграцијата придонесува кон усложнување на демографските процеси и воопшто на демографската состојба. Тоа особено се чувствува во регионите каде имало интензивни иселувања на младо население во репродуктивна возраст. Со тек на времето ова води и кон демографско стареење. Внатрешните и надворешните миграции многу значајно се одразија врз природните демографски движења - вели професор по социјална демографија.

Од македонските државни институции не може да се добие информација колку луѓе и на која возраст се отселени од Македонија. Светската банка неодамна објави дека до 2010 година одттука се отселиле 447 илјади граѓани. Се проценува дека со отселените граѓани и во последните пет години бројката изнесува од 500 до 600 илјади.

- Една од главните причини за намалување на бројот на населението е секако сé пониската стапка на фертилитет. Причини за ова се многубројни од одложеното стапување во брак на младите и помалиот број на деца во семејството, до проблемите со невработеноста и несигурноста на работните места, нискиот животен стандард, нерешеното станбено прашање, итн, но и миграцијата игра голема улога - вели професоорт по социјална демографија.

Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование