X
 17.08.2016 Образование

Нов бронзен медал за Македонија на Интернационалната Олимпијада по Информатика

Младите македонски информатичари постигнаа нов голем успех, освојувајќи бронзен медал на 28-мата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2016), која од 12-ти до 19-ти Август се одржува во Казањ, Русија. Македонија на овој најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци во светски рамки ја претставува тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Димитар Бајрактаров, Никола Стојкоски и Душан Терзиќ, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и м-р Весна Киранџиска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).



Остварениот резултат претставува нова потврда дека Македонија треба да биде горда на своите млади ученици, кои со своето знаење од областа на компјутерските науки што одново и одново го демонстрираат на интернационалните информатички олимпијади, уште еднаш докажаа дека без сомнение припаѓаат меѓу најдобрите во целиот свет. Од своето прво учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија досега има освоено 1 сребрен и 14 бронзени медали, од кои најголемиот број во изминативе неколку години. Тоа е резултат со кој може да се пофалат помал број од земјите – учеснички на ИОИ. 

ИОИ е годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Во националните натпревари во програмирање на речиси 90 држави од светот секоја година учествуваат вкупно околу 250 000 ученици, со желба да се изборат за големата чест и привилегија да се претставуваат својата држава на ИОИ.




На годинешната ИОИ учествуваат вкупно 308 ученици од 86 земји од целиот свет. Во оваа силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои 17-годишниот Владимир Максимовски кој беше на чекор до освојување и на сребрен медал. Треба да се напомене дека и останатите тројца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Димитар Бајрактаров го делеа само неколку поени од освојување на бронзен медал.
           
Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, кој е и член на Интернационалниот комитет на Олимпијадата,  овој резултат се должи на континуираната работа на Здружението         со самите ученици, и во беспрекорната организација на натпреварите по информатика секоја година. Натпреварите се организираат благодарение и на поддршката на Агенцијата за млади и спорт на Македонија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Докстеам, Нетцетера и Семос Едукација. Системот mendo.mk кој го поседува Здружението е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.   

        
 
Следната, 29-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2017), ќе се одржи идната година во Техеран, Иран, а следен настан кој ќе го организира Здружението е Јуниорската балканска олимпијада по информатика во септември, во Скопје.
Веб страна за настанот: http://ioi2016.ru .

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование