X
 22.08.2016 Култура

Традициите на растењето: Ескимите - во прегратките на поларните ветрови

ескими

 

Ескимите се народ од поларниот круг кои своето име го добиле поради фактот што главната храна во нивната исхрана е суровото место (esquimantjik). Летото го поминуваат во шатори направени од крзно, додека зимите во игла кои ги прават од мраз и снег, а опстануваат такашто ловат животни и риби.


Овој издржлив народ живее во доста тешки природни услови, на кои го прилагодил и начинот на кој ги воспитува своите деца.

За време на бременоста и породувањето опкружени се со голем број суеверија. Ако бремената жена излезе од дома одејќи наназад, верувањата велат дека бебето ќе ѝ биде карлично наместено при пораѓање. Се верува дека ако бремената жена постојано спие во текот на денот, таа ќе роди мрзливо бебе. Бремените жени не смеат да носат прстени ниту да ја плетат косата во плетенки бидејќи во тој случај папочната врвца ќе биде завиткана околу вратот на бебето.

Ескимите веруваат дека пораѓањето мора да се изврши во посебен шатор кој е за таа намена, а ако тоа не се случи, тогаш шаторот во кој бебето ќе се роди мора да се напушти бидејќи повеќе не е погоден за живот. Жената се пораѓа во позиција на клечење, додека нејзиниот сопруг ѝ помага притискајќи го стомакот надолу. Мажот ја сечи папочната врвца, а плацентата се завиткува во животинска кожа и се остава надвор за да ја изедат животните.

 

1


После раѓањето, мајката е во изолација еден месец ако се роди машко, а два месеци ако се роди женско. Осум дена после раѓањето, шаманот извршува крштевање, давајќи му на детето дух заштитник и крштевајќи го. За Ескимите крштевањето е доста важен чин. Децата кои не се крстени не се сметаат за член на заедницата се' додека не добијат име. Децата најчесто добиваат имиња по неодамна починат член на семејството или по некоја високо угледна личност, што е одраз на верувањето во реинкарнацијата. Имено тие сметаат дека карактеристиките на починатата личност ќе се пренесат кај новороденчето.

Бебињата првата година од животот се носени во крзненото палто на нивната мајка кое се нарекува амаути. Во замена за пелени се користи мов или кожа од карибу. Облеката за децата се прави од меката кожа на младите животни. На две-три години децата добиваат свој „атајук“, крзнена облека, ракавици и чизми. И момчињата и девојчињата еднакво се прифаќаат од родителите и заедницата, бидејќи и двата пола се сметаат за дар од природата.

Децата растат слушајќи приказни и преданија за нивниот свет. Приказните им помагаат да ја научат историјата на нивниот народ, а подвизите на нивните предци засекогаш остануваат врежани во нивната меморија. Преку приказните и митовите, децата усвојуваат модели на однесување од старите и стануваат членови на заедницата во која, и покрај тешките услови, способноста за делење со другите и несебичната грижа за благосостојбата на семејството и сонародниците е еден од главните предуслови за опстанок.

Родителите на децата се доста благи кон нив и не ги тепаат, бидејќи се смета дека духот на предците се наоѓа во детето и тој е неговиот водич. Палавоста на децата во голема мера се игнорира, а кога родителите мораат да реагираат тие децата ги плашат со одмаздата од злобните духови. Децата учат како да се справат со околината и се грижат за себе истовремено и играјќи и помагајќи на своето семејство. Тие шетаат низ природата и бараат птичји гнезда за да пронајдат јајца и се натпреваруваат со своите пријатели во собирање на шумски плодови.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура