X
 03.09.2016 Живот

Навики на симпатичните луѓе

“Да бидеш допадлив е нешто што се стекнува преку вежба”, вели Тревис Бредбери, автор на бестселерот “Емоционална интелигенција”.

“Често барам од мојата публика да ми наброи некои особини кај луѓето што ги прават симпатични. Во набројувањето речиси секогаш ги прескокнуваат интелигенцијата, екстровертноста или талентот, а се сосредоточуваат на особини кои се вежбаат: достапноста, скромноста и позитивниот став.”
За разлика од IQ-a коja во голема мера ни е предодреденa, EQ (емоционалната интелигенција) е нешто што го развиваме и кое можеме да го менуваме.

Следуваат неколку препораки како да им бидеме посимпатични на луѓето.


Да не се преправаме
Најважно е да се биде искрен, зашто никој не сака лажговци. Секој сака некому да му влее доверба.


Да поставуваме промислени прашања
Најголема грешка е да се сосредоточиме на она што сакаме да го кажеме, при тоа невнимавајќи што ни зборува соговорникот. Луѓето сакаат да бидат сослушани, затоа треба да внимаваме и да поставуваме промислени прашања во текот на разговорот.


Да не осудуваме
Ако сакаме луѓето да нè сакаат во свое друштво, треба да имаме отворен ум. Никој не сака човек со ограничени сфаќања. Отворениот ум има неограничен простор за прифаќање нови идеи, па затоа пред да формираме свое мислење, треба да ги согледаме работите од перспективата на другите.


Да не привлекуваме внимание по секоја цена
Луѓето ги избегнуваат оние што сакаат да бидат во центарот на вниманието. Доволно е да бидеме пријателски настроени и внимателни. Кога ќе го привлечеме вниманието заради некое постигнување, не смееме да пропуштиме да ги спомнеме луѓето што ни помогнале во успехот. На тој начин ќе покажеме дека сме скромни и внимателни – двете најважни карактеристики што се врзуваат за симпатичните луѓе.


Да бидеме доследни
Кога луѓето ни пристапуваат, сакаат да знаат каква реакција можат да очекуваат од нас. Доследноста подразбира стабилност во односите со другите, дури и кога имаме лош ден.


Говорот на телото да ни биде позитивен
Треба да бидеме свесни за гестовите, експресијата и тонот на гласот. Ентузијастичкиот глас, директниот поглед и отворените раце привлекуваат луѓе. Кога разговараме со некого, пожелно е благо да се приклониме кон него. Позитивниот говор на телото може да направи огромна разлика, бидејќи понекогаш е поважно како говориме, отколку што говориме. 


Првиот впечаток е најважен
Многу истражувања покажале дека луѓето го формираат мислењето за другиот во првите седум секунди од средбата, додека во остатокот од времето се обидуваат да го оправдаат мислењето. Првиот впечаток зависи од позитивниот говор на телото, цврстиот стисок на раката и опуштениот пристап.


Да им се обраќаме на луѓето по име
Симпатичните луѓе редовно го користат името на својот соговорник додека зборуваат или го поздравуваат по име кога ќе го сретнат на улица. Доколку имаме проблем со запамтување на името на соговорникот, воопшто не е непријатно повторно да го прашаме како се вика.


Треба да сме насмеани
Насмевнувањето во текот на разговорот е главна одлика на симпатичните луѓе, затоа пожелно е почесто да се насмевнуваме, ненападно.


Внимателно допирање на соговорникот
Дискретниот допир на соговорникот во текот на разговорот, му дава до знаење дека може да се чувствува слободен во наше друштво и дека може да се потпри на нас. Едноставниот ненаметлив допир по раменото, прегратката и ракувањето предизвикуваат обострани позитивни чувства.


Да бидеме умерено страствени и забавни

Страствените луѓе се привлечни луѓе, но само доколку знаат добро да ги менаџираат своите страсти. Симпатичните луѓе на работа се сериозни, но пријателски настроени. Ефикасни се, но не ги занемаруваат своите колеги и соработници. Затоа, треба да имаме комплетно врамнотежена личност.


Симпатични луѓе
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот