X
 05.09.2016 Технологија

Интервју со Софија Спировска: Seavus Инкубаторот ќе им помага на стартапите и претприемачите

Seavus Инкубатор го отвори повикот за пријавување на стартапи, тимови или претприемачи кои работат во областа на информационите технологии за првата пред-акцелераторска програма во Македонија. За таа цел разговаравме накратко со Софија Спировска, одговорна за Seavus Инкубаторот.



1. Seavus Incubator ја најавува првата пред-акцелаторска програма во Македонија. Може ли да ни дадете подетално објаснување за што станува збор?

Ова е прва програма во Македонија која е наменета за стартапи и претприемачи со идеја да започнат бизнис во областа на информационите технологии. Целта е да се пренесе специфично знаење и искуство кон учесниците, а тие да развијат технички и деловни вештини кои ќе им помогнат да направат прототип, да лансираат производ на пазарот или да научат како да го финансираат својот бизнис.

2. Како е замислена програмата, колку време ќе се одвива, кој може да биде дел од неа?

Пред-акцелераторската програма ќе трае 8 недели, кои се поделени по модули на одредена тема: формирање на успешни тимови, развој на стратегија на компанија/производ и бизнис модели, истражување на пазарот, брендинг, маркетинг и продажни стратегии, дизајнирање на корисничко искуство, оптимизација на апликации, финансии итн. Односно, станува збор за вкупно 10 предавања кои ќе ги држат експерти во дадена област, а воедно ќе обезбедиме и континуирано менторирање во зависност од потребите на стартапите. Дел од експертите се од Seavus, но имаме и неколку интернационални ментори – светски имиња и успешни претприемачи, директори на познати компании.

На крајот од програмата е предвидено да има презентирање на идеите пред инвеститори (Demo Day) за оние кои се заинтересирани за надворешни начини на финансирање.



За да можат тимовите непречено да работат на своите идеи, Seavus Инкубатор ќе обезбеди простор за работа за времетраењето на програмата.

Очекуваме пријави од тимови кои работат на апликации или решенија за финансии и осигурување, здравство, интернет на нештата, мобилно плаќање, итн., но ги охрабруваме сите заинтересирани кои имаат некоја идеја, апликација или решение во областа на ИТ да се пријават. Доколку таа пријава е иновативна, подготвени сме да ја вклучиме во програмата.

3. Кои се ментори во програмата?

Во Скопје го најавивме присуството на Алан Шаф, основач и извршен директор на светски познатиот сајт за хостирање на слики www.imgur.com, компанија со проценета вредност од повеќе од 3 милијарди долари. Алан ќе зборува на што треба да внимаваат стартапите во нивната потрага по инвеститори, а исто така ќе пренесе дел од неговото лично искуство во развивање на успешна компанија.

Еди Демај, претприемач од САД, кој стои зад неколку успешни американски компании, ќе одржи обука за презентирање на идеите пред инвеститори (pitching).

Корентин Кремет, кој ќе зборува за продажни техники, доаѓа со вредно искуство од Мајкрософт и Оранж. Воедно, Корентин е познат во стартап заедницата како организатор на неколку Стартап Викенди во различни земји низ Европа. Себастиан Етел, своето искуство од азискиот пазар како претставник на Леони, глобален лидер во производство на кабли, ќе го сподели на самиот почеток од програмата. Имаме и неколку предавачи од Seavus: Кристина Цветанов, главен финансиски директор, Татјана Бошевска, директор за информатички технолгии, со претходно искуство во развој на компании и производи, и Алесандра ди Силвестро, експерт за дизајнирање на корисничко искуство.

Како претставници на инвестициските фондови се Ивана Станковиќ од South Central Ventures и Дарко Бутина од Netcetera кои ќе зборуваат за барањата на инвеститорите.

4. Дали постојат услови кои се потребни да бидат исполнети за да се биде дел од програмата?

Да, очекуваме да се демонстрира иновативно размислување, работа во тим и посветеност кон програмата и развојот на сопствената идеја. Бројот на учесници е ограничен, затоа што целиме кон квалитет во менторирањето и сакаме да им помогнеме на оние кои навистина се подготвени да инвестираат во развој на својата компанија. Инаку, програмата е целосно ко-финансирана од Seavus и ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Свисконтакт и Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, па затоа ќе биде бесплатна за оние кои ќе го поминат процесот на пред-селекција.

5. Какви придобивки ќе имаат учесниците кои ќе бидат дел од пре- акцелаторска програма?

Многу знаење, искуство од домашни и странски експерти, вмрежување, работа на сопствената идеја во заедница на претприемачи кои имаат слични амбиции за успех и сакаат меѓусебно да си помогнат, како и можност за финансирање на најдобрите стартапи од страна на инвеститори.

6. На кој начин оди аплицирањето и каде може да се пријават заинтересираните учесници?

Сите заинтересирани можат да аплицираат на веб страната на Seavus Инкубатор: www.seavusincubator.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија