X
 06.09.2016 Образование

Чомски за Обама, Сирија и бегалците

Ноам Чомски во интервју објавено на Дојче Веле зборува за американската политика на Блискиот Исток, сириската граѓанска војна и бегалскиот бран.

Ноам Чомски

Наскоро завршува мандатот на Обама. Што остана од славниот говор во Каиро? Воопшто, што останува после него на Блискиот Исток?

Ноам Чомски: Говорот на Обама во Каиро уште тогаш го доживеав како содржајно празен. Не очекував многу и мислам дека тоа мое чувство се потврди. Во неговата политика беше позитивно тоа што не користеше екстремно насилство и агресија, како што беше случајот со малициозната инвазија на Ирак, најголемиот злочин на векот. И на договорот кој е склучен со Иран може да се гледа како на нешто позитивно. Но, тој можеше да се постигне многу порано. Сепак мислам дека е подобро да се има спогодба отколку да се нема. Главното наследство на Обама на Блискиот Исток е глобализирана војна со беспилотни летала што означи почеток на нова ера на меѓународен тероризам. Мислам деа тоа ќе се рашири во огромни размери. Нема да се рашири само технологијата на беспилотните летала, туку ќе се покаже и дека неа за свои цели може да ја користат разни терористички групации. Во случајот на Арапската пролет, Обама, како и неговите сојузници, најпрво ги поддржуваше постоечките диктатури додека можеше. Освен тоа, после државниот удар е направено сè повторно да се воспостави стариот систем.

Во Египет, но и во Сирија, постојат исклучително жилави арапски диктатури. Дали Арапската пролет дефинитивно пропадна?
Ноам Чомски: Тоа всушност не го знаеме. Имаше одреден напредок, но сега доживуваме назадување. Постоеја значајни промени што можеа да претставуваат основа. На пример, во Египет работничкото движење беше важен сегмент од востанието во Арапската пролет и постигна значајни успеси. Верувам дека, сепак,  диктатурата на Сиси не може да ги реши огромните проблеми на Египет. Арапската пролет беше само една од многуте фази на патот кон слободата и демократијата. Но, Сирија е различно сценарио. Земјата тоне во самоуништување. Сите чекори досега преземени за да се спречи катастрофа само го зголемија хаосот. Она што навистина треба во Сирија е дефинитивно помалку насилство.

Моментално во Европа има се повеќе национализам и екстремизам. Луѓето кои побегнаа во Европа од блискоисточниот ужас на себе навлекуваат гнев на десничарски и исламофобични групации. Сметате ли дека тие општествени сили ќе стануваат се посилни?
Ноам Чомски: Политичките последици во контекст на бегалската криза се застрашувачки. Во Австрија, да го наведеме само тој пример, еден неонацист е на чекор до ултимативен политички триумф. Притоа, Австрија не прими толку многу бегалци како другите земји. Шведска покажа најголемо разбирање за бегалците, примајќи меѓу 150.000 и 160.000, со вкупно 10 милиони жители. Тоа значи дека сега 1,5% од населението се бегалци. Тоа е поинаку во земјите како Либан, земјата е сиромашна, моментално и не ги брои бегалците, но населението се состои и до 40% од бегалци. Дури 25% се луѓе од Сирија. Исто е и со Јордан кој прими голем број бегалци. Во споредба со нив, Европа едвај нешто и да направила. Секако, се поставува прашањето од каде толку луѓе кои бегаат. Главно се од Блискиот исток, но и од Африка. Европа има своја долга историја во Африка. Последните векови беа одбележани со искористување и ограбување на африканскиот континент. Последиците се чувствуваат се до денес и се вбројуваат во причините за бегство на многу Африканци во Европа. На Блискиот исток многубројни причини доведоа до бегалски бран кој трае. Една од поважните причини е и американската и британската инвазија на Ирак, која целосно ја разори државата. Ирачаните и понатаму бегаат од својата земја пред секташки судир кој пред инвазијата не постоеше во тој облик. кога сè тоа подобро ќе се разгледа, тогаш се гледа дека постојат одредени држави кои со својата политика предизвикаа бегалски бран во регионот - а меѓу тие држави се САД, Британија и други европски земји.

цело интервју
Подготвил: А.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование