Филмот „Устав на Република Хрватска“, во кој Македонија е копродуцент заедно со Хрватска, Чешка и со Словенија, освои Гран-при на фестивал во Монтреал, кој заврши синоќа. Филмот е во режија на Рајко Грлиќ, а наградата се состои од 100.000 долари.
Македонски продуцент е Дејан Милошевски. „Устав на Република Хрватска“ или „Љубовна приказна за омразата“ е невообичаена приказна за предрасудите и омразата спрема различностите. Улогите ги толкуваат: Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ, Дејан Ачимовиќ, а игра и нашата актерка Јелена Јованова, во улога на полицајка. Македонското учество во филмот го збогати и композиторот Дуке Бојаџиев, чија музика целосно е снимена во Македонија, а овде се работени и специјалните ефекти. Филмот на Рајко Грлиќ „Устав на Република Хрватска“ ќе има премиера во Хрватска во октомври, кај нас се очекува во ноември.