X
 07.09.2016 Култура

"Да го поздравиш и да ми го бациш" - крик во одбрана на професијата актер

Претставата ве враќа во детството, таму каде што ви се крчкале големите соништа, за тоа што сакам да бидам кога ќе пораснам, за идеалите што сте ги негувале, а истовремено е и алузија на актуелни политички настани во земјава кои лесно се препознаваат.

Четворица актери, четири столчиња, видеобим, светло, локација сосема соодветна – џебното кино на Младинскиот културен центар... Навидум едноставно и наивно, а всушност се слуша страшен крик, силен виј на една генерација актери која сака да каже нешто важно. Камерен простор и малата публика дошла да ги слушне. Предводени од режисерката Билјана Радиноска („Федра“, „Човекот што го изеде светот“), актерите Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска-Костовска и Ненад Митевски го создадоа ова авторско дело.



Низ своите лични приказни и искуства раскажуваат моќна повеќеслојна приказна за слободата на говор, за индивидуата во општеството, за правото да си ја сакаш професијата, во случајот актерството. И можеби во прв момент ќе ви се причини дека тоа е малку затворена тема, односно „што има мене како обичен гледач кој нема директна врска со таа професија тоа да ми е интересно и важно“. Но, секоја наредна минута од едночасовната претстава навлегува сѐ подлабоко и подлабоко во мислите што не сакаме да ги слушнеме, во проблемите што не сакаме да ги видиме, а нѐ мачат силно. Доказ за тоа се насолзените очи кои мнозинството во публиката на крајот на претставата се труди да ги скрие. Актерите играат немилосрдно искрено со секој атом на своето суштествување, лесно менувајќи улоги. Ова особено важи за актерките, кои се трансформираат од прасиња, преку елегантни дами до разгневени лавици, бесни пред неправдата.

Режисерката Радиноска умешно ги споила приказните и им дала добар тек и времетраење, така што гледачот во ниеден момент нема потреба да посака сцената да заврши и да дојде наредната. Слободата за која зборуваат актерите во претставата, очигледно ја имале и дури ја подготвувале истата.

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ е документарна претстава која ве враќа во детството, таму каде што ви се крчкале големите соништа, за тоа што сакам да бидам кога ќе пораснам, за идеалите што сте ги негувале, изведено преку вистински видеоматеријали од дел од актерите. Претставата прави алузија на актуелни политички настани во земјава кои многу лесно се препознаваат.



Актерите ја раскажуваа приказната паралелно со таа за „Галебот Џонатан Ливингстон“. Сижето за бунтовниот галеб, кој бил различен од околината и кој сакал само да лета, а не да се грижи за тоа како да стигне до храна, се меша со нивните лични приказни. И идеалот е ист, желбата да се лета и само тоа, да се игра на сцена ослободен од сите стеги.

Ако сте тргнале да ги гледате омилените ликови од детските претстави, со оглед на тоа дека сите четворица актери се вработени во Театарот за деца и младинци, сте погрешиле. Нив нема да ги видите во детинестото издание како на матичната сцена. Пред вас ќе бидат зрели актери кои докажуваат дека заслужуваат да имаат и возрасна публика, а не само детската, која несомнено ги обожува.

Во години кога независната театарска сцена е речиси ендемичен вид кај нас, претстави како „Да го поздравиш и да ми го бациш“, во продукција на „Артопија“, треба да се поддржат заради желбата да се излезе од рамката, да се избере потешкиот пат, да се биде поблиску до слободата.

Пишува: Сребра Ѓорѓијевска
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура