X
 09.09.2016 Живот

Петмина имигранти претприемачи кои го живеат "американскиот сон"

Пет приказни за доселеници во Америка коишто успеале културните разлики и јазичките пречки да ги претворат во предност. Поминале илјадници километри, направиле извоз-увоз на своите таленти во новата средина и денес со гордост раскажуваат за своите успешни животи.


Гвидо Ковалскис


Гвидо Ковалскис

Гвидо Ковалскис, родум од Аргентина, емигрирал во САД во 1996 година, со цел да студира бизнис на Беркли. По завршувањето, добил работа во консултантскиот гигант Мек Кинзи, откако им “паднал в очи” додека се подготвувал за голема презентација. Тоа го натерало да ја сфати моќта на неговата амбиција.

Во 2003 бил ко-учесник во формирањето на програмерската компанија Panarea Digital во Мајами во која вработил инженери од Аргентина и Бразил. До 2010, Panarea била функционален бизнис за креирање мобилни апликации и игри. Но, тогаш Ковалскис почнал да размислува: Што ако вклучи софтвер во училниците, така што наставниците да ги синхронизираат лекциите со уредите на учениците, со цел да ги одржуваат ангажирани и да можат да им го проверуваат апсолвираното знаење во реално време преку квизови и анкети? Како предност во спроведувањето на оваа идеја, Ковалскис увидел во употребата на iPad-и во основното и средното образование во Америка.

Една година истражувал и во пролетта 2012 година, стартувал бесплатна верзија на Nearpod на Apple App’s store. Уште првиот ден имало 1000 симнувања на апликацијата. Денес, Nearpod е апликација со богата содржина, и една лекција за наставниците чини во просек по 2,99 долари, а училиштата плаќаат 2-5000 долари годишно за откупување на лиценците. Ковалскис е задоволен од интересот за апликацијата, со оглед на фактот што неговата компанија не потекнува и не се наоѓа во Силициумската долина, туку на Флорида, која за инвеститорите сè уште се смета за невидлив пазар.

Во 2012 година, Гвидо си обезбедил стипендија на институтот за дизајн, Хасо Платнер, во Стенфорд, со цел да стекне кредибилитет во Силициумската долина, додека паралелно се случувал подемот на Nearpod. Тоа му ги отворило вратите кај т.н. бизнис ангели, кои инвестирале 750.000 долари во капиталот на компанијата. Во 2016 платформата ја користат повеќе од 10.000 училишта и 3,5 милиони ученици секој месец.

“Доселениците имаат широк поглед на светот кој можат да го применат во производите и услугите што ги создаваат”, смета Ковалскис.


Анџела Ромеро


Анџела Ромеро

“Тешко е да се биде жена во овој бизнис. Плус и доселеник - уште полошо”, вели Анџела Ромеро, која го основала CentralCloseout, компанија што се занимава со распродажба на големо на производи за убавина и здравје. 47 годишната Колумбијка се соочувала со добавувачи кои не сакале да соработуваат со неа само заради тоа што е жена, и со такви коишто ексклузивно ѝ наметнувале строги услови за соработка. Денес, Ромеро раководи со 14 вработени и магацин голем над 1000 м2 снабден со производи што ги продава на купувачи од целиот свет, особено во Латинска Америка. Она што ѝ дава самодоверба, ќе рече, е сознанието за тоа каде се наоѓа во моментот.


Дхераџ Пандеј   


Дхераџ Пандеј
     
Во 1997 година, Дхераџ пристигнал во Остин со два куфери и 900 долари во џебот, да продолжи на докторски студии по компјутерски науки на универзитетот во Тексас, но во втората година одлучил да стане инженер. По девет години поминати во Силициумската долина, Пандеј се почувствувал подготвен да започне нешто свое. Поседувал “зелена карта” и со заштеда од 100.000 долари ја стартувал компанијата Nutanix во 2009 година, со намера да создаде едноставна и елегантна ИТ инфраструктура. Компанијата со седиште во Сан Хозе, денес има повеќе од 2000 вработени во 40 земји.


Радек Мали 


Радек Мали

 
На 23 годишна возраст, Радек си купил билет за Грција и никогаш не се вратил во своето родно место, во Прага. Неговата прва работа во Атланта, Америка, во 1988 година, била мијач на садови во продавница за сладолед, за 3,50 долари на час. Години подоцна, по неколку работни искуства, Мали ја формирал компанијата за шпедиција, Highland Forwarding. Тој вели дека соработува со меѓународни клиенти, што му дава кредибилитет на неговиот бизнис, за кој се слуша и надвор од Њухемпшир (каде што му се наоѓа компанијата). Пред седиштето, поставиле јарболи за знамињата на нивните странски соработници кога доаѓаат во посета. Според Мали, тоа им помага да добијат нова работа, бидејќи соработниците забележуваат колку го вреднуваат нивното партнерство.   


Бабак Хедајати


Бабак Хедајати

Хедајати го напуштил својот роден град Техеран и се преселил во Калифорнија да живее со постариот брат. Тоа се случило во далечната 1978 година, кога бил момче од 12 години. Не зборувал англиски. За време на едно предавање на државниот универзитет во Сан Хозе, открил дека сака да се занимава со маркетинг. Инспиратор му бил предавачот Омид Кордестани, денес еден од челниците на Твитер. Во 2009 година ја формирал компанијата TapClicks – контролна табла со можност да се персонализира за потребите на секоја компанија, која им нуди анализа на успешноста на рекламите во реално време. Ја користат повеќе од 5.000 компании. Коментарот на Хедајати е: “Ако си имигрант со надеж да создадеш подобар живот за себе, не ги превидуваш можностите.”   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот