X
 13.09.2016 Живот

Македонците сметаат дека треба да работат шест часа дневно, но за истата плата


 
Поголем дел од граѓаните (над 70 отсто) не би прифатиле да работат шест часа на ден ако платите се намалат соодветно, додека една петтина би се согласиле на овој услов, покажа анкетата што ја спроведе Факултети.мк.

Мнозинството Македонци сметаат дека работниот ден во земјава треба да се намали на шест, наместо сегашните осум часа, но мал дел од нив би прифатиле да работат помалку часови ако тоа значи намалување на платата соодветно. Тие мислат дека пократкото работно време ќе ја зголеми продуктивноста на работниците, а корист од намалувањето на работните часови ќе имаат и работниците и работодавците. Ова го покажа анкетата што деновиве ја спроведе Факултети.мк во која ги прашавме граѓаните дали македонските работодавци треба да воведат шестчасовно работно време.

Во анкетата учествуваа 483 испитаници, од кои мнозинството, односно 76,6 отсто сметаат дека дневно треба да се работи шест часа. Помал процент или 14,3 отсто велат дека работниот ден треба да трае седум часа, додека 9,1 отсто дека треба да остане како сега, односно да има осумчасовно работно време. Од испитаниците, речиси половина (48,2 отсто) во моментов работат по осум часа на ден, 29,2 отсто повеќе од осум, а 22,6 помалку од осум часа дневно.



Поголемиот број од граѓаните (72,7 отсто од анкетираните) не би прифатиле да работат шест часа на ден ако платите се намалат соодветно. Една петтина од испитаниците или 20,1 отсто би се согласиле на овој услов, додека 7,2 отсто не знат дали би прифатиле таков предлог.

Многу голем дел од анкетираните сметаат дека скратувањето на работното време ќе ја зголеми продуктивноста на работниците, а ќе ги намали трошоците на работодавците. Дури 92,1 отсто сметаат дека помалку работни часови значат попродуктивни работници, а 78,5 отсто дека работодавците така ќе имаат помали трошоци.

Генерално, повеќето сметаат дека работното време од шест часа ќе донесе само позитивни ефекти. Меѓу нив ги наведуваат поголема продуктивност, мотивираност и ефикасност на работниците, повеќе време за семејството, подобрување на здравјето на работниците со тоа што ќе бидат поодморени, ќе се отворат нови работни места за периодот кој законски не е покриен со работното време.

- Работникот ќе биде помотивиран, а со тоа и поефективен бидејќи над шест часа работа се губи во концентрација. Од друга страна, во зимскиот период завршувањето на работното време би било додека трае денот, а дневната светлина многу влијае на психофизичката состојба на луѓето. Исто така вработените кои живеат подалеку од работното место би биле во своите домови порано и би минувале поефективно време со семејството, а оние кои имаат било какво хоби би можеле да му се посветат наа истото и да напредуваат во него. Работодавците би имале намалени издатоци за струја и комуналии. Општо, целото општество би започнало да функционира позитивно – пишува еден од анкетираните.

Сепак, дел сметаат дека оваа мерка ќе има и негативен ефект. Пред сè дека тоа ќе повлече намалување на платите, дека ефикасноста ќе опадне имајќи предвид дека ефктивното работно време ќе се намали на четири часа. Доколку работодавецот претпоставува дека работата нема да се заврши навреме, тоа би значело дека од работниците ќе бара прекувремени работни часови или еден до два дена во неделата екстра неплатена работа.

- Платите ќе се намалат, работодавците ќе плаќаат помали придонеси за работниците, а работата нема да биде поефективна бидејќи нашиот менталитет е таков - да се работи што е можно помалку – смета еден од анкетираните.

Според анкетата, 81,7 отсто сметаат дека сите ќе имаат корист од намалувањето на работните часови, 12,9 отсто дека корист ќе имаат само работниците, а 6,4 отсто – дека од оваа мерка ќе ќарат само работодавците.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот