X
 20.09.2016 Живот

Како Јапонија се бори против детската сиромаштија?

Просторот на Мисако Омура е еден од растечкиот број т.н. „kodomo shokudo“ или детски мензи што се појавуваат во Јапонија. Иницијативата потекнува од грасрут организации кои опфаќаат широк спектар прашања што ги тангираат децата, почнувајќи од сиромаштијата до обезбедување оброк за оние чии родители работат до доцна навечер. Националниот весник Асахи излезе со бројка од 319 вакви места каде се служат бесплатни или евтини оброци низ цела Јапонија.  

И покрај економскиот подем на Јапонија по рехабилитацијата од Втората светска војна, сепак оваа држава се најде на десеттото место по високиот процент на детска сиромаштија во извештајот на УНИЦЕФ од 2013 година.

Сиромашните во Јапонија се кријат заради страв од јавно посрамување и дискриминација. Семејствата најчесто штедат на храна и други неопходни нешта, само да можат да ги облечат децата пристојно, за да не се соочат со омаловажување од околината. Овие деца може да користат и смартфон, а од друга страна да не можат да си дозволат сок од 100 јени (1 долар) или да отидат на школска екскурзија.

Омура започнала да приготвува седмична вечера во Аракава во 2014 година со намера да создаде простор добродојден за децата коишто не добиваат доволна поддршка од нивните семејства, од училиштето и заедницата. Нејзината иницијатива е финансиски покриена од донации и грантови од обласната канцеларија на локалната самоуправа со цел да се спротивстави на ригидната заедница што ги држи изолирани многу семејства и нивните деца. Децата и волонтерите плаќаат по 300 јени (3 долари) за вечера.

Таа објаснува дека не се сите деца сиромашни коишто доаѓаат на вечера во нејзината менза. Има случаи на деца чии родители работат до доцна навечер и остануваат сами дома за вечера. Кога ја интервјуираа од Асошиејтед Прес, Омура ги замоли да не земаат изјави од децата, бидејќи јавното изложување може да доведе до нивно вознемирување на училиште или во соседството, па дури и кога ќе аплицираат за работа.

Нешто повеќе од половината јапонски домаќинства со еден родител се наоѓаат под линијата на сиромаштијата. Самохраните мајки што заработуваат во просек 150.000 јени (1490 долари) месечно, добиваат ограничена помош од социјалните програми на Јапонија.

„До денес, Јапонија не се справила со детската сиромаштија, а властите не знаат што треба да сторат“, вели Суетоми, коавторка на неодамнешните извештаи за политиките спроведени од локалните самоуправи ширум Јапонија.

Таа вели дека проблемот е што буџетирањето на програмите нема гаранција, така што некои локални самоуправи мораат да се откажат од програмите. Освен тоа, прашањето за детската сиромаштија го опфаќаат две ресорни министерства, за образование и за благосостојба, па обезбедувањето средства е отежнато, бидејќи министрите си ја префрлуваат одговорноста меѓу себе за тоа чија е надлежноста и кој ќе ги покрие трошоците. 

Детските мензи се обид за пополнување на државната празнина во поглед на решавањето на овој крупен проблем.    


Детски мензи во Јапонија
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот