X
 22.09.2016 Култура

Тексашката оперска дива Хелен Донат со цела сала му пееше Happy birthday на Симон Трпчески

Неверојатно искуство што се случува еднаш во животот. Им благодарам, вели Трпчески



Славната американска оперска пејачка, сопранот Хелен Донат стоечки, заедно со целата публика во салата, со песната Happy birthday му го честита роденденот на нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески на концертот во Операта во Хановер. Откако ја наградил публиката со два биса по виртуозната изведба на Концертот број 2. за пијано и оркестар од Рахманинов заедно со Градскиот оркестар на Хановер, под диригентската палка на хрватскиот диригент Иван Репушиќ, публиката во операта му го приредила изненадувањето, потајно организирано од тексашката оперска дива.

- Прекрасно си поминав со Градскиот оркестар на Хановер и мојот драг пријател и прекрасен музичар, диригентот Репушиќ. Ова беше извонредна можност да го прославам мојот роденден. Голема благодарност и до оперската дива Хелен Донат која ја крена на нозе целата публика во Операта за да ми ја отпеат роденденската честитка. Неверојатно искуство што се случува еднаш во животот. Им благодарам – вели Трпчески.

Тој изведе два двата концерта во германскиот град. Тие се надоврзаа на настапите во Италија, Словенија, Шведска и Холандија. Следна дестинација на нашиот пијано виртуоз од светски глас е Финска, каде што во Лахти на 29. септември ќе настапи со Симфонискиот оркестари ќе го изведе Концертот број 3. за пијано и оркестар на Бела Барток, заедно со скандинавската диригентска ѕвезда Далиа Стасевска.

Следниот месец, Трпчески се враќа на престижната сцена на „Концертгебау“ во Амстердам и тоа токму со Концертот број 3. за пијано и оркестар од Рахманинов, во чија изведба две вечери ќе го придружува Холандскиот филхармониски оркестар, по што нашиот пијанист продолжува да концертира во Соединетите американски држави.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура