X
 27.09.2016 Образование

Милица Новковиќ: Детето не ги слуша своите родители, зошто тогаш би ги слушало наставниците?

Семејството во деведесеттите години на минатиот век влезе во духовна и морална криза, бидејќи децата се “господари" на родителите, воспитувачите и наставниците. “Кадифената“ фамилија создаде "кадифена" градинка и  "кадифено" училиште.


Интервју со Милица Новковиќ, пензиониран професор и автор на книгите  “Семеен буквар" и "Битката на љубовта".


Денес, сите се занимаваат со последиците и со поправката на детските градинки, училиштата, родителите и децата. Зошто сето ова се случи, како да се променат работите, и што да направат родителите, кои се чувствуваат дека својот авторитет над детето полека им се лизга од рацете, за “Зелената училница“ зборува Милица Новковиќ, пензиониран професор и автор на книгите "Семеен Буквар" и "Битка на љубовта ".


семеен буквар



По ваше мислење, кои се најголемите проблеми денес, кога станува збор за односот родител - дете?



Ако внимателно се анализираат денес проблемите во односите меѓу децата и родителите, ќе видиме дека за секоја возраст на детето, проблемите формално се различни, но предвидливи, бидејќи се последица на “кадифеното“ воспитување. Ако разгледувате деца на возраст за градинка, воочливи се следниве проблеми: детето не сака да јаде, да спие на време, да спие во својот кревет, да послуша, да ги собере играчките, да се облече, со радост да оди во градинка, тешко е да се одвојат од гледање на цртани филмови и игри, не умее само да игра.

Родителите станаа "лоши слуги", а децата "лоши господари". Полека се топи природниот авторитет на родителите. Кавгите меѓу брачните другари полека растат, обвинувањата се неизбежни, бидејќи никој не ги признава, како толку многу проблеми во воспитувањето на децата, што до неодамна беше лесно и спонтано.

Кога детето започнува на училиште, односите се влошуваат поради тоа што детето не сака да учи, не сака училиште, мрзливо е и во домот и во училиште, а екранот и телефонот му се посилен воспитувач од родителот. Родителите се уморни од обидувањето да ги воспитуваат децата да бидат вредни, послушни, да ги почитуваат возрасните, да сакаат градинка, училиште, да се мирни... Напротив, резултатите се во целосна спротивност со идеалите, кои секој родител ги поставил како цел, кога за дар добил дете.

Современто дете е алчно, агресивно или авто-агресивно, физички и духовно мрзливо, премногу немирно, тврдоглаво или безволно. Совршен е имитатор на сѐ на она што го учи негативната содржина од  електронските медиуми, кои се целосно спротивни со почетните идеали на родителите. Родителите имаат чувство на вина и се чувствуваат немоќно или едноставно креваат раце и мислат дека животот сам од себе ќе се нареди. Кога “кадифеното“ воспитување го смени традиционалното, кога наградувањето и одземањето на награди е прогласено за љубов, кога љубовта стана децата да не почитуваат граници и правила, односите во семејството се нарушени, а проблемите се размножуваат.


Што влијаеше на тоа родителите денес да се многу попустливи, отколку што тоа беше случај со постарите генерации?

Родителите не се попустливи, бидејќи тие сакаат нивните деца да бидат невоспитани и непослушни. Секој родител сака од детето да направи добар човек, преполн со љубов спрема работата, другите луѓе, спрема училиштето. Да, тоа сите го сакаат, но на крајот речиси сите стануваат попустливи, дури и оние кои беа поборници на “стап“ и се обидуваа со сила да ги натераат децата на послушност. Па зошто тогаш се попустливи и дали тоа е попустливост или слабост?

Ако младите родители прифатат воспитување со помош на награди и казни, мислејќи дека тоа е единствената опција, ќе добијат алчно дете. Алчното дете многу брзо го сфаќа принципот на уцена и само ја врти плочата: "Ако мислиш дека јас да.... тогаш купи ми, направи ми, дозволи ми“... се зборовите на детето упатени кон родителот.... Во тој момент, тие  стануваат наставници и воспитувачи, а родителите ученици. Детето за себе си одредило врв на семејната пирамида од која бара, на убав или насилен начин, исполнување на секоја негова желба, за она што екранот го учи или врсниците.  

Современите родители знаат дека тоа не е добро, и би посегнале кон “стап“, и покрај сите забрани, но стравот од казна, од можното одземање на детето, со кое општеството се заканува, ги блокира и поради тоа попуштаат на детските каприци.  Многу се откажуваат од желбата за било какво воспитување, затоа многу често и наградувањето не ги поттикнува децата на работа и послушност.
Таквото алчно и агресивно дете, општеството го поддржува (знае дека може да го пријави својот родител, ако детските права не му се почитувани на законски пропишаниот начин), станува насилно, мрзливо и тврдоглаво, инсистира на тоа и понатаму да остане во улога на господар. Значи, не се работи за попустливост поради незаинтересираност за своето дете.

Попустливоста е  одраз на немоќта на родителите да ги препознаат вистинските причини за проблемот, да ги отстранат, и себеси и детето да се изведат на патот на љубовта. Кога тие се уморни од поправање на последиците, стануваат попустливи, иако некаде длабоко во себе знаат дека тоа ќе донесе нови, помоќни проблеми.


Дали е тоа причината зошто се зголемува “врсничкото“ насилство или за тоа е одговорно брзото време во кое живееме и тоа што родителите немаат време за своите деца?


Алчното дете е насилно во семејството, па зошто да не биде насилно и меѓу врсниците? Толку многу приказни за забрана на тепањето со “стап“ во воспитувањето, а никогаш доста за семејното насилство, насилството меѓу врсниците, и на улица.

Со “кадифеното“ воспитување, родителите не ги постигнуваат саканите воспитни резултати, па тогаш вината ја префрлуваат на недоволното време кое го поминуваат со децата. Не е толку голем проблем времето, колку што е погрешното воспитување. Имате толку многу мајки кои се откажале од својата кариера, останале заедно со децата, но со “кадифеното“ воспитување ништо не постигнаа. Напротив, конфликтите сѐ уште поголеми, бидејќи детето со “кадифена“ свест не толерира контрола.


Што подразбира изворното (креативно) воспитување?


“Кадифеното’ воспитување е најмоќниот облик на "дисциплинирање" на детето, со предвидливи резултати. Традиционалното воспитување, што децата ги воспитуваше со страв од “стап“, ги даваше саканите воспитни резултати. Децата имаа страв од “стапот“ и беа послушни, и ги почитуваа однапред јасните правила на однесување.

Кога ќе се укинат сите форми на казнување и наградување, сите форми на условување, тогаш влегуваме во изворното воспитување, во процесот на враќање на децата и родителите на изворот, на која е љубовта. Едно дете се раѓа со извор на емоции, со зародиш на добрина, љубов, радост. Со цел да се развијат овие никулци, неопходни се услови, без “стап и моркови, односно потребно е изворното воспитување.

Детето е доведено до духовно воспитување, во овој многу комплексен и не многу розов свет. Задачата на родителите е на детето да му постават граници и полека да го запознава со убавините и опасностите од светот во кој тоа пристигнало. Граници да. Казна и награда не.


Во книгата "Семеен Буквар", велите дека главните пречки на патиштата кои водат до добрина и љубов во семејството, училиштето и меѓу луѓето,  се петте авторитарни воспитни модели, како што се: принуда, позитивно условување, преголемата заштита, вербализација и злоупотреба на имитаторските форми на учење. Која од овие пет модели е всушност најчест и најопасен за децата денес?


Најчест и најопасен е моделот на позитивно условување, моделот на  поткуп, модел со моркови. Кога го користите сето тоа се случува без оглед на вашата волја. Детето својата оригинална радост ја претвора во интерес, својата изворна желба во алчност. Алчноста го турка детето во агресија, создавајќи физички и духовно мрзливо дете. Ако родителот одлучи дека не сака повеќе да користи ниту награда, ниту казна во воспитувањето на детето, иако претходно ги користеше, како да се постигне тоа?

Ако семејството сака да се ослободи од “кадифеното“ воспитување, мора да ги испочитува почетните правила. Сите членови на семејството (и децата) може да го видат моето предавање на: www.porodicnibukvar.com. Ако приказната им се допадне. може да ги прочитаат книгите "Семеен Буквар" и "Битката на љубовта". Ако возрасните се согласуваат да го применат изворното воспитување, спремни се за акција. Важно е сите да се согласат. Започнувате заедно со децата од детската соба. 

Ги изнесувате сите екрани од собата и играчките поврзани со агресивните цртани филмови и игри. Два до три месеци, децата се одвоени од сите цртани филмови, агресивни филмови, за да се задржи умот чист. Затоа, јас препорачувам, родителите на интернет да побараат игри без казна и без награда. Постојат мнигу и се многу едукативни. Од витално значење е времето што детето го поминува пред екранот. Ако има повеќе слики, а помалку книги во животот на детето, нема да имате добар студент.

Ако имате постари деца, не можете да правите ништо со сила, бидејќи тие се многу агресивни и зависни од сѐ  она на што претходно сте ги поттикнале. Постарите деца, на основа на доброволност, може да ги намалат часовите поминати покрај екранот и како напнатоста во семејството ќе се намалува, укинување на моделот “морков и стап“, децата се помалку ќе сакаат агресивни и безвредни содржини.

Електронските медиуми и телефоните би се користеле на вистински начин. Ветете му на детето дека никогаш нема да го тепате, ниту поткупувате.  Нема да ви верува, па од старт ќе ве предизвика. Не реагирајте на стариот начин, секогаш сетете се дека вие го лекувате вашето дете.

Најтешко е да ги научите децата да се радуваат на учење и обврски. Оваа лекција ќе ја совладате со читање на поглавјето од “Семеен буквар“, "Радоста спрема работата и редот се постигнува кога се одвива на доброволна основа, целосно независно и на долг временски рок." Во сето тоа ќе ви помогне глобалниот план на домашни активности и планот за исправување на грешките, како последица на “кадифеното“ воспитување.

Ние се ослободивме од казна, награди, преголемата заштита и сега детето со изворна свест не одбива разговор со родителите. Од празното вербализирање преминувате во човечки разговор, со што се подобруваат нарушените семејни односи.

Долго, барем до пубертетот, родителите треба да имаат увид што децата гледаат и колку долго седат пред екраните. Малите деца не седат пред екран, барем не додека не проговорат. Првите три години се важни за детето како изворно битие да се зацврсти во реалниот, а не во виртуелниот свет.

Колку време ќе ви биде потребно за детето од послушност, базирано на интересите или од стравот од стап, да премине во послушност од љубов, тоа ќе зависи од тоа колку долго сте биле во системот на “кадифено“ воспитување и колку сте подготвени да ја промените својата свест и своето однесување. Колку порано ќе почнете, толку подобро ќе биде за сите вас.


Дали сметате дека училиштето ја изгуби својата воспитна улога која ја имаше и дали воопшто е во ред да се очекува од  училиштата да ги воспитуваат децата?


Училиштето ја изгуби воспитната функција во оној момент кога родителот го изгуби авторитетот. Детето не ги слуша своите родители, па зошто би ги слушало наставниците? Детето не работи дома, зошто тогаш би сакало да работи во училиште.

Се е работа и поставување на столот и учење по историја. Детето со “кадифена“ свест бара од наставникот да биде попустлив, без многу барања за работа, ред како и од родителот. Ниедна реформа во образованието нема вистински да успее, додека семејството не се откаже од “кадифеното“ воспитување. Добрите училишта, како сериозна институција во која децата учат и работат со љубов, се во рацете на семејството со изворна свест. 

Денес, училиштето ја има изгубено својата воспитна функција, а се повеќе ја губи и образовната, по мера на човекот од 21 век. Училиштето не може да го поправи лошото воспитување во семејството, тоа само се прилагодува на потребите на мрзливото, алчно, агресивно, тврдоглаво дете, дете кое не сака да учи и не сака да работи.

Родителите се повеќе се откажуваат од читање на сликовници, убава литература. Воспитното училиште ги образува децата со книги, а семејството со виртуелната реалност. Семејството создава виртуелни мудреци кои имаат лажна претстава дека сѐ  знаат и училиштето им здосадува. Штом детето започне со училиште, учењето станува кошмар на семејството со “кадифена“ свест.

Конфликтите се неизбежни. Родителите ги бранат интересите на своето дете, очекуваат сѐ да биде лесно, воздушесто, сето тоа да изгледа како игра. Училиштето, се справува на свој начин, за да се избегне конфликти со семејството и децата: ги намалува барањата, обемот на материјалот. На крајот на годината поклонува одлични оценки.

Среќни деца, среќни родители и наставници, а што го чека општеството со полу-образовани, необразовани генерации, кои притоа немаат ниту домашно воспитување, тоа допрва треба да се види. За среќа, за 20 години ширење на знаењето за изворното воспитување, стотици и стотици семејства во Србија го прифатија воспитувањето која не го дресира детето со “морков и стап“, знаејќи дека времето на љубовта и добрината доаѓаат на нашата преуморна планета...
SaveSaveSaveSave
Подготвил: Светлана Петковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование