X
 03.10.2016 Живот

Интервју со Андријана Цветковиќ, македонски амбасадор во Јапонија: Го зголемивме бројот на стипендии кои јапонската влада ги нуди за македонските студенти

Досега имаме остварено средби и започнато преговори за соработка со универзитетите „Хокаидо“, „Нагоја“, „Саитама“, „Софија“, Институтот за информатика и технологија „Нара“, Универзитетот „Кјото“ и други. Сите овие универзитети имаат програми за размена на студенти и краткорочни стипендии. Освен во оваа сфера од образованието, работиме на иницирање на соработка на ниво на лингвистиката, т.е. се обидуваме да создадеме платформа за изучување на македонски јазик на некои од универзитетите во Јапонија, како и формирање на Катедра по јапонистика во Македонија



Јапонија е земја која нуди огромни шанси на студентите од цел свет, а Македонците ќе имаат можност да се информираат за детаљите по Нова година, кога во Скопје ќе биде отворена амбасадата на Јапонија. Каква е „земјата на изгрејсонцето“ ни раскажува Андријана Цветковиќ, нашата амбасадорка во Јапонија. Верувајте, нема лесно да најдете олку импресивен соговорник, на толку различни теми. Само за илустрација, Андријана Цветковиќ имала само 27 години кога го стекнала својот докторат по јапонски студии и јапонски филм кој го напишала и одбранила на јапонски јазик на еден од најпознатите универзитети за уметност Универзитетот „Нихон“. Снимила филмови на многу различни локации низ светот, а нејзината опсесија со новите технологии ја натерала да научи програмирање и да стане дел од тимот на врвни научници во делот на вештачката интелегенција во AI компанија во Токио каде креирале емотивен робот. Цветковиќ била визитинг професор на повеќе универзитети меѓу кои и престижниот Универзитет „Кјото“. Таа е прв амбасадор на Македонија во Јапонија и е најмлад од вкупно 159 амбасадори во Токио. Акцентот во интервјуто е ставен на можностите кои ги нуди Јапонија на полето на образованието.




Факултети.мк: Имаат ли младите од Македонија интерес да го усовршат своето образование во некоја од институциите во Јапонија?

- Јас се здобив со својот докторат по филмска уметност во Јапонија во 2009 година на 27 годишна возраст на Универзитетот „Нихон“, кој е најверојатно и прв докторат во филмската област од осамостујувањето на Македонија. Јапонската влада преку своите стипендии поддржа магистарски и докторски студии на неколку архитекти, дизајнери, и уметници со што може да се заклучи дека е навистина голем интересот на младите уметници од Македонија да се усовршуваат во Јапонија. Јапонија има навистина многу што да понуди во овој поглед. Јас бев и визитинг професор на Универзитетот ЕСРА во Скопје и на „Нов европски Универзитет“ и со сигурност можам да тврдам дека интересот е огромен и дека владата работи на тоа што поголем број на младите луѓе да добијат шанса да го унапредат своето образование во Јапонија. Еден пример е што успеавме со нашите дипломатски напори од минатата година да го зголемиме бројот на стипендии кои јапонската влада ги нуди за македонските студенти.

Факултети.мк: Јапонија е една од најбогатите земји во светот и прва во развојот на современите технологии. Дали се нудат стипендии за странски студенти, на пример на полето на информатичката технологија?

- Јапонската влада преку Министерството за образование нуди стипендии за дипломски и постдипломски студии и областа не е ограничена, може да аплицираат студенти од секоја област. Ние истовремено работиме на полето на академска размена и од своја страна се обидуваме да ги промовираме програмите на Универзитетот „Св. апостол Павле“ од Охрид, кој освен целосна стипендија за странски студенти има одлични програми за визитинг професори и академски истражувања. Досега имаме остварено средби и започнато преговори за соработка со универзитетите „Хокаидо“, „Нагоја“,„Саитама“,„Софија“, Институтот за информатика и технологија „Нара“, Универзитетот „Кјото“и други. Сите овие универзитети имаат програми за размена на студенти и краткорочни стипендии. Освен во оваа сфера од образованието, работиме на иницирање на соработка на ниво на лингвистиката, т.е. се обидуваме да создадеме платформа за изучување на македонски јазик на некои од универзитетите во Јапонија, како и формирање на Катедра по јапонистика во Македонија. Неодамна имав предавање на Славо-Евроазиски институт при Универзитетот„Хокаидо“ (еден од врвните институти за словенски јазици и култура). Двочасовното предавање насловено „Македонското културно наследство, јазик и филм“ беше особено добро прифатено од тамошните професори и научни соработници, при што на средбите со директорот науниверзитетот и директорот на Институтот се разговараше за конкретни чекори за унапредување на соработката во овој домен со нашите врвни иституции од оваа област.



Факултети.мк: Вие бевте визитинг професор на Универзитетот „Кјото“. Што ги учевте Вашите студенти?

- Да, јас бев визитинг професор на еден од најпрестижните универзитети во Азија (втор по рангирање во Јапонија), Универзитетот „Кјото“, на Факултетот ЕСРА во Скопје и на „Нов европски универзитет“. Да се предава на млади луѓе и на генерации кои кои се претполага дека ќе бидат лидери на интелектуалната мисла, креативноста, уметноста и јавниот живот е голема привилегија и уште поголема одговорност. На студентите во Кјото им предавав за културната дипломатија, особено преку призмата на дипломатијата на оската Јапонија-Источна Азија, предавав за дигиталните технологии во новото време и како тоа ја менува перцепцијата кај гледачот, за културните симболи (култни историски личности) на Јапонија во историски контекст, додека во Скопје предавав за архетипите во јапонскиот филм, т.е. историјата на Јапонија преку нејзините филмови од самиот почеток на 19 век до денес, како и предмети во делот на визуелната комуникација, дизајнот и маркетинг. Она што секогаш се обидував за време на моите предавања е да се поврзам со моите студенти на ниво на кое тие во мене можат да препознаат пријател/советник кој е тука да ги научи, но и да ги насочи кон она што сакаат и имаат талент да го прават во животот. Многу ретко, речиси никогаш не сум ставила негативна оценка (само во случај на тотална пасивност или плагијатаризам) бидејќи верувам дека суштината на едукацијата не е во казнување или омаловажување на студентот, а напротив тој кој ја има привилегијата да биде едукатор е должен да помогне да ја изгради самодовербата кај младиот човек, како и да го мотивира да се доусовршува. Јас самата секојденевно се доусовршувам и учам нови работи, така што учењето е дел од еволуцијата и зреењето на личноста.



Факултети.мк: Дали сега како амбасадор имате време и можност да ја изразите својата креативност и на какви активности сте посветени најмногу во слободното време?

- Функцијата прв амбасадор на Република Македонија во Јапонија е особено одговорна функција бидејќи за Македонија малку се знае и токму нашата амбасада има можност да ја наслика сликата за Македонија во Јапонија. Работиме со полна пареа и верувајте не ми останува време за други активности. Сепак својата креативност ја изразувам преку бројните презентации (аудио-визуелни материјали) кои ги подготвувам за промоција на Македононија. Така до сега имам подготвено повеќе од 40-тина презентации за македонското културно наследство, македонската традиција и обичаи, регионите во Македонија, македонскиот фолклор, можностите за инвестиции во Македонија, туристичката понуда и слично. Во презентациите кои ги подготвивам користам фотографии и видеа кои јас лично ги имам снимено и монтирано, и сето тоа придонесуваза автентичноста на презентираното. Во амбасадата исто така започнавме и проект за изработка на промотивни материјали за туризам и инвестиции кои ги подготвуваме на јапонски јазик и за неколку месеци би биле достапни за целата јавност. Фотографијата е мое хоби и особено сум среќна дека само што добивме известување дека на овогодинешниот голем фото-конкурс насловен „Јапонија преку очите надипломатите“ јас освоив Гран при. Веста веќе ја објавија јапонското министерство за надворешни работи, Министерството за култура на Јапонија и воопшто има голем медиумски одзив. Овој конкурс е под патронат на принцезата Такамадо на Јапонија, и на 4. октомври на свечена церемонија таа лично ќе ми ја врачи наградата. Настанот медиумски ќе го покријат сите поголеми телевизии и весници, што ќе биде особено важно за промоција на нашата земја. Друга област во која сум особено активна е во сферата на афирмација на жената во општеството. Јас сум најмлад амбасадор во Јапонија (од 159 амбасадори) и сум меѓу 20-те жени амбасадори, меѓу кои е и ќерката на поранешниот американски претседател Џ.Ф. Кенеди. Мојата богата биографија и познавање на јапонското општество ме прави особено уникатна и често сум поканета да говорам на оваа тема, и теми поврзани со јапонското општество. Неодамна учествував како панелист на Интернационалната конференција на жените во бизнисот, која е една од најголемите конференции од овој тип во Јапонија и Азија, и на која учестував и минатата година. Исто така големите компании како IBM и други компании организираат панел дискусии на кои учествувам како амбасадор на земја лидер во регионот по родова застапеност. Се разбира Македонија исто како и голем број на земји од светот има да спроведе уште многу реформи, социјални норми да поттикне да еволуираат кон целосна еднаквост, но исто така треба да сме свесни дека во однос на многу земји во светот, па и дури економски поразвиени од нас, во Македонија правото на жената и нејзината положба во општеството е на завидно ниво.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот