X
 05.10.2016 Образование

Ги прашавме македонските учители што искрено би им кажале на своите ученици, а не смеат



Тие ја имаат една од најблагородните професии, моќта да влијаат на цели генерации, да ги направат подобри и поумни, да ги научат како да се справат со предизвиците, стравовите, амбициите...Дека не им е лесно, признаваме. Работат со деца, а и богами во тешки времиња кога институциите често не ни ги прашуваат за мислење туку само ја спроведуваат образовната политика. Денес е нивен ден, светскиот ден на учителите, нека им е со среќа.

Факултети мк. направи анкета со повеќе наставници и професори од средните и основните училишта во земјава кои искрено одговрија на неколку прашања поврзани со нивната работа. Ги прашавме што би им кажале искрено на нивните ученици, што сега во овој момент не смеат да им го кажат. Еве ги нивните одговори:

Не смееме да ја кажеме реалната слика за нивното знаење

„Сега на учениците не смеете да им ја кажете реалната слика за нивното знаење, морате тоа го смислите и кажете на друг начин со цел да не ги „повредите”, а тоа од нивна страна е погрешно сфатено, така си добиваат погрешна слика за нивното знаење, недостатоци или потребни промени“. ( Б. Ј. наставник во основно училиште).

Учебниците воопшто не се добри

„Дека учебниците воопшто не се добри. Дека се (некои од нив) тотално невоспитани и размазени“. ( наставник во основно училиште).

Чекате подарени оценки

„Би им кажала дека немаат доволно домашно воспитание, дека се себични и недружељубиви, немаат навика за редовно учење и дека чекаат подарени оценки (секако би ги издвоила учениците што не припаѓаат во оваа група ученици)“. (наставничка во основно образование).

Одете си одовде, на земјава и претстои долг период на лекување

„Не знам дали е во прашање аспектот на несмеење, но ако условно го земам тоа како нешто што сметам дека моментумот го налага како потребно за премолчување, иако со моите ученици разговарам во рамките на воспитно-образовните компоненти за сè што сметам дека треба, би им кажала по секоја цена да ја надминат атмосферата на завземање погрешна страна, која за жал, е тренд последниве години. Да се осмелат јавно да осудат сè што ги учи на искривеност како исправност. Да именуваат со вистинско име сè што случува и да не се плашат. Да си одат одовде затоа што за жал, претстои еден многу долг период на лекување на земјата која требаше да им овозможи тука да останат“. (Е.С. професорка во средно училиште)

Повеќе од половина од материјалот нема да ви треба во животот

„Повеќе од половина од материјалот што го учат никогаш во животот нема да им биде потребен“. (В.С. професорка во средно учлилиште)

Учебници со неточни примери

Во учебниците има премногу неточни примери кои само погрешно ќе ве насочат во животот. Ние мора да ви ги кажеме, така ни велат од Министерството за образование или ќе не казнат“. (Б.Е. наставничка во основно училиште).
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование