X
 07.10.2016 Култура

Мидори виртуозна, филхармонијата во светско издание!

Фото: Дарко Мораитов
 
Голем беше изборот на културни настани што можевте да ги проследите синоќа во главниот град. И што и да одберевте, веројатно немаше да погрешите - филм од фестивалот „КинеНова“, премиера на македонскиот филм „Златна петорка“, изложби... Со две раце можам да потпишам дека секој што ја избра локацијата на Домот на армијата (не затоа што е неодолива), поради концертот за отворање на новата сезона на Македонската филхармонија, не згреши. Величествено, како што доликува, тоа е најмалиот комплимент што на сите учесници на концертот може да им се додели, почнувајќи од американско-јапонската солистка Мидори Ѓото, преку првата виолина Анна Кондратенко, која беше солистка во вториот дел на концертот, до членовите на симфонискиот оркестар, сите предводени од бугарскиот диригент, голем пријател на Филхармонијата, Емил Табаков.

Без зборови ја остави публиката настапот на виртуозната Мидори, која го изведе Концертот за виолина и оркестар Д-дур, оп.45 од Ерих Волфганг Корнголд. Пред публиката стоеше дама која со почит свири на својот инструмент. Минуциозна во секој поглед – речиси потчинета на виолината, што веројатно е одлика и на културата од каде што доаѓа, Мидори истовремено беше и актерка и солистка. Таа свиреше со целото свое постоење – мимика на лицето, игра на телото. За бравурозната изведба беше наградена со огромни аплаузи и овации од публиката, а за возврат таа ја награди полната сала со два биса, дела од Бах.

Фото: Дарко Мораитов

Во вториот дел на концертот Филхармонијата го изведе симфониското дело „Животот на херојот“ од Рихард Штраус. Исклучително комплицирано и долго дело, низ чии партитури ансамблот на нашата Филхармонија сигурно отсвири. Докажа дека е голем оркестар со кој треба да се гордееме и дека е спремен за многу предизвици, кои сигурно ќе ги има во новата сезона. Анна Кондратенко ги заслужи сите аплаузи за својот соло-дел.

Убав шмек на концертот му даде и гестот на пријателство на Филхармонијата - на Табаков му подарија карикатура со неговиот лик што ја нацрта виолинистот Марко Виденовиќ.

Моќниот почеток на сезоната нека биде само добра најава за влегувањето во новата сала на оркестарот. А во меѓувреме, каде и да бидат потстанари вредните прсти на нашите музичари, посетете ги. За 15 октомври е закажан првиот детски концерт сезонава на тема „Суперхерои“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура