X
 18.10.2016 Живот

Денешните деца живеат во глобално општество што им го краде детството

Осамено дете на лулашка


Уште еден неодамна објавен извештај покажува загрижувачки степен на ментални заболувања кај децата и младите во Англија. Бројката достигна до 250 илјади заболени. И претходно се пишувало дека оваа појава се минимизира, особено за општиот став дека „денешните деца имаат сè што немале претходните генерации“, дека совремието е детецентрично, со акцент на развиената технологија и порастот на животниот стандард за мнозинството.

Во друга статија на Гардијан, извесен Овен Џонс ги посочи највообичаените причинители: пренаселеност и лоши станбени услови, нездрава исхрана, недостаток од физичка активност, конфликти во семејството, стрес предизвикан од сиромаштија и отсуство од државна помош. Но, овие проблеми се долго присутни во живеењето на луѓето, па сепак претходно не биле проследени со ментални заболувања кај популацијата.

Можеби очевидно објаснување за оваа појава е што на децата систематски им се одзема човековото право на детство. А тоа го чувствуваат и самите. Нивната реакција е сведена на гнев и фрустрации. Но, важно е да се потенцира дека ваквата појава резултира со ментални болести, а не со чувство на несреќа. Ментално заболување е несреќа која поминала незабележана или била негирана. Тоа е несреќа која себеси не се препознава како таква. Несреќа која произлегува од збунетоста и од двојните стандарди. Таа збрканост, пак, се должи на мантрата дека најважно е да се натпреваруваш и да успееш. Се поставува прашањето: што треба да се постигне за успех, или за што треба да се натпреваруваме? Каде води сето тоа?

Порано, кога младите не знаеја што е тоа ментално заболување, да се постигне нешто конкретно во животот немало примарна важност. Не се запишувале сите на факултет. А никој не го сметал тоа како голем пропуст, бидејќи се верувало дека не може секој да биде извонреден и успешен. Никој не мислел дека е понижувачки да се работи во локалниот маркет или во некоја фабрика, да се живее во поизолирано место и да се има повеќе деца во семејството. Било нормално и прифатено од заедницата.

Но, нештата се промениле во светот на општествените очекувања. Се чини дека митот за индивидуалната жед за успех што некому би донела пари, статус и кариера, зема замав. Постарите генерации беа пореални. Начинот на којшто беше структурирано општеството, значеше дека конкретен број луѓе ќе можат да вишуваат во животот. Тоа и не било многу важно за другите, бидејќи секој имал пристап до пристојна работа, сопствен дом, семејство, место во заедницата. Очекувањата беа „во линија“ со реалните можности.

Сега нè учат дека можеме и МОРАМЕ да правиме сè што можеме. Сите треба да станеме средна класа или ќе нè сметаат за неуспешни. Натпреварувачкиот нарцизам неконтролирано „работи“.

Здраво е да се има желба за постигнување, но не мора по секоја цена да се стремиме кон врвот, само за да се чувствуваме добро во својата кожа. Успехот треба да се редефинира како постигнување кое сме способни да го направиме во рамки на можностите, а не според „упатствата“ на општеството за постигнување успех што води кон бајковит живот.

Текстот е став на колумнистот во Гардијан, Тим Лот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот