X
 18.10.2016 Образование

Интервју со Дарко Димитров: Училиштата сѐ повеќе ги користат можностите на мобилностите

Буџетот кој на Македонија ќе и биде достапен на Македонија преку Еразмус плус програмата на ЕУ за следната година изнесува 6,25 милиони евра. Овој буџет е до сега најголем и е за речиси 25 проценти поголем од буџетот кој беше на располагање минатата година. Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров за Факултети мк. подетално објасни какви се можностите за корисниците, кој најмногу ја користи помошта од ЕУ и кои се новините во Еразмус плус програмата.



Факултети.мк: Колкава е искористеноста на средствата за 2016 година, дали сте задоволни од бројот на апликациите како и идеите на корисниците?

- До овој момент искористени односно обврзани се 93 проценти од средствата кои Националната агенција ги имаше на располагање за Повикот за Еразмус+ 2016 година. Овој процент во наредниот период очекуваме да се зголеми и над 97%, со оглед на тоа дека сè уште не се завршени сите процедури околу доделувањето грантови во сите рокови за 2016 година. За нас во Националната агенција еден од најголемите приоритети е рационално искористување на расположливите средства и со задоволство можам да констатирам дека искористеноста на овие ЕУ фондови е на исклучително високо ниво и се движи од 95% до 97% на годишно ниво. Апсорпционата моќ на институциите за користење на средствата во функција на интернационализација на нивните активности е сè поголема, тие се сè повеќе информирани за структурата на Програмата како и за важноста на постигнување повисоки стандарди во секојдневното работење и зголемување на образовните излези. Ова е големо признание за посветеноста на вработените во Националната агенција, кои секојдневно се трудат потребните информации да ги приближат до потенцијалните апликанти. Воедно голем придонес кон ова имаат и самите медиуми кои ја информираат јавноста за можностите на програмата Еразмус плус и со тоа придонесуваат за зголемување на бројот на нашите апликанти и корисници.

Факултети.мк: Каква е програмата за 2017 година, има ли некакви новини во Еразмус плус програмата?

- Еразмус плус програмата е сеопфатна интегрирана програма која овозможува пристап на сите институции/организации кои сакаат Европската димензија да ја вклучат во своето поле на делување. Нуди различни видови можности за обуки во странство како и работа на заеднички проекти со институции од странство. Целта е со поголема мобилност да се постигне меѓусебна размена на искуства, подигнување на квалитетот на наставата и учењето и да се модернизираат системите на образование и обука. Од минатата година во рамките на Стратешките партнерства се спроведува и можноста за помали проекти кои промовираат поголема соработка и размена на искуства на проектните партнери, со што Програмата уште повеќе се приближува кон оние институции/организации кои имаат помало искуство или помалку интернационални контакти. Исто така, од оваа година за прв пат во Република Македонија се воведува и ВЕТ Повелбата, која сметам дека ќе биде особено атрактивна за апликантите во ова поле. Оваа престижна лиценца се стекнува со повеќекратен успешно реализиран проектен циклус и на добитниците им го олеснува пристапот до фондовите во наредните години. Новина е и можноста, покрај од другите полиња, и претставници на високо-образовни институции да учествуваат на транснационални состаноци за соработка, каде ќе можат да ја прошират својата мрежа на соработници за идни заеднички проекти.

Факултети.мк: Многу е важно информациите за овие програми, за тоа како да се аплицира и како да се добие грантот да дојдат до корисниците, пред сè училиштата и образовните институции. Има ли одзив од нивна страна кога правите инфо денови низ градовите во Македонија?

- Во пресрет на новиот повик за Еразмус плус кој ќе го објави Европската унија кон крајов на годинава, а ќе се однесува на цела 2017-та година, Националната агенција подготвува отворена кампања која ќе цели кон зголемување на интересот на потенцијалните корисници за аплицирање на првите рокови од 2017-та година. Со оваа активност очекуваме да го поттикнеме интересот на потенцијалните апликанти, но и да го зголемиме квалитетот на предлог проектите кои ќе бидат доставени до нас. Непосредно пред роковите агенцијата организира и структурирани отворени работилници и обуки за сите заинтересирани, каде што се работи на конкретни примери и се добива соодветно водство и релевантни податоци за начинот на аплицирање. Воедно заинтересираноста од потенцијалните апликанти како што се училиштата и образовните институции секоја година расте во сите градови на Република Македонија. Во последно време бележиме и пораст во интересот за вклучување и на бизнис секторот, компаниите, како и нивните здруженија и комори. Се разбира, наш приоритет останува да биде отворање и приближување на Програмата до сите потенцијални апликанти, посебно до оние кои за прв пат покажуваат интерес за влез во програмата.

Факултети.мк: Каква е агендата за инфо деновите за програмата за 2017 година?

- Националната агенција во рамките на караванот за инфо денови реализираше Инфо денови за програмата Еразмус плус 2014-2020 година во Струга, Крива Паланка, Дојран, Скопје, Битола, Штип и во повеќе региони на Република Македонија. Во рамките на кампањата, ќе биде организирана и Валоризациона конференција со презентации на успешни проекти за програмата Еразмус плус 2016 година, како и дополнителни два инфо дена во соработка со различни локални заедници односно општини Прилеп и Велес како и информативни работилници во соработка со стопанските комори Тетово и Скопје во Република Македонија. Воедно планирана е и организација на обуки за волонтери при пристигнување и средорочни обуки, Организација на годишен ЕВС настан во скопје, 5ти Декември 2016, организација на тркалезна маса за ЕВС во Скопје, Настан за споделување на искуства на ЕВС волонтери како и организација на настан по повод 20 години од постоење на ЕВС. Националната агенција планира и реализација на ЕКВЕТ конференција во Скопје во насока на подигање на свесноста во овој образовен сегмент и интегрирање на Република Македонија во европските текови во полето на стручното образование. Непосредно пред роковите агенцијата организира и структурирани отворени работилници и обуки за сите заинтересирани, каде што се работи на конкретни примери и се добива соодветно водство и релевантни податоци за начинот на аплицирање.

Факултети.мк: Има ли интерес кај училиштата во земјава за искористување на можностите на овие програми на ЕУ, на самите почетоци имаше мала искористеност на овие фондови?

- Интересот кај училиштата со текот на годините бележи особен позитивен тренд. Нас особено не радува и сè поголемата мотивација на основните училишта од помалите средини за вклучување во Програмата, па дури и неколку градинки кои веќе ја проепознаа важноста на новите искуства и знаења. Во однос на средното образование, сè почесто слушаме изјави дека можноста за пракса во странска земја која не е достапна кај нас, како на пример, во автомобилската индустрија, ја зголемила атрактивноста на училиштата и привлекла поголем број ученици во новата учебна година. ВЕТ Повелбата, како што наведов и погоре, очекувам да биде исто така голем мотивирачки фактор за средните стручни училишта за поголемо вклучување во програмите.

Факултети.мк: Кои се придобивките за македонските ученици, наставници и корисници на овие програми, имате ли многу успешни приказни во текот на овие неколку години?

- Сите учесници во Еразмус плус како и резултатите од нивните проекти значително влијаат врз политиките во полето на образованието, обуката и младите преку интегрирање на позитивните практики во македонскиот образовен систем што всушност претставува и една од главните приоритети на Еразмус плус. Вообичаено, ентузијазмот и желбата за понатамошно учење и унапредување на работата што ја гледаме кај нашите корисници по враќањето од мобилноста за нас е најголемата успешна прказна. Морам тука особено да ја истакнам важноста на иновативните проекти кое се рализираат, а се новина на национално, па и на Европско ниво. Дел од истите можете директно да ги следите на нашата веб страна www.na.org.mk, како и во рамките на електронскиот весник на Националната агенција Мобилност.мк кој се објавува квартално. Исто така, на годишно ниво најуспешните приказни се промовираат во раките на Валоризационите конференции кои што ги организираме, и истите потоа се номинираат на успешни приказни на Европско ниво. Тоа што нас во Националната агенција особено не радува е тоа што Еразмус плус стана синоним за квалитет во образованието, предзнак за мобилност која генерира знаење и можност за создавање професионални мрежи за меѓународна соработка.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование