X
 19.10.2016 Образование

Домашна задача во учебник по Општество: Залепете слика од свадбата на родителите

Каква домашна работа на училиште  ќе однесат  четвортооделенците на самохраните родители кога учителката, по предметот Општество ќе ја предава лекцијата за брак во која од учениците се бара да залепат фотографија од свадбата на родителите и датумот кога стапиле во брак? Како ќе се чувствува дете кое од различни причини живее само со еден родител или нема родители?



Дали оние што ја прават и одобруваат програмата за предметите по основно образование воопшто размислуваат на чувствата на децата? Токму за овие прашања се води остра дебата на социјалните мрежи откако една мајка објави статус:

„Jaс сум разведена и мајка на четвртоодделенец. Вчера за домашна задача по предметот општество на тема семејство, имаа да залепат слика од свадбата на своите родители и информации за тоа кога била свадбата и колку време се во брак. Би сакала да ги запрашам оние кои ја правеле програмата, а и наставничките, дали сте размислувале дека има деца на кои родителите им се разведени или живеат во вонбрачна заедница?“

Друга мајка која го изгубила сопругот напишала искуство со ќерката која воопшто не сакала да работи на темата семејство, а наставничката воопшто немала разбирање.

-Ќерката, не сакаше да работи на тема семејство зошто татко и е починат. Учителката немаше многу разбирање, секогаш исто си предаваше и покрај фактот дека во одделението скоро 1/3 од учениците се деца на разведени родители. Не знам дали е програмата, учителките или државата е ужас?- напишала оваа мајка.

Покрај свадбената фотографија, децата за домашна, според оваа лекција треба да напишат кога родителите им стапиле во брак, по колку години имале тогаш и дали се венчале во матично, црква или пак на друго место.

Психологот Марија Атанасовска вели дека иако во наставната програма се бара учениците да ја научат оваа лекција и да ја напишат домашната, наставниците се тие кои мора да ја прилагодат на секој ученик индивидуално.

- Не смее да му се даде домашна задача на ученик да залепи слика од свадба на своите родители, ако живее со еден родител, или ако неговите родители не правеле свадба? Тој значи ќе добие единица, бидејќи нема фотографија, тој настан не се случил. Наставникот мора да има податоци за секој ученик, да знае од какво семејство доаѓа, мора да внимава да не го повреди на било кој начин. Секоја домашна задача може да се прилагоди на секое дете, тоа е и обврска на наставниците. Не смее дете што нема мајка или татко да добие домашна задача да си го опише или нацрта. Во тој случај се дава индивидуална вежба. Семејство не се само мама, тато и деца. Наставниците мора да водат сметка за чувствата на децата, а не само да гледаат да ја поминат лекцијата - вели психологот Атанасовска.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование