X
 19.10.2016 Живот

Кое е тајното оружје на Доналд Трамп против Хилари Клинтон во последната претседателска дебата?



Доналд Трамп


Доналд Трамп на последниот судир со демократката Клинтон, со себе ќе го поведе полубратот на Барак Обама, инаку голем поддржувач на милијардерот.

Според последните национални анкети, Трамп заостанува зад својата ривалка речиси 7% и се бори за наклонетоста во неопределените држави, што ќе бидат клучни за крајниот исход.

И двајцата кандидати се соочуваат со скандалите што се обелоденија во последните недели од кампањата: Трамп со наодите за неговиот третман кон жените, а Клинтон со спорниот меил.

Во текот на вчерашниот ден, магазинот People успеал да идентификува шестмина луѓе кои ги потврдиле тврдењата на нивната поранешната новинарка, Наташа Стојноф, дека била сексуално злоупотребена од страна на Трамп.

Претходно Трамп изјави дека новинарката не му била доволно привлечна ни да ја бакне неповикан.
Од друга страна, Клинтон вчера си зеде слободен ден од кампањата, со цел подобро да се подготви за последната дебата.

Голема е веројатноста таа да се соочи со прашања поврзани со серверот на нејзината електронска пошта што ги објави Викиликс во новите документи во кои пишува дека јавен службеник се обидел да постигне договор со ФБИ за декласификување на меил од нејзиниот приватен сервер.

Јавниот службеник им предложил на ФБИ „quid pro quo“ (услуга за услуга) со што ќе им овозможи работа во новите држави, доколку го отстранат тој меил.

Трамп, пак, ги интензивираше подготовките за третата дебата, откако во првата се пофали дека приоритет му било да се претстави во вистинско светло, отколку да изгледа дека се подготвувал за настапот.

Тој ќе се обиде да ѝ зададе неодбранлив удар на својата противничка, фокусирајќи се на нејзината децениска инсајдерска улога во американската влада.

Исто така, ги повика своите поддржувачи да бидат будни на денот на изборите, бидејќи верува дека ќе бидат „наместени“ против него.

„Имаат намера да ги наместат изборите, особено во корумпираните градови каде што изборната измама е ‘јавна тајна’“, изјавил Трамп вчера.

Американскиот претседател, Барак Обама, рече дека е нечуено претседателски кандидат да тврди за изборна измама пред да се случат изборите.

„Досега не сум видел нити во животот нити во модерната политичка историја кој било претседателски кандидат да се обидел да ги дискредитира изборите и изборниот процес пред нивното одржување“, изјави Обама.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот