X
 19.10.2016 Издвојуваме

Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“: Околу 1.500 атрактивни работни места во САД ги чекаат македонските студенти

Обезбедувањето на работен договор е процес кој е гарантиран од наша страна и секој кој аплицира преку програмата Work & Travel 2017, која официјално почнува од денеска, ќе добие работа во Америка, вели Кочоски



Компанијата „Коузон“ е една од првите специјализирани компании во Македонија која повеќе од 18 години на македонските студенти им нуди можност неколку месеци во лето да работат во САД преку програмата Work & Travel. Освен со заработувачка, студентите оттаму се враќаат побогати и со бројни незаборавни искуства и впечатоци поради кои многумина се решаваат да се пријават за оваа програма и во следните години. Денеска во „Коузон“ официјално почнува пријавувањето за програмата Work &Travel 2017, за која компанијата веќе има обезбедено околу 1.500 атрактивни работни места за студенти во повеќе американски сојузни држави. Според Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, за следната година се очекуваат околу 1.000 апликанти, со што бројката на студенти кои досега патувале и работеле во САД преку оваа програма ќе надмине 15.000.

- На оваа бројка сме особено горди бидејќи ние бевме една од првите агенции кои ја промовираше оваа прекрасна можност пред македонските студенти и сигурно први кои поставија високи професионални стандарди во реализацијата на програмата. Бројот на студенти заинтересирани за учество во програмата, реално, варира од година во година. Но, има одредена тенденција на пораст т.е интересот се зголемува од година во година. Тука посебно би истакнал дека нашите студенти се задоволни од престојот во Америка и тие всушност се промотори пред идните апликанти – вели Кочоски.

Каква е процедурата за пријавување, што е потребно и колку време трае целиот процес?
- Аплицирањето за учество во Work & Travel е многу едноставно и е поврзано само со желба да се биде дел од оваа програма. Потребно е студентот да дојде во нашите канцеларии и да пополни формулар за пријавување и да избере зона т.е држава во Америка во која би сакал да работи. За да бидат учесници во програмата, студентите мора да зборуваат англиски јазик, да се редовни студенти на универзитетите во Македонија и да се слободни за патување и престој во САД во текот на летото 2017 година. Обезбедувањето на работен договор е процес кој е гарантиран од наша страна и секој кој аплицира ќе добие работа во Америка. Што поскоро се аплицира, тоа е подобро за студентите бидеќи ќе имаат можност да изберат подобри работни понуди. Во просек процесот на аплицирање почнува во октомври или ноември, а заминувањето за Америка е во периодот од втората половина на мај до почетокот на јули 2017.



Work & Travel 2017 стартува со ново мото - Your NASA 2017. Кое е значењето на ова мото?
- Мотото има двојно значење. Првото е дека одлучивме да им доделиме награда на две лица (студенти, учесници во програмата) за посета на вселенскиот центар во Порт Канаверал на Флорида. Сите трошоци за патувањето, сместувањето и влезниците ќе бидат покриени од нас. Второто е дека NASA е скратеница од NEXT AMERICAN SUMMER ADVENTURE. Ова скратеница го дефинира и престојот на студентите во Америка, како можност за неповторлива летна авантура. И двете значења на NASA имаат цел да ги иницираат студентите да размислат за својата иднина бидеќи патувањето кон вселената некако природно се поврзува со иднината. Верувајте ми, престојот во Америка на студентите влијае многу позитивно и според нашите анализи им помага за градење на поголема мотивираност и поуспешна работна и животна кариера.



Која е најчестата причина поради која македонските студенти се пријавуваат за оваа програма? Дали за повеќето е пресуден исклучиво финансискиот аспект (добрата заработувачка) или тоа што ќе имаат можност да ги видат и прошетаат САД и да се запознаат со тамошната култура?
- Последниве години најголем мотив е желбата за осамостојување и запознавање нова култура. Да бидам искрен, голем мотив за студентите претставува желбата да бидат реално вработени и да остваруваат свои приходи. Ова од причина што во Македонија не можат да си обезбедат летна студентска работа бидеќи таква пракса не постои. Има уште еден силен мотив кој е поврзан со можноста да се направи добар „шопинг“ на брендови од облека и електоника, но и да се посетат најатрактивните туристички дестинации во Америка. А впрочем, кој не би сакал да помине една недела во Мајами, Лас Вегас, Лос Анџелес или пак Њујорк.

Што покажува досегашното искуство, дали по едно учество во оваа програма голем дел од студентите се пријавуваат и следните години? Кои се придобивките за нив од оваа програма?
- Најголем број од студентите се пријавуваат за повторно одење во Америка, се разбира доколку сè уште имаат статус на редовен студент. Придобивките за нив се многукратни и се поврзани со можност да изберат подобра работа и на друга дестинација, како и да добијат одреден попуст во цената на програмата.

Во последниве години има многу агенции кои што нудат слични програми за студентите. Како тие да ги разликуваат сериозните од несериозните?
- Основната разлика е во сигурноста која агенцијата им ја дава т.е работното искуство кое го има во реализацијата на оваа програма. Реално, агенцијата „Коузон“ има многу големо значење и тоа од многу причини. Прво и основно е со кои партнери агенцијата работи во Америка. Второ – колку се проверени и сигурни работните понуди што им се нудат на студентите. Трето – колку агенцијата има изграден систем за помагање на студентите доколку имаат некаков проблем во Америка. Четврто – дали агенцијата знае да му препорача на студентот работа што ќе одговара на неговите квалификации и очекувања. Има и други фактори кои значајно влијаат врз здоволството т.е. сигурноста која студентот треба да ја има кога избира агенција за патување во Америка. Со 18 годишно работно искуство во оваа област можам со сигурност да кажам дека „Коузон“ има изградено систем и квалификации во реализацијата на оваа апрограма на кој не може да му конкурираат не само агенциите од Македонија, туку и во регионов. Впрочем, студентите од Македонија нас нè избраа за СТУБРЕНД за 2016 година, како најдобра W&T агенција во Македонија, а во 2013-2014 година „Коузон“ беше избран за Супер бренд.



Освен програмата Work & Тravel нудите и многу други слични програми за работа. Што конкретно ќе понудите во 2017 година, кои се плановите за развој?
- „Коузон“ е компанија која има спектар на програми кои се поврзани со едукација, пракса и вработување на млади лица од Македонија и други 17 држави во кои работиме. Покрај Work & Travel програмата, имаме вработувања во Катар, Дубаи, Абу Даби, Бахреин, нудиме можност за летна студентска работа во Германија. „Коузон“ е познат по вработувањата за најголемите бродски компании т.н Cruises компании, но и по вработувања во Грција и Црна Гора.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме